Archive for the ‘политика’ Category

Возобновување на кампањата „Владина Градина“

Friday, January 15th, 2010

Ставен во дилема дали да ги подржувам и оправдувам владините кампањи за одредени општествени прашања, или да се приклучам кон опозицијата во обвинувањата за претераното трошење пари за во основа политичките кампањи на владата, се одлучив за нешто трето. Инспириран од Roger Doiron и неговата кампања „Eat the View“, со која бара тревникот пред Белата Куќа да се претвори во градина, се одлучив да терам слична сопствена домашна кампања за тревникот пред владата да се претвори во градина. Кампањата ќе оди под кечи името - Владина Градина.

Кампањите од овој вид обично добро проаѓаат за време на големи кризи, така да, тајмингот сигурно ќе биде погоден. На пример, Елеонор Рузвелт во 1942 тревникот од Белата Куќа го претвори во градина со што даде пример на милиони американци за време на Втората Светска Војна да го сторат истото, за да кон крајот на војната 40% од свежата храна во Америка се собира од сопствениот двор. Со локалниот приод кон одгледувањето на храната се избегнува километражата за превоз и употребената енергија за преработка. Храната е сочна, свежа, вкусна и на дофат на рака. Ако притоа се пристапи кон органскиот начин на градинарење и се прифатат понекои од принципите на пермакултурата, тогаш придобивките ќе бидат уште поизразени.

Но бидејќи се работи за „Владина Градина“, нема да биде кусок ако се истакнат некои од економските погодности од кампањата: намалување на трговскиот дефицит со намалениот увоз на храна, заштеди во енергетскиот биланс, заштеди во домашниот буџет, и да не говориме за подобреното здравје на граѓанството. Во „Валдината Градина“ по секоја цена не мора да се најдат доматите, краставиците и пиперките. Наместо конкуренција на струмичани, може да се насади бамија, ретки сорти на грав, од овошје - круши, како и други дефицитарни замјоделски производи. Имиџот и политичките поени со правовременоста на кампањата се гратис, затоа што без сомнение Обама во некоја форма ќе ја прифати оваа идеја.

Ако поради самопрегорност и презафатеност со државнички работи Груевски не може со личен пример да ја турка кампањата и градината, тогаш по примерот на Елеонор таа улога би можела да ја превземе Боркица. Во случај да се појават некакви потешкотии спремен сум да помогнам со споделување на знаење или како работна рака во замена за малечок дел од плодовите на градината. И, за забрзување на кампањата и покажување доза (не)сериозност можам да излезам во пресрет на кампањата со предлог локацијата за „Валдината Градина.“

Скоро сум сигурен дека кампањата “Владина Градина“ ќе биде подржана од опозицијата и останатите домашни општествено-политички чинители, ако не за друго туку заради мерливоста во бербата на градинарските плодови. Не знам зошто, но веќе ми се јавува сликата како Макрадули сади тикви, Бучковски како кове колци за врзување домати, како Ставревски отворил фарма со ноеви, Љубчо како бере бостан, Ѕинго како оре со волови во тазе овоштарникот со јапонски јаболка. И дипломатскиот кор во земјава сигурно ќе ја поддржи кампањата, Фуере веројатно со компостирање, а Рикер со одгледување шитаке печурки во слободниот подрумски простор од новата американска амбасада.

За жал, поради недостаток на финансиски средства ќе го позајмам промотивното видео од Роџер со кое тој ја туркаше сопствената кампањата „Eat the View".

пс. Овците на крајот од видеото се пука случајност

-------------

Овој запис ZTVK.crnaovaca.mk (има таму интересни коментари) е датиран на 6 Декември 2008 година, кога Обама се уште не беше инаугуриран и вселен во Белата Куќа. Но со новата година и новиот блог ми се чини дека на домашен терен тајмингот е поволен за возобновување на кампањата „Владина Градина“. Покрај наклонетоста на ѕвездите, токму навреме периодот за да се фати пролетта, како и недостатокот од финално возобновени објекти, духовни или профани, за кои покрај желбата реално се потребни финансии и време, во прилог на кампањата оди и фактот дека Мишел Обама навистина ја направи градината во Белата Куќа. А имаме ли поголем подржувач и пријател од Американците? Градината, Мишел Обама, не ја чинеше многу, ниту во време, ниту во пари, ниту во свивање на грбот. Тоа што имам осет правовремено да намирисам и предложам добитна и успешна кампања, стварно нема врска со суетноста, туку повеќе со потребата од кампањата и бенефитите што ќе произлезат од неа - тука и Мишел потрфрли и промаши со недоволната јасност и силина во презентацијата. Кризата (финансиско-економската е развиена и продлабочена), политичката зла крв шика на сите страни, а кампањава така фино може да ги спушти работите при земја. И да бидам искрен, би сакал малку да поработам во градината заедно со Боркица на Грујо, може и со младата Бучковица или Фрчкоица - простете но не им ги знам имињата -, и пак да бидам искрен, стварно не ми се работи со Бранкоица или Снешка на Љубчо. Ете така стојат работите со возобновената предлог кампања „Владина Градина“ и мудро оставам простор преку коментарите да се вклучите со сопствените предлози и забелешки, или можеби дополнувања на бенефитите што може да произлезат од успешно реализраната кампања.

