Илузијата е погрешно восприемање на реалноста. Илузија е погрешен концепт или верување. Илузија е нешто, како фантастичен план или желба, кое предизвикува погрешно верување или перцепција. Може и вака да дефинираме, илузијата е пореметување на сетилното согледување или перцепција. Било кое од човековите сетила може да биде измамено од илузија, но визуелните илузии се најпознати. Илузијата е субјективна работа, кај некој луѓе некој илузии не проаѓаат. Во суштина зависи од тоа како ви е поврзанa невронската мрежа во главата, но воглавно илузијата го експлоатира востановениот, по некој постојани патеки, начин на перцепција т.е. работа на мозокот. Вредно е да се каже дека мозокот работи така како што работи, нормално и полезно, затоа што тоа е најефективниот начин на работа за најголемиот број на задачи пред кои е изложен во секојдневието. Визуелните илузии, можни се и‘ звучни, допирни и други, се несекојдневни финти кои може да го мамат мозокот. Да илустрирам со некој примери, кои се популарни и можеби сте ги сретнале на нетот.
Кругови кои се движат, или пак не?

Каде е црвената точка во Некеровата коцка, напред или позади?

Хермановата мрежа, избројте ги црните точки!

Вечно по скалите угоре!
Шепардовиот тон вечно по скалите на слухот.
Можеби скате да го погледнете клип1 (пробајте да запазите на клипот нешто се додава или брише), или клип2 (нешто на клипот менува боја).
Да направиме разлика помеѓу халуцинација, која е сетилно искуство во одсуство на стимуланс, сетилен објект, и илузија, која е погрешно доживување на вистински сетилен објект. Ако се префрлиме во општествениот, социјалниот, па и психолошкиот простор на илузиите, може, наместо интерес, отвореност и забава, да се налета на ригидност, затвореност и отпор. Општествените илузии се нашите заблуди, ирационалности, самоизмами кога го восприемаме животот и релациите во општеството. На општесвениот и социјалниот простор, самите единици мерки и параметри по кои се рационализира, се предмет на заблуда. Во овој општествен и социјален простор нема место за халуцинации, самиот граѓанин е објект и субјект на културолошкото сетило. Во последните 15 години на транзиција, општествените илузии, погрешните восприемани реалности, сите ги чувствуваме на сопствената кожа, дури и кога материјално и лично сме задоволни. Исклучување и тотална изолација од општествените и културолошките релации е невозможно.
Доминатната општествена критика оди по линијата општество-политика-интереси-личности. Без да го намалам значењето на оваа линија на критика, и јас ја практикувам, немаме посериозни обиди на генерално ниво, да ги одвоиме општествените илузии и заблуди како засебен проблем, кој според мене е поголем проблем на општеството од предходната линија на односи. Без разбивање на општесвените илузии немаме можност за системска интервенција во хиерархијата, распределбата на колачот и социјалната хармонија на општествената реалност. Можеби е добро да се направи паралела на општествените илузии со илузиите во психијатриската терминологија, каде илузиите се цврсто верување во нешто невистинито. Овие ирационални верувања во психијатријата се дефинираат како верувања кои го реметат нормалното резонирање и остануваат цврсти дури и кога пред пациентот се изнесуваат очигледни и несоборливи докази. Медицински овие психолошки илузии, една или комбинација од повеќе, може да се категоризираат како: прогонување (манија на следење и прогонување), грандиозност (прекумерно чувство во сопствената вредност), љубомора (ирационално верување дека партнерот или некој значаен е неверен), еротоманија ( верување дека друга личност, најчесто непознат, е заљубен во нив), соматика ( илузија дека нешто физички е погрешно со нив), мешано ( миксови од повеќе илузии). И додека ви доаѓаат асоцијации, оставам простор секој сам да воспостави дијагноза за нашите општествените илузии.
Tags: визуелна, востановена, звучна, мозок, патека, халуцинација
