Не сум точно сигурен за соновната појавност, но изгледа оти текстот што вчера го читнав од Вест, МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ МЕЃУ АНТИЧКОТО НАСЛЕДСТВО И НОВИТЕ МИТОВИ, може да има некаква врска со сонот што ноќеска го сонив. Сонот немаше име, ама ете оти мора некако да се именува, го крстив “Сонот за Александар“. Да не го изеде забот на времето, решив сонот да го споделам, да раскажам што сонив. Побргу да започнам, да не изветрее запаметеното. Еве го сонуваното:
Се наоѓам во голема долга просторија со наредена маса. Не е свадба, ама галамата и атмосферата ме потсетуваат на тоа. Бели чаршави, пепељари, прибор, чаши и возбуденост. Јас се шуткам горе-доле долж масата и не знам каде да седнам. Во еден момемнт Милчо Манчевски станува, се врти накај мене и ми вика “Ела Џаман, дојди седни тука.“ Инаку со Милчо во реалноста не се познавам. Сетики ова е сон.
Седнувам така до него и гледам во непосредна близина се заседнати Паско Кузман, Катарџиев, Ќулавкова, Ачкоска и ред други со големи глави. На чело на масата се наседнати од полтичката елита, Бранко, Грујо, Столе Андов и останатите важни политички човеци промешани со понекој банкар и олигарх. На другата страна не можев да го здогледам крајот на масата. Ниту пак можев конкретно да видам некое познато лице. Сепак, на таа страна имааше бајги народ.
На масата се нагаѓаше што ќе има за вечера. Муабетите се разжестија. Пилешко или прасечко, мешана салата или ордевер, супа или чорба. И токму кога ми се стори полно од неподносливата дилема и кога веќе се готвев да си заминам без послужената вечера, на челото стана Грујо. Ја дигна чашата за наздравување, “За Александар.“ Светлата се пригушија и фанфарите ја најавија вечерата. Ми стана интересно кога видов дека келнерите се познати новинарски фаци. Се растрчаа вдолж масата со послужавници полни со весело печено. Неклкумина од најпознатите новинарски фаци заеднички носеа масивен послужавник со коњсака глава. Онака пицнати, стегнати, со лептир машни околу вратовите, ја ставија главата пред Грујо со зборовите, “Премиере, како што доликува, за Вас главата од Букефал!“
Ми текна на статијата од Вест и го прашав Милчо, “Што мислиш, како се препознава кои се букефалисти на масата?“ Милчо не стигна да одговори оти веднаш се вмеша Кантарџиев, “По коњската глава се .. “ Ушите почнаа да му растат, лицето му се издолжи, се појави грива и не успеа до крај да одговори. Од карши Паско Кузман се насмеа и дофрли, “Не по коњската глава, по коњската опашка се .. “ и на него му се исчучулија уши, грива, опашка. На тоа присутните од масата почнаа да тропат со приборот. Едните почнаа да лупаат со вилушките по чиниите во знак на одобрување, а другите тропаа со лажиците во знак на негодување. Не можеше до крај да се препознае за што точно се препираат. Мислам оти беше за менито, за вечерата.
Моите уши не можеа да го поднесат тропањето. Ако тоа беше малку поусогласено, со барем малку ритам, можеби, ама вака .. вака излегов на терасата за да испушам една цигара. Всушност цигарата беше џоинт. Вовлеков неколку димчиња задржувајќи го здивот. Наеднаш се појавија неколкумина нововерци нудејќи ми брошури за новата вера. Најнова. Онака, брошурите беа супер средени и имаше некои работи за кои човек може баш да се фати, но се уште бев под влијание на случките од собата. Не ми беше до тоа и глатко ги откачив. Дури тогаш нововерците ми промрчија за џоинтот и веднаш знаев дека ќе ме пријават во полиција.
Уште еден дим и избегав од терасата. Барав место кај да го фрлам џоинтот за да се ослободам од доказот. Се упатив кон кујната. Ја турнав каубојски вратата, кога внатре има што да видиш. Караманлис се наведнал над Алесандар и му пришива грчки симболи по неговото безживотно тело. До Краманлис мирно стојат Бериша, Тадиќ и Прванов и повремено нешто му сугерираат. Ептен се изнервирав и се затрчав кон нив со намера да ги спречам во бездушното сецирање на Александар. Тие кога ме видоа така гневен се заграбаа по Александар. Кој рака, кој глава, кој тело, кој нога, и почнаа да бегаат. Јас трк по нив.
