Мојот претходен запис е класичен пример на контрапропаганда на катадневното бомбардирање со несушествени вести и изјави од безмалку сите медиуми. Ако прашате - зошто? Одговорот - неопходно е некој и тоа да го прави. На второто зошто ќе појдам одоколу. Преку економијата.
Ambrose Evans-Pritchard во Телеграф ќе напише:
Economics should never be treated as a science. Its claims are not falsifiable, which is why economists can disagree so violently among themselves: a rarer spectacle in science, where disputes are usually resolved one way or another by hard data.
It is a branch of anthropology and psychology, a moral discipline if you like. Anybody who loses sight of this is a public nuisance ...
Веќе на неколку наврати изнесував дека економијата не е наука, во контраст со природните науки. Томас Кун со неговата природа на научните револуции мошне добро ги забележува и презентира критериумите на “научноста“, кои потоа ги превзема и прилагодува на општествен терен Карл Попер во неговото отворено општество. И да не остане низата куса, на неа се надоврзува Џорџ Сорос со неговата пазарна рефлексивност на полето на економијата. Но веќе пишував нешто за тоа, па да се послужам.
Од поперовото отворено општество како извориште на идеите во писанијата на Сорос во новата книга фокусот е на рефлексивноста (reflexivity) видена кај финансиските пазари. Накратко, концептот на рефлексивноста кажува дека индивидуалните инклинации на индивидуалните играчи на пазарот отенцијално ги менуваат фундаментите на она `идеално` пазарно функционирање. Или погрешните перцепции на економските учесници на едно место може да доведат до реални перцепции за економските показатели на друго место со што се прави засилувачка повратна врска која доведува до финансиски балон кој неизбежно ќе дојде до состојба на нестабилност поради фаличноста на почетната перцепција. Ова објаснување може да биде примамлива интелектуална мамка за понекој финансиски сом, иако рака на срце во себе вклучува достаточно интересни поставки и разработки од кој има што да се научи. Но додека Сорос, човекот што ја скрши британската фунта, во финансискиот дел ќе се држи за концептот на рефлексивноста, во општествените размисли тој говори за фалинката на отвореното општество дефинирана како “постмодрен идиом“.
Вака ја објаснува фалинката, “Политичкиот дискурс не е задолжително насочен во потрага по вистината. Му верував на Попер и ги направив тие грешки поради нашата преокупација со потрага по вистината. За среќа, овие грешки не се фатални затоа што основата за критичкото мислење останува нечепната и овие грешки може да се поправат. Треба да се признаат разликите помеѓу природните и општествените науки.“ и следното “Постмодерниот однос кон реалноста е многу поопасен. И додека тој открадна добро парче од Просветленоста со откритието дека реалноста може да се манипулира, тој не ја признава потрагата по вистината како неопходност. Последователно, тоа овозможува манипулацијата на реалноста да остане неспречена. Зошто е тоа опасно? Затоа што во отсаство на соодветно разбирање резултатите од манипулацијата може да бидат радикално различни од очекуваното.“
Збиено, Сорос е голема лисица и велемајстор на финасиските пазари, воопшто не греши со делувачката рефлексивност на пазарите, но по дифолт нема чесни намери. Напросто, затоа што не е отворен со отвореното општество кое наводно му при срце. Да бидам поразбирлив, со падот на пазарите пред две години паднаа и дотогаш актуелните теортски поставки на економската теорија базирана на пазарната ефикасност. Или како што вели Макс Кајзер,
George Soros’ ‘Reflexivity Theory’ rules. In short, prices change perception and since most trading is done based on perception the case for fundamental analysis goes out the window. Example: dot coms in 2000. Into this mix add the fraudsters on Wall St. who manipulate prices – not to make or lose money per se – but to manipulate perceptions. We saw this in 2008 when stock prices were manipulated by Wall St. to give the impression that the banking sector was about to collapse. The government acted on that perception and handed trillions over to the fraudsters. The same can be said of rigged polling results. Changing the perception of the public mood can change the outcome. Because people act based on perception, not reality.
Значи, во економијата, кај финасиските пазари, промената на перцепцијата на јавното мислење, едноквоважечки со стручното мислење, доведува до поинакви пазарни резултати. Но истото се однесува на општествениот живот, политичкиот, што е далеку попримечиво и полесно за разбирање отколку олимписките облаци на теоретските височини каде се затскрива економијата. Барем во перцепциите на обичниот граѓанин сите оние формули и скапи одела одаваат впечаток за тешка и непристапна дисциплина. Луѓето дејствуваат во однос на перцепцијата, не со реалноста. Реалноста може да се совпаѓа со перцепциите, но во општества на симулакруми, хммм.
