Првин малку за Жижек. Мариборчанин, истиот што ги аплоудираше видеата на ЈуТјуб, дава една препорака како треба да се чита Жижек.
Жижек прво директно на отворен начин развива одредена теоретска линија, со сите нејзини осцилации и слепи улички, и потоа преминува кон кодензација на резултатите до прецизност, своевидни компресирани формули. Во суштина, Жижековите предавања и книги се однесуваат како дискурсот на аналитичарот и анализираниот за време на третман. При предавањата, Жижек се однесува како анализираниот: тој слободно “другарува“ со, импровизира, прескокнува и скока, се обраќа кон публиката, која на тој начин е ставена во одредена улога на колективен аналитичар.
Ќе протрчам низ видео содржината. Познатиот инвеститор Џим Роџерс преку мулти екраните вели дека имаме недостаток на капитализам со што на дело во Западниот Свет имаме државен интервенционизам во форма на замаскиран социјализам, та дури комунизам, значи не во својата прокламирана идеолошка парадигма, туку по механизмите. Жижек тоа веднаш го отфрла. Токму напротив, по него, проблемот лежи во самиот систем на глобалниот капитализам, а овие ставови ги споредува со оние на фундаменталистите кои секогаш инсистират на изворните принципи, кои сите грешки и искривоколчувања ги врзуваат со застарнувања од првичните замислени појдовни постулати. Интересна е тукашната Блогерај паралела карактеристично застапена од комплементарните антиподи и кои љубат меѓусебно да полемизираат, обично неуспешно - блогот на Мара и блогот Капитализам. Она каде грешат е дека во многу нешта светот не е на истотот место од пред 150 години, но иљачот упорно се бара во држењето до чистиот капитализам, или антиподот, чистиот марксизам, без да се занемарат одредени вистини кои истите ги нудат.
Марк Фабер ни презентира темно сценарио со кое идните неминовни зголемени даноци ќе ја колабираат низ хиперинфлација економијата на САД и глобалната економија. Жижек не ја отфрла можноста за исход од едно такво сценарио, но, повторно, го пренесува фокусот на неговите мисли кон системот кој всушност ги произведува овие противречности. Истото се однесува и во барањето вина кај психолошките слабости на поедници, или воопшто современиот човек. Тоа се дефокусирања кон продуктите на системот, наместо кон системот, и кои се лесни и погрешни странпатици во проблематиката.
Всушност, оваа линија на Жижековиот интелектуален перформанс продолжува во однос на следните понудени прашања за екологијата, енергијата и за безбедносните прашања. Дури, ми се чини, колку поблиску се до него природните сојузници, во смисла на прокламираниот и посакуван комунизам со кој повремено се идентификува, толку тој станува побрутален. Бруталност која цели на разбивање на препознаените од него илузии. Жижек, оди до таму, повикува на целосно отфрлање на приодата. Ако Владимир Вернадски зборуваше за геосфера-биосфера-ноосфера, блиску но сепак далеку, Жижек радикализира со редефинирање во разбирањето на имиџите за геолошките времиња - од палоцен до антропоцен.
И да прејдам на кондензатот, лоциран во последните две видеа. Круцијалното прашање произлегува од препознаената состојба во современото општество на “беспокој од либералната демократија“ како елемент од глобалниот капитализам, тука донесен, со негови зборови, од убавиот наслов на Фројдовото дело „Das Unbehagen in der Kultur.“ Во центарот на либералната демократија од западен происход, Жижек, ги сместува политичките актери на демохристијанската десница и либералните социјалдемократи. Тие се политичките актери, удобно сместени популарни дрматори од актуелниот систем, и тие се генераторите на овој препознаен беспокој.
Кои општествено-политички сили ќе понудат одговор на овој препознаен немир? Жижек, тврди, дека тоа ќе биде крајната популистичка десница, додека, бунтува за отсаството на било каков видлив одговор на екстремната левица. Тој тука ја препознава главната опсаност и жестоко го критикува делувањето на современата левица, која со својата лежерност и неразбирање на подлабоките состојби во општества, всушност, им помага, и дури ги продуцира, овие непосакувани пројавувања на крајната десница.
Иако не ги гледа ниту ги препознава контурите на едно вакво левичарско мас-движење, сепак, Жижек, укажува каде тоа треба да се бара - вон државата и вон пазарните односи, со една препорачана карактеистика за висока социјална дисциплина. Како највидлива за западниот човек, тврди, ја препознава италијанската варијанта на “Гручо Маркс - авторитаризам“ олицетворена во ликот на Силвио Берлускони. За крај, Славој Жижек е категоричен во проспектите на западните општества, или Гручо тоталитаризам ала Берлускони или новиот комунизам, не заборавајќи преку формата на двојна негација да не потсети и да се заблогодари на холандските тв уредници за отстапениот простор за пропаганда.

