Виртуелниот уметник Шизомир Паранојевич Психотин за ..


СТАРОМАКЕДОНСКИТЕ НОВОБОГАТАШИ

Нивните салони се сурови и страшни за деликатните персони од вкус. Ракијата што ја пијат убива стаорци, а дискурсот им е повеќе како ономатопеја на расипано радио. Естетиката им е грда и наивна, но тие си се чувствуваат „супер“ во овој народнички кич. Најмногу од се ја ценат територијата и купуваат големи површини земја надвор од градот, до кој се стига по чудни едвај проодни патчиња. Сакаат од висината на планините и брдата да гледаат кон градот, кон гетата и приградските села од кои успеале да се измолкнат. Тоа среќно бегство и го должат на интелигенцијата со која се обилно надарени и на која се горди. За нив качувањето на брдата и ѕидањето камени цитадели е врв на успехот што може човек од нивната класа да го постигне. И тоа е основната придобивка за родот што ќе уследи. За префинетите дејности ќе се грижат наследниците, а за старомакедонските новобогаташи најбитно е да се заграби што поголемо богатство и земја. И да се изградат замоци со големи ѕидови. Достојни на империјата.




НОВОМАКЕДОНСКИТЕ СТАРОБОГАТАШИ


Нивните предци - чеда на револуцијата го стекнаа богатството со пиштол, веднаш откако ја превземаа власта од богатите. Тоа го направија брзо и тивко, како да се работи за убивање животни. Потоа почнаа да ја разбираат илузорноста на револуцијата и власта, и решија да се врзат за потрајни вредности како што се материјалните богатства. Така станаа токму она против што се бореа, но за разлика од нивните претходници - чорбаџиските капиталисти, овие станаа богати
со убиства, кои вешто ги криеја од народот кој знаеше се, а се правеше дека не знае ништо. Нивните потомци, воспитувани да не прашуваат за минатото, а да гледаат во светлата иднина продолжија со таложењето богатства и со раскошниот живот. Нивните манири се подобрија, културата им стана рафинирана и ексклузивна. Кризите на државата им проаѓаа како гладијаторски игри, а тие беа исполнети со дистанца и индигнација во нивните сигурни ложи. Нивните салони се последните оази на добриот вкус. Сепак стравот од вртењето наназад во минатото ги прави ординарни снобови без племство, обични игноранти уплашени од вечното минато.



ПОЛИТИКА

Историјата на политиката е историја на пропаднати илузии. Дури и некој процес да потраел со повеќедецениски просперитет, сепак со време теоријата на конспирација ќе го расклинка и сведе на мизерни димензии. Пред се на морален план. Сепак ако за нешто политиката е заслужна, тогаш е тоа за титанските усилби што ги вложува за опстанувањето на митот за праведноста. Тој мит за правдата, еднаквоста и братството не е творба на јакобинците, тоа е прастара прикаска која повторно и повторно се активира кога се руши стариот поредок. Предводниците на новиот поредок кој зацарува врз руините на стариот бараат компонента на оправданост, еден вид алиби што се поставени на позицијата на „непожелната“ власт и тоа како нужност за подобрување на општата состојба, еден вид месијанство и ветување, еден нов почеток, едно ресетирање и амнезија. Инаку и најдоблесната идеја процесирана и практицирана низ политиката добива карикатурални својства.



Виртуелен уметник - Шизомир Паранојевич Психотин

Tags: ,

Leave a Reply