По овој калабалак на цитати и мисли, се наметнува прашањето - како тоа Сорос може да ја разбере рефлексивноста на финансиските пазари, за успешноста говори неговото дебело салдо, да ја применува долги години, повторно говори салдото, додека имал проблеми и погрешни уверувања во однос на општествената и политичката примена на рефлексивноста, или, можноста за маниупулации со перцепциите и резултатите.
Но да го оставам сега Сорос, кој е одличен употребен пример за перцептивните манипулации и да се впуштам на домашно тло. Во веќе линканиот џамански запис ќе видите дека и Груевски, или неговиот кабинет за перцептивни манипулации, веќе од поодамна ги совладал и обилно се служи со истите техники. Не кажувам пропагандно биро затоа што пропагандата е само зачестена манипулација по селектирани прашања со точно избрани дејствителни наративно-симболички објекти. Во распонот на селектираната контрапоставеност на двата габаритни блока кои ги користат истите техники особено ми причинува задоволство да правам провокативна контрапропаганда по прашањата каде тие се преклопуваат и имат заеднички интереси. ЕУ и НАТО, на пример. Се разбира дека постојат блоковски разлики, перцепции за нив, кои се ефемерни и странични, но кога се делува на востановеното перцепционо јадро одговорот најчесто е молк, или обид за префрлање и враќање на прашањето повторно кон ефемерноста.
На момент да ги сметнеме од ум домашните пол. закачки со бомбастичната невработеност од 24/7 Вол Стрит, не заради некаква критика на истегањето од двата доминантни политички табори каде со гаусовата распределба на полувистини би се позиционирала понудата на третата опција. Да се обидеме да ја сметнеме од ум вртењето на статистичкиот волан каде забецот од статистичкото тркало ќе покаже на одредена сума, цифра, бројка невработени. Податоците не се вредни самите за себе. Ним им е потребен контекст за да отскријат вистината и реалната состојба.
Перцепциите за состојбата на светската економија видно се изменија од почетокот на глобалната економска криза во 2008 година при што изнудуваат барања за нови општествени и економски интерпретации. Многу од најчесто користените пристапи, како што се марксистичките или либералните, веќе не одговараат на условите во кои се наоѓаме. Истото важи за економските теории и методи. Неолибералната логика е во ќор-сокак. ЕУ и САД се во ќор-сокак. Како увид, нобеловскиот кејнзијанизам на Кругман од Њу Јорк Тајмс кај економските блогови го менува местото за потсмев со до вчера забаталените либертаријански ставови на Рон Пол.
Симптоматично е што обата домашни блока можат да ја регистрираат сериозноста на овој прекршлив моментум, но никако не се подготвени за посериозни интерпретции, камо ли акции, туку веднаш го вкалапуваат во нивните веќе воспоставени мантри. Тие не смеат да им кажат на граѓаните што се случува. Власта е принудена да бара начини со кои ќе се преправаат дека нема криза и дека со некоја среќа економијата ќе се саморегулира се додека по некое време не се случи заздравување на светскиот финансиски систем. Можеби ќе бидеме помалку погодени од другите. Опозицијата во критиките воглавно се концентрира на изнаоѓање виновник во персоналитетите на власта. Нема абер од разбирање на сериозноста на состојбите. Можеби се нудат одредени технички решенија, или нешто сосема неприменливо но атрактивно за перцепцијата на граѓанинот, но дури и во тие работи ја покажува стандардната некадарност. Но опозицијата знае дека сечењето црвена лента од дунстерската градска плажа не може да ги избрише црвените салда на сметките од граѓаните и претпријатијата. Знае дека ситниот песок соодвествува со ситнежот по паричниците, и оттука е погонот на митингашката масовност.
Тие не смеат да им кажат на граѓаните што се случува. Долго потхрануваните и манипулирани перцепции за пристоен и богат живот се апсолутна категорија. Затоа што ако им кажат на граѓаните тоа сигурно ќе продуцира очај, по очајот гнев, и потоа сме на само чекор до хаос. А секако би требало. Вистината ослободува и луѓето треба да знаат. Треба да очекуваат и да знаат дека се при памет. Но доколку им ја кажат на граѓаните сериозноста на кризата, обемот и длабочината на последиците, тие треба да понудат и решенија. Тоа е перцепцијата. А решенија немаат, ниту власта, уште помалку опозицијата. Немаат ниту план.
Холандскиот VPRO Tegenlicht пред десетина дена ја постави на увид кризта на западната либерална демократија, Агенда 2010: Живеење во крајните времиња според Славој Жижек. Уредниците го бомбардираат “Елвис на културната теорија“ со тазе слики од современиот свет со кои се допираат четирите главни теми во емисијата: економската криза, екологија, безбедносната криза и Авганистан и кризата на демократијата.
Првин малку за Жижек. Мариборчанин, истиот што ги аплоудираше видеата на ЈуТјуб, дава една препорака како треба да се чита Жижек.