Е сега малку од сопствениот шмек поглед. Зошто Жижек и зошто со ова? Без разлика што не сум негов голем фан, и веројатно нема да бидам, Жижек прецизно ја фокусира политичката жижа. Тука моите разлики повеќе се во формулациите, претставите. Тие разлики произлегуваат од погледот во вклучување и приоритизација на поинакви влезни елементи, но она што Жижек го нуди како кондензат за состојбата на општествено-политичката сцена цели токму во центарот на метата.
Зачудувачко е поклопувањето со пресликување во домашните состојби. Иако не е возможно занемарувањето на одредени наши специфики, како притисокот и замешателството од надвор за промена на името, геополитичкиото регионално втурнување и обликување на опшетството во формулата Западен Балкан, или внатрешната меѓуетничка поставеност во македонското општество, сепак, доколку се направи занемарување, контурите упатуваат на функционирање по моделот на едно вака формулирано западно општество. Блиско е препознавањето на двата носечки политички блока кои имаат единствено шминкерајски разлики во однос на системските фундаменти од глобалниот капитализам. Мало врдање се приметува кај десницата, и тоа повеќе во реториката, но безмалку непостоечка во делувањето кое би преиспитувало понешто од основите на глобалниот капитализам.
Жижек во својата улога етикета на “рок ѕвезда“ вешто си игра со трендот на се поголемата шупликавост на државата и испразнестост од нејзинате историски функции кои датираат со Договорот од Вестфалија. Но тој не оди во подлабоки анализи за причините, туку се задржува повеќе на појавноста на идниот Гручо Маркс - авторитаризам. Именувањето кое е поблиску до содржината, до појдовната есенција на овие политички појави, за мене поблиску може да се формулира преку - еко авторитаризам -, или во друга варијанта - пријателски фашизам. Можеби како “Елвис на културолошката теорија“ му приличи на Жижек анимацијата на публиката со цел да го привлече, задржи, и насочи, нејзиното внимание на допадлив начин за постојано да акцентира со кондензатот од сопствените размисли, немам ништо против, но доблесно е да нотирам дека кај него изостанува причинската анализа. Без неа нема ниту потпорни точки на кои би можеле да се обликуваат контурите на реално возможните излези, па нека се тие и предикатни во својата појдовност. Впрочем неможноста за согледување на контурите, барем низ јавниот настап, тој самиот ја потврдува, со што можеби Жижек сака да ја омекне стикер етикетата на “најопасниот филозоф на Западот“ - малку да шпекулирам
И ако се придржуваме до препораките на Жижек, за новото општествено движење кое треба да одговори на системската криза вон државата и вон пазарот, лесно се согледува исклучувањето на постоечкиот невладин сектор кој вообичаено се движи по системската магистрала омеѓена со странски или домашни донации. Оттука, килавоста и беззабието на левичарската идеолошка понуда, на домашен терен таа нема сили ниту политички да се етаблира туку љуби да игра преку невладиниот сектор, која не допира до поширокото граѓанство, можеби, се должи на нивната несоодветна реална применливост во современите општества на спектакли и циркусијади, каде десницата задира во подлабоката страта на идентификација, стравови и надежи. Уште повеќе, во видеото беше посочено, десницата дури превзема дел од левичарскиот вокабулар за свои потреби истиснувајќи ја на просторот на маргиналните културолошки прашања, како геј права или малцинства, додека десницата кај себе ги превзема класните прашања, па дури и екологијата.
Повикот, и потребата, на Жижек за ново радикално левичарско движење сигурно е упатен кон некого. Кому? Директниот одговор би можел да биде: кон неговата публика која предоминантно е интелектуална и академска публика со левичарска ориентација, но индиректниот одговор би можел да се препознае во продуктот од темните облаци кои се наѕираат на хоризонтот. Темните облаци ги нема во временската општествена прогноза, но Жижек не е единствениот кој ги најавува. Нивен продукт ќе биде масата на невработени и маргинализирани, обеспокоени и немирни. Тоа се идните приврзаници, подржувачи или членови на секое масовно движење, па и на екстремната десница.
И да не должам, се надевам дека доволно разбранував за размисла. Меѓудругото, овој запис би можело да биде одговор на тоа зошто на блогов нема да има записи со политичко-општествена тематика поставени во контекст на актуелната пардигма. За автори и мислители од типот на Жижек ќе се најде време и простор
Но ова би можело да биде и одговор на прашањето зошто пермакултура? и зошто Ризом? Жижек сигурно го има интелектуалниот и материјалниот луксуз за поигрување, но многумина, каде припаѓам и јас, тоа го немаат. Подигнатата градинарска лопатка и организираната нехиерархиска ризом мрежа на самостојни јазли од поединци за мене претсавува потреба. За сега таа не е ургентна, но онака како го согледувам светот од ова место и од ова време, сепак ќе биде потреба.
