Archive for the ‘пермакултура’ Category

Што е пермакултура? (кратка верзија)

Sunday, January 17th, 2010
Пермакултура е дизајн метод, мисловна алатка доколку така сакате, со кој се делува во човековата околина и со негова поддршка резултира до одржливи пејзажи кои ја имитираат работата на природните екосистеми. Со поврзување на различни делови на повеќе системи на еколошко чувствителни начини пермакултурата постигнува високи приноси со ниски енергетски влезови, додека, истовремено, всушност ја надградува плодноста низ последователните сезони. Ова може да се сувопарни зборови на дефинирање без конкретното значењето кај луѓето. За некои луѓе, пермакултурата значи градина во дворот која со релативно малку работа во текот на годината не снабдува со изобилство органски произведена храна. За други, пермакултурата значи рурален посед кој е отпорен на поплави, суши или пожари, додека обезбедува храна, вода и енергетска сигурност во наредните декади на светска нестабилност. За трети ..

Пермакултурата комбинира три клучни аспекти:

1. Етичка рамка

2. Разбирање за тоа како работи природата, и

3. Дизајн пристап

Оваа комбинација потоа се користи за создавање одржливи земјоделски продуктивни, и незагадени, здрави населби. За многу места, тоа значи адаптација на постоечките населби. Во други случаи, тоа може да значи почнување од нула. Под населби се подразбира и градот и селото, но во обата случаи се нудат интересни предизвици и можности.

Зборот „пермакултура“ првично доаѓа од спојката (permanent agriculture) постојано земјоделство, за подоцна да се надгради до значењето (permanent culture) трајна култура - нежно живеење на планетата во хармонија со природата кое не прави доволно сигурни дека можеме да ги одржиме човековите активности и опстојба за многу генерации што доаѓаат. Трајноста не е за се да остане исто. Всушност, се работи за стабилност, за продлабочување на почвата и почиста вода, за просперитетни заедници во самобитни региони, за биодиверзифицирано земјоделие, социјална правда, мир и изобилие - сите оние позитивни претстави за светот кои ќе ги најдете во стихотворбите од прво одделение. И нема ништо лошо во претставите, но начинот на доаѓање до нив со пермакултурата засигурно се разликува од понудените во постојните носечки парадигми.

Едно е сигурно, пермакултурата е фасцинантен предмет со многу аспекти, и таа се уште се развива. Уште еднаш, во кратка верзија, пермакултурата е софистицирано еколошко разбирање на светот и природата испреплетено со здравиот разум која преку дизајнот создава долгорочно одржливи плодни пејзажи, како за човекот, така и за природниот свет.

Возобновување на кампањата „Владина Градина“

Friday, January 15th, 2010

Ставен во дилема дали да ги подржувам и оправдувам владините кампањи за одредени општествени прашања, или да се приклучам кон опозицијата во обвинувањата за претераното трошење пари за во основа политичките кампањи на владата, се одлучив за нешто трето. Инспириран од Roger Doiron и неговата кампања „Eat the View“, со која бара тревникот пред Белата Куќа да се претвори во градина, се одлучив да терам слична сопствена домашна кампања за тревникот пред владата да се претвори во градина. Кампањата ќе оди под кечи името - Владина Градина.

Кампањите од овој вид обично добро проаѓаат за време на големи кризи, така да, тајмингот сигурно ќе биде погоден. На пример, Елеонор Рузвелт во 1942 тревникот од Белата Куќа го претвори во градина со што даде пример на милиони американци за време на Втората Светска Војна да го сторат истото, за да кон крајот на војната 40% од свежата храна во Америка се собира од сопствениот двор. Со локалниот приод кон одгледувањето на храната се избегнува километражата за превоз и употребената енергија за преработка. Храната е сочна, свежа, вкусна и на дофат на рака. Ако притоа се пристапи кон органскиот начин на градинарење и се прифатат понекои од принципите на пермакултурата, тогаш придобивките ќе бидат уште поизразени.

Но бидејќи се работи за „Владина Градина“, нема да биде кусок ако се истакнат некои од економските погодности од кампањата: намалување на трговскиот дефицит со намалениот увоз на храна, заштеди во енергетскиот биланс, заштеди во домашниот буџет, и да не говориме за подобреното здравје на граѓанството. Во „Валдината Градина“ по секоја цена не мора да се најдат доматите, краставиците и пиперките. Наместо конкуренција на струмичани, може да се насади бамија, ретки сорти на грав, од овошје - круши, како и други дефицитарни замјоделски производи. Имиџот и политичките поени со правовременоста на кампањата се гратис, затоа што без сомнение Обама во некоја форма ќе ја прифати оваа идеја.

Ако поради самопрегорност и презафатеност со државнички работи Груевски не може со личен пример да ја турка кампањата и градината, тогаш по примерот на Елеонор таа улога би можела да ја превземе Боркица. Во случај да се појават некакви потешкотии спремен сум да помогнам со споделување на знаење или како работна рака во замена за малечок дел од плодовите на градината. И, за забрзување на кампањата и покажување доза (не)сериозност можам да излезам во пресрет на кампањата со предлог локацијата за „Валдината Градина.“

Скоро сум сигурен дека кампањата “Владина Градина“ ќе биде подржана од опозицијата и останатите домашни општествено-политички чинители, ако не за друго туку заради мерливоста во бербата на градинарските плодови. Не знам зошто, но веќе ми се јавува сликата како Макрадули сади тикви, Бучковски како кове колци за врзување домати, како Ставревски отворил фарма со ноеви, Љубчо како бере бостан, Ѕинго како оре со волови во тазе овоштарникот со јапонски јаболка. И дипломатскиот кор во земјава сигурно ќе ја поддржи кампањата, Фуере веројатно со компостирање, а Рикер со одгледување шитаке печурки во слободниот подрумски простор од новата американска амбасада.

За жал, поради недостаток на финансиски средства ќе го позајмам промотивното видео од Роџер со кое тој ја туркаше сопствената кампањата „Eat the View".

пс. Овците на крајот од видеото се пука случајност

-------------

Овој запис ZTVK.crnaovaca.mk (има таму интересни коментари) е датиран на 6 Декември 2008 година, кога Обама се уште не беше инаугуриран и вселен во Белата Куќа. Но со новата година и новиот блог ми се чини дека на домашен терен тајмингот е поволен за возобновување на кампањата „Владина Градина“. Покрај наклонетоста на ѕвездите, токму навреме периодот за да се фати пролетта, како и недостатокот од финално возобновени објекти, духовни или профани, за кои покрај желбата реално се потребни финансии и време, во прилог на кампањата оди и фактот дека Мишел Обама навистина ја направи градината во Белата Куќа. А имаме ли поголем подржувач и пријател од Американците? Градината, Мишел Обама, не ја чинеше многу, ниту во време, ниту во пари, ниту во свивање на грбