Деновиве на интернет форумите вози една интересна конспиративна тема. Да почнеме со ред.
Според IHT статијата (31,01,2008) еден подводен оптички кабел е оштетен во Вторникот вечер (29,01,2008) близу Александрија, Египет, а другиот во водите близу до Марсеј, Франција, и тоа во временска разлика од неколку часа. Оштетувањата на подводните телекомуникациски кабли се ретки и воглавно причината е земјотрес или влечење на бродското сидро по морското дно. Прекинот на сообраќајот ги погоди најповеќе Блискиот Исток и Јужна Азија.

Он Нет ја проследи следната вест (31,01,2008), која сега ја нема на насловната, но затоа има добра мапа на каблите фрлени во море: Двата кабли, меѓу себе се оддалечени повеќе од еден километар и се уште не е познато како е можно и двата да бидат оштетени во исто време. Освен што околу 70% од египетските корисници немаат интернет, со проблемот се зафатени и Саудиска Арабија, Емиратите, Јемен, Катар и Бахреин.
Ова не го кажувам за да мрчам, туку да го потенцирам информативниот шум кога се работи за овој тип на вести, податливи за шпекулација и манипулација. Но приказната не завршува тука. Market Watch ни јавува дека во Петокот (01,02,2008) трет подводен оптички кабел е прекинат, на релацијата Суецски Канал - Шри Ланка некаде помеѓу Дубаи и Мускат. И секако шпекулациите за причините на кинење на каблите, тропска бура или бродските сидра. Информација за прекинот на третиот кабел има и CNN (01,02,2008), од каде дознаваме дека прекинот е на 50 километри од Дубаи, кој доведува до третина губитоци од тамошниот интернет сообраќај и секако дека Петокот е преброден поради намалените потреби на тамошниот неработен бизнис ден.

Who is Cutting the Cables? се прашува Defense Tech и започнува со: Ух ох, народе! Можеби е време да бидеме повеќе загрижени околу терористите кои ги сечат подводните кабли на Средниот Исток. Несигурноста во претходните вести кои пренесуваа, дали еден или два кабли се пресечени во Медитеранот во Вторникот, и дали се пресечени на исто место 8 миљи од Александрија или на спротивната страна од Медитеранот во исто време, се заменети со со уште поголема загатка. Сега веќе не постојат сомневања кога имаме пресечени кабли на две места оддалечени 250 миљи едно од друго, на спротивните страни од Арапскиот Полуостров.
За Defense Tech нема сомнение дека ова не се коинциденции, туку отворено шпекулира дека тоа го прават терористите. На оваа шпекулација може да ги надоврземе и останатите, дека сечењето го направиле Американците за да ги спречат тргувањата на арапските принцови за претстојниот Понеделник, дека тоа го сториле Русите кои го имаат носачот на авиони Кузњецов во Медитеранот, неизбежните Израелци кои ете не се погодени од забавување на интернет сообраќајот, итн итн. Сето ова може историски-конспираторно да го филуваме со архивскиот линк од Guardian (10,09,2001), каде се зборува за рушење на стотици исламски и арапски сајтови од страна на FBI и останатите тајни американски служби на ден пред нападите 911.
Ако веќе прифатиме дека кинењето на подводните оптички кабли не е произлез на случајности, судбинските сили, коинциденции, тогаш јас би ја издвоил по својата тежина шпекулацијата дека причините се во оневозможување на стартот, и функционирањето, на Иранската Нафтена Берза.

Стартот на нафтената берза се најавува од поодамна. Скратената хронологијата на настаните ќе ја започнам од Декеври 2007 кога Иран најува дека веќе не продава нафта за долари (Вечер 10,12,2007). Потоа (04.01.2008) Иранскиот Министер за Финансии, Давуд Данеш Џафари, преку IRT изјавува дека IOB Иранската Нафтена Берза ќе започне со работа најкасно до годишнината од Исламската Револуција (1-11 Февруари). Берзата е лоцирана на островот Киш во Персискиот залив. Два дена подоцна се случува добро познатиот инцидент со “филипинскиот мајмун“ во водите на Перискиот Залив помеѓу американски борбени бродови и иранските патролни чамци. За да дојдеме до неодамнешното кинење на каблите на само денови пред најавениот старт на берзата.
Основата на аргументите е дека Иранската Нафтена Берза ќе зададе силен удар на веќе ионака ослабениот петродолар преку пренасочување на преостанатите извознички на нафта во тргувањето со други светски валути, како еврото и јенот. Арапските земји, Кувајт, УАЕ, Јемен, Саудиска Арабија, имаат галопирачка инфлација како последица од врзувањето на сопствените валути со американскиот долар. Тие во последната година срамежливо најавуваа врзување со кошничка од светските валути. Впрочем за ова ќе можат да продискутираат на тековната ОПЕК конференција во Виена. За тоа колку држат овие аргументи оставам на вашата слободна проценка, за чие збогатување може да приложам неколку четива:
IOB - Wikipedia
The Iran oil bourse - a new direction?
Killing the dollarin Iran
The Proposed Iranian Oil Bourse
Why Iran`s Oil Bourse can`t break the Buck
И како капак рано утринава дојде земјотресот во Персискиот Залив, во близина на островот Киш, со јачина 4,9 според Рихтер (IRNA). Дали ќе дојде до поголемо “тресење“ или ќе остане само краткотрајното незадоволство на интернет корисниците од Блискиот Исток и Азија останува да видиме.