Archive for the ‘лично’ Category

Играта

Saturday, December 19th, 2009
Сите играме. Играчи и реквизити. Играме од почеток до крај. Само играта нема крај, ниту почеток, ниту крај краен. Сфати дека играш, секогаш и секаде, играш. Што и да правиш, сепак само играш. Играта не би била игра ако нема некакви правила. Еве некој од најстарите, од темелните:
  • Не можеш да победиш
  • Не можеш ни да бидеш на свое илимити реми
  • Не можеш да излезеш од играта, нема откажување
Не ви се допаѓаат правилата на играта. Не сакате да играте. Сакате да ги менувате правилата. Епа нема да може. Епа чорба. Тоа е се што ви се нуди, нема друго. Доста залажување, лажги и самоизмами. Играј и само играј, додека не ја одиграш својата игра. Ако нешто не ти е јасно види ги пак правилата, точни се, секаде и секогаш. Остани да играш. Нема бегање, само играње. Ако се уште не ги разбравте правилата на играта, можеби ќе помогне ова мало општествено појаснување:
  • Капитализмот е базиран на претпоставката дека може да се победи
  • Социјализмот е базиран на претпоставката дека може да бидеш на свое
  • Мистицизмот е базиран на претпоставката дека може да се откажеш
Играј, играј, играј ..... Еден, што го знам добро, се откажа од овој свет, се откажа и од следниот, и на крај се откажа од откажувањето. Сега само игра, игра, игра ......

А сепак има една работа. За добро да изиграш треба прво да ги видиш правилата и потоа да играш. Ма играј, играј, играј ......

Природата на лемингот

Saturday, December 19th, 2009

Постои приказна, мит, за лемингот. Лемингот е глодар кој живее во арктичките простори. Лемингот на секој седум до десет години се намножува толку многу, што ресурсите за неговиот опстанок се во недостаток и тој почнува да мигрира. Вообичаено предаторите го регулираат овој популационен бум, но кога природните предатори не ја завршиле во потполност работата или во близината на популационата експлозија имаме провалија, се случува приказната. За да не ја прераскажувам, можеби е подобро сами да ја погледнете приказната од филмот White Wilderness – Lemmings.

Споредбата со луѓето е несоодветна? Се согласувам. Но заразни се овие мали приказни. Имаат соодветна поука. Клучни фактори во приказната се популациона експлозија и недостаток на ресурси. Некако ме подсетува на сегашните 6,5 милијарди луѓе на земјава и на некои писанија за предстојните/тековни војни за ресурсите. И секако дека во човечката природа не е скокањето во провалија. Ние си имаме пастири (Господ, држава, научно-технолошки прогрес, племе) кои не водат напред. А можеби зборуваме само за различни карпи. Кога пастирите ќе ја утнат, карпите се именуваат како апокалипса, светска војна, економска депресија и меѓуетнички судири. А кој ќе го знае, природата на лемингот може да ја разбереме, а природата на човекот?