пс+. Градинарот во Белата Куќа малку ми наликува на Карека од Блогерај, така да не мора лично јас да бидам ликот на некое промотивно домашно видео за кампањата, па дури ниту да земам учество во осмислувањето или пак реализацијата на „Владината Градина“, важно е таа навистина да се спроведе со акцентирање на неколкуте клучни поенти на кои, без зафрканција, укажува овој запис.

Z ljubeznijo iz Makedonije - bojkota slovenskih izdelkov

Saturday, December 12th, 2009
Z ljubeznijo iz Makedonije - bojkota slovenskih izdelkov
Дело, Скопје, 23,02,2010 (извадок од фиктивна статија на словенечкиот дневен весник Дело)



Ладникавиот и тмурен ден во Скопје не навестува дека нешто ентузијастички може да се случува на јавните површини на македонската престолнина. Вашиот репортер се движи по пешачката улицата „Македонија“ во центарот на градот. Македонските граѓани со просечна плата од 300 евра брзо минуваат крај мене не покажувајќи никаков интерес за излозите на модерните продавници од повеќе европски и светски брендови. Но сликата драстчно се менува со наближувањето кон продавницата на Горење. Високо подигнатите и преврзани знамиња на Македонија и Словенија видно го обележуваат скроминиот пулт од каде две девојки облечени во националните бои на двете земји делат флаери на десетиците граѓани кои се собираат привлечени од музиката на некогашната словенечка група Видеотон. Тука го наоѓаме и Џаман, блогерот иницијатор на акцијата кој пред неколку месеци во еден свој запис повика на солидарен бојкот на словенечките производи. Револитиран од солидарноста на нашиот премиер, Борут Пахор, со ставовите на Грција за неодредување датум за започнување на преговорите за приклучување на Македонија кон ЕУ, тој вака го објаснува бојкотот,

“Револтот произлезе од изнесените ставови на Пахор за хиерахизација на целите. За Нас Македонците како народ и Македонија како држава нема поголем интерес од зачувувањето на името и идентитетот. Македонците и Словенците се традиционални и искрени пријатели и акцијата на бојкотот нема намера тоа да го растура. Напротив, симболиката со знамињата, песните и самите флаери тоа го истакнуваат во граѓанската иницијатива. Ако некој задира таму, тоа се Вашите политичари на чело со Борут Пахор. Тие се оние кои не успеваат да го препознаат значаењето и хиерархијата на искреното македонско пријателство.

Она што за економијата е потрошувачот и потрошувачката, тоа за полтиката е граѓанинот и јавното мислење. Погрешно е убедувањето за одвоеност на политиката и економијата, кога во реалноста отсекогаш делувала и делува политичката економија. Ние тука отворено ја практицираме и покажуваме моќта на граѓанинот, и како потрошувач и како политички субјект. Значи, акцијата на бојкот не се обраќа директно до политичарите и политиката, туку индиректно преку моќта на потрошувачот делува на политичкото јавно мнение кое бездруго ќе реагира на секоја силно покажана иницијатива. Бокотот исклучиво се однесува на производите и услугите произведени и понудени во и од Словенија. Бојкотот не ги вклучува словенечките претпријатија и нивните производи и услуги кои веќе постојат и работат во Македонија, како соковите на тукашната фабрика на Фруктал или услугите на Телеком Словенија Групацијата. Така да се изразам, тоа се веќе постоечки бракови кои функционираат добро. Разбирањето и линкот се разбиени на сосема друго ниво и  тоа не од македонска страна. Тоа е предметот на таргетирање“

На заминивање Вашиот репортер доби бакнеж од девојката облечена во македонски национални бои, додека со истото заводолство Џаман ја почести мојата придружничка од словенечката амбасада, со пораката на усните - Z ljubeznijo iz Makedonije - bojkota slovenskih izdelkov.

----

пс. од оправдани причини не сум во можност да линкувам и да ја илустрирам статијата со фотки