Препорака: 2014 во ЕУ?

Сите зборуваат или даваат препораки, па си реков “каде сите Турци таму и гол Асан“ да се препорача. Да започнам со една скромна информација:

Македонија и Грција делат заеднички интереси, а Атина има искрена намера и ќе се обидува постојано да бара евентуални варијанти за наоѓање на решение во спорот за името. Папандреу, кој е и шеф на грчката дипломатија, го повторил и предлогот за прием на сите земји од западен Балкан во Европската унија до 2014 година, со навршувањето на 100 години од почетокот на Првата светска војна.“ (извор Макфакс)

Дипломатскиот говор настрана, од веста ја издвојувам годината - 2014. Симболичната дата со стогодишнината од почетокот на Првата светска војна како крај на етничките конфликти и крај на војните на тлото на Европа не е новина. Во еден претходен запис ги изнесов постулатите на оваа идеја, разбрана како една од преферирарините варијанти на евроцентричните политички кругови претставени во ликот на Франк Бианчери (препорачувам да прочитате!). Всушност се работи за драфт, работна верзија, со вклучени принципи по кои ќе се решава пакетот Западен Балкан.

Има 4 предуслови:
- нема нови држави
- нема поделени држави
- нема обиди за вештачко одржување на мултиетничноста
- на балканските народи е да се договорат, со помош на ЕУ


Но, паметите ли кога за прв пат се појави терминот Западен Балкан? Владимир Глигоров во месечникот август-септември 1999 година на Виенскиот Институт ќе каже дека името на Западниот Балкан се употребува од страна на ЕУ за да ја одреди групата земји кои ќе бидат субјект на регионалниот пристап на самата Европска Унија. Дополнителнoтo гугл пребарување со ова значење за терминот Западен Балкан  досега најдалеку до јануари 1999 година, неколку месеци пред војната за Косово. Зборот ми е, бенчмаркови, одредници, достигнувања се една рака, а пристапот кон решавањето на проблематичните прашања на одредени земји и региони се друга рака. Претпоставувам дека не е премногу тешко при ракувањето да погодите која рака е одозгора.

За тоа што ново се случува на западниот Балкан доволно ќе биде малку да се внимава на вестите што доаѓаат од Босна и Косово, како најтешки западнобалкански случаеви за решавање. Како пример, Милорад Додик неодамна ќе изјави дека Босна е неодржлива држава, башка, може да прочитате низ балканскиот печат дека на некој преговори за уставни промени во Бутмир се раскарале претставникот на ЕУ и САД заради вметнувањето во последен момент на дополнителен текст на мадам Олбрајт во завршниот работен предлог.

Значи, покрај симболичниот датум како работен краен рок, покрај циркулирачките работни верзии од етаблирани политички актери, покрај актуелизирањето на субјектот за решавање, Македонија потполно “независно“ добива препорака заради забележаните постигнувања и напредок, со мал поттик да се реши прашањето на името.

Пред соголената препорака, само уште една работа. Во 2001-ва во француски Ле Монд може да се прочита авторско мислење дека македонскиот конфликт не е хомеопатија, туку прецизен хируршки зафат. Хируршкиот зафат во 2004 со законот за територијална поделба добива копчи на претходно отворената рана (три сликички: 1. англискиот г-дин на скалите од македонското собрание јавно го навива часовникот кој покажува иднина и минато 2. прва работна задача и параф на Буш откако се разбудил по лудата инагурациска забава беше признавањето на Република Македонија, случајно на два дена пред тогашниот референдум  3. лесна му земја на Трајковски што падна летајќи во густа магла, најверојатно мислејќи во тие последни мигови како да го усклади територијалниот закон со уште еден претседателски мандат).

Тргнувајќи од европскиот пристап за пакет регинално решение за Западен Балкан, и земајќи го во предвид американскиот ервоаталантски поглед на светот кој на Блаканот знае во последна секунда да допишува анекси, како и желбите на граѓаните на Македонија за подобар материјален стандард и услови за живот со приклучувањето кон ЕУ, но не занемарувајќи ги поедните ретроградни националистички аспирации како и кревкиот етно соживот, се препорачува .... ... ... .......... .. ...... .. ... .. ...... .. .. , . .. федерална ...... .. .... ЕУ .... ..... .. ..... ... .. северна ...... .. ... .. ....... .. Македонија.


Tags: , , , , ,

Leave a Reply