Овие трчаа брзо, неколку пати побрзо од мене. Сепак успеав да видам низ која врата шмугнаа. Стигнав до таму. Се прибрав, упристоив и полека ја потурнав вратата. Внатре беше темно и задушливо. На округлата покерска маса со зелена чоја седеа Обама, Путин, Меркел, Ху Џин.. , такви играчи. Зад чадот од пурите, зад грбот на покерашите се криеа овие што ги гонев во сонот. “АЈде, ајде, не криете се. Ајде сега сите, вадете се` што сте донеле“, им свикаа оние од масата. Бап, го истопорија Александар на масата. “Ајде, да не си играме криенка, вадете се` што оди со него“, инсистираа играчите од зелената маса. И бап, на масата се најдоа Букефал, долгото копје и штитот со сонцето од Кутлеш. Погледите заискрија.
Во следниот момент се слушна силно тропање на вратата. Нововерците и нивната полиција влегуваа од сите страни. Настана метеж. Пожар го зафати целиот комлекс. Во целата збрка успеав да го земам истоштениот Александар на рамо и зедно да побегнеме. Пожарот беше страшен. Сета земја гореше. Јас и Александар трчавме долго, долго. Во еден момент среде најсилните пламени јазици околу нас Александар застана и ме праша, “А Букефал, каде е?“ “Огнот го зема“, одговорив. “Ништо за тоа, нашите нозе сега се Букефал. А штитот со сонцето, каде е?“ “Огнот го зема“, повторно одговорив. “Ништо за тоа, сега сонцето тука ни е“, кажа Александар потупнувајќи ги градите. “А копјето?“ Ништо не проговорив. Смирено од неколку метри го пронижав Александар со остер поглед. Тој радосно ме погледна и благо климна со главата на дадениот одговор. Мојот сон за Александар заврши со погледот кон него. Пожарот стивнуваше. Легендата кротко заминуваше кон нејасаниот хоризонт.
Знаеш и јас еднаш сонував дека зборувам со Александар, коњот стои покрај него, а куќата е опколена. .. Се плашам дека не бев замолена да прашам некого за да ја напуштам собата. Не. Не бев прашана од никого во собата, дури ни од Букефал…Александар ми зборуваше на мене, а коњот слушаше ... чек чек, можеби беше вака ... јас слушав пред да прашам, а Александар и коњот зборуваа. Не,не,не…Јас бев замолена да запрашам… зошто никој од собата не смее да го праша Букефал да ја напушти собата… Или Александар беше тоа. Пред да ме праша коњот мене, никој не смееше без мое прашање да ја напушти собата…
)))))
[...] А целиот сон со филмско сценарио може да се прочита кај Џаман.от. [...]
Ooooo prijatele pa ti tuka si bil...ja se cudam sto nema postovi od tebe...kako i da e, ne ti e lesno tebe ako gi sonuvas ovie likovi. Jas na vremeto sekogas koga ke go sonev Putin, utre denta ispitot go polozuvav so visoka ocenka(a mnogu cesto pred ispiti go sonuvav) ili nesto dobro mi se slucuvase...decko mi prvpat vo zivot stana ljubomoren....a pozarot od joint-ot nastana by the way? A Ace koa bi znael kako se mnogu vekovi podocna ke se tepaat za nego i ona sto bil nekogas verojatno bi se pretstavuval pod razlicno ime kaj i da odel....Pozz:)
Здраво Катика! .. супер е она за сонетиот Путин и испитите .. ха, пожарот дали настана од џоинтот? е тоа е прашање за милион долари .. некои велат оти причината е џоинтот, некои велат оти пурите се причина, за некои Александар е причина за пожарот, за некои основна причина е појавата на нововерците .. има повеќе објаснувања, но од она како тоа го почувствував во сонот, знам оти јас и Ацо не бевме причина за пожарот