Жижек прво директно на отворен начин развива одредена теоретска линија, со сите нејзини осцилации и слепи улички, и потоа преминува кон кодензација на резултатите до прецизност, своевидни компресирани формули. Во суштина, Жижековите предавања и книги се однесуваат како дискурсот на аналитичарот и анализираниот за време на третман. При предавањата, Жижек се однесува како анализираниот: тој слободно “другарува“ со, импровизира, прескокнува и скока, се обраќа кон публиката, која на тој начин е ставена во одредена улога на колективен аналитичар.
Ќе протрчам низ видео содржината. Познатиот инвеститор Џим Роџерс преку мулти екраните вели дека имаме недостаток на капитализам со што на дело во Западниот Свет имаме државен интервенционизам во форма на замаскиран социјализам, та дури комунизам, значи не во својата прокламирана идеолошка парадигма, туку по механизмите. Жижек тоа веднаш го отфрла. Токму напротив, по него, проблемот лежи во самиот систем на глобалниот капитализам, а овие ставови ги споредува со оние на фундаменталистите кои секогаш инсистират на изворните принципи, кои сите грешки и искривоколчувања ги врзуваат со застарнувања од првичните замислени појдовни постулати. Интересна е тукашната Блогерај паралела карактеристично застапена од комплементарните антиподи и кои љубат меѓусебно да полемизираат, обично неуспешно - блогот на Мара и блогот Капитализам. Она каде грешат е дека во многу нешта светот не е на истотот место од пред 150 години, но иљачот упорно се бара во држењето до чистиот капитализам, или антиподот, чистиот марксизам, без да се занемарат одредени вистини кои истите ги нудат.
Марк Фабер ни презентира темно сценарио со кое идните неминовни зголемени даноци ќе ја колабираат низ хиперинфлација економијата на САД и глобалната економија. Жижек не ја отфрла можноста за исход од едно такво сценарио, но, повторно, го пренесува фокусот на неговите мисли кон системот кој всушност ги произведува овие противречности. Истото се однесува и во барањето вина кај психолошките слабости на поедници, или воопшто современиот човек. Тоа се дефокусирања кон продуктите на системот, наместо кон системот, и кои се лесни и погрешни странпатици во проблематиката.
Всушност, оваа линија на Жижековиот интелектуален перформанс продолжува во однос на следните понудени прашања за екологијата, енергијата и за безбедносните прашања. Дури, ми се чини, колку поблиску се до него природните сојузници, во смисла на прокламираниот и посакуван комунизам со кој повремено се идентификува, толку тој станува побрутален. Бруталност која цели на разбивање на препознаените од него илузии. Жижек, оди до таму, повикува на целосно отфрлање на приодата. Ако Владимир Вернадски зборуваше за геосфера-биосфера-ноосфера, блиску но сепак далеку, Жижек радикализира со редефинирање во разбирањето на имиџите за геолошките времиња - од палоцен до антропоцен.
И да прејдам на кондензатот, лоциран во последните две видеа. Круцијалното прашање произлегува од препознаената состојба во современото општество на “беспокој од либералната демократија“ како елемент од глобалниот капитализам, тука донесен, со негови зборови, од убавиот наслов на Фројдовото дело „Das Unbehagen in der Kultur.“ Во центарот на либералната демократија од западен происход, Жижек, ги сместува политичките актери на демохристијанската десница и либералните социјалдемократи. Тие се политичките актери, удобно сместени популарни дрматори од актуелниот систем, и тие се генераторите на овој препознаен беспокој.
Кои општествено-политички сили ќе понудат одговор на овој препознаен немир? Жижек, тврди, дека тоа ќе биде крајната популистичка десница, додека, бунтува за отсаството на било каков видлив одговор на екстремната левица. Тој тука ја препознава главната опсаност и жестоко го критикува делувањето на современата левица, која со својата лежерност и неразбирање на подлабоките состојби во општества, всушност, им помага, и дури ги продуцира, овие непосакувани пројавувања на крајната десница.
Иако не ги гледа ниту ги препознава контурите на едно вакво левичарско мас-движење, сепак, Жижек, укажува каде тоа треба да се бара - вон државата и вон пазарните односи, со една препорачана карактеистика за висока социјална дисциплина. Како највидлива за западниот човек, тврди, ја препознава италијанската варијанта на “Гручо Маркс - авторитаризам“ олицетворена во ликот на Силвио Берлускони. За крај, Славој Жижек е категоричен во проспектите на западните општества, или Гручо тоталитаризам ала Берлускони или новиот комунизам, не заборавајќи преку формата на двојна негација да не потсети и да се заблогодари на холандските тв уредници за отстапениот простор за пропаганда.
Е сега малку од сопствениот шмек поглед. Зошто Жижек и зошто со ова? Без разлика што не сум негов голем фан, и веројатно нема да бидам, Жижек прецизно ја фокусира политичката жижа. Тука моите разлики повеќе се во формулациите, претставите. Тие разлики произлегуваат од погледот во вклучување и приоритизација на поинакви влезни елементи, но она што Жижек го нуди како кондензат за состојбата на општествено-политичката сцена цели токму во центарот на метата.
Зачудувачко е поклопувањето со пресликување во домашните состојби. Иако не е возможно занемарувањето на одредени наши специфики, како притисокот и замешателството од надвор за промена на името, геополитичкиото регионално втурнување и обликување на опшетството во формулата Западен Балкан, или внатрешната меѓуетничка поставеност во македонското општество, сепак, доколку се направи занемарување, контурите упатуваат на функционирање по моделот на едно вака формулирано западно општество. Блиско е препознавањето на двата носечки политички блока кои имаат единствено шминкерајски разлики во однос на системските фундаменти од глобалниот капитализам. Мало врдање се приметува кај десницата, и тоа повеќе во реториката, но безмалку непостоечка во делувањето кое би преиспитувало понешто од основите на глобалниот капитализам.
Жижек во својата улога етикета на “рок ѕвезда“ вешто си игра со трендот на се поголемата шупликавост на државата и испразнестост од нејзинате историски функции кои датираат со Договорот од Вестфалија. Но тој не оди во подлабоки анализи за причините, туку се задржува повеќе на појавноста на идниот Гручо Маркс - авторитаризам. Именувањето кое е поблиску до содржината, до појдовната есенција на овие политички појави, за мене поблиску може да се формулира преку - еко авторитаризам -, или во друга варијанта - пријателски фашизам. Можеби како “Елвис на културолошката теорија“ му приличи на Жижек анимацијата на публиката со цел да го привлече, задржи, и насочи, нејзиното внимание на допадлив начин за постојано да акцентира со кондензатот од сопствените размисли, немам ништо против, но доблесно е да нотирам дека кај него изостанува причинската анализа. Без неа нема ниту потпорни точки на кои би можеле да се обликуваат контурите на реално возможните излези, па нека се тие и предикатни во својата појдовност. Впрочем неможноста за согледување на контурите, барем низ јавниот настап, тој самиот ја потврдува, со што можеби Жижек сака да ја омекне стикер етикетата на “најопасниот филозоф на Западот“ - малку да шпекулирам
И ако се придржуваме до препораките на Жижек, за новото општествено движење кое треба да одговори на системската криза вон државата и вон пазарот, лесно се согледува исклучувањето на постоечкиот невладин сектор кој вообичаено се движи по системската магистрала омеѓена со странски или домашни донации. Оттука, килавоста и беззабието на левичарската идеолошка понуда, на домашен терен таа нема сили ниту политички да се етаблира туку љуби да игра преку невладиниот сектор, која не допира до поширокото граѓанство, можеби, се должи на нивната несоодветна реална применливост во современите општества на спектакли и циркусијади, каде десницата задира во подлабоката страта на идентификација, стравови и надежи. Уште повеќе, во видеото беше посочено, десницата дури превзема дел од левичарскиот вокабулар за свои потреби истиснувајќи ја на просторот на маргиналните културолошки прашања, како геј права или малцинства, додека десницата кај себе ги превзема класните прашања, па дури и екологијата.
Повикот, и потребата, на Жижек за ново радикално левичарско движење сигурно е упатен кон некого. Кому? Директниот одговор би можел да биде: кон неговата публика која предоминантно е интелектуална и академска публика со левичарска ориентација, но индиректниот одговор би можел да се препознае во продуктот од темните облаци кои се наѕираат на хоризонтот. Темните облаци ги нема во временската општествена прогноза, но Жижек не е единствениот кој ги најавува. Нивен продукт ќе биде масата на невработени и маргинализирани, обеспокоени и немирни. Тоа се идните приврзаници, подржувачи или членови на секое масовно движење, па и на екстремната десница.
И да не должам, се надевам дека доволно разбранував за размисла. Меѓудругото, овој запис би можело да биде одговор на тоа зошто на блогов нема да има записи со политичко-општествена тематика поставени во контекст на актуелната пардигма. За автори и мислители од типот на Жижек ќе се најде време и простор Но ова би можело да биде и одговор на прашањето зошто пермакултура? и зошто Ризом? Жижек сигурно го има интелектуалниот и материјалниот луксуз за поигрување, но многумина, каде припаѓам и јас, тоа го немаат. Подигнатата градинарска лопатка и организираната нехиерархиска ризом мрежа на самостојни јазли од поединци за мене претсавува потреба. За сега таа не е ургентна, но онака како го согледувам светот од ова место и од ова време, сепак ќе биде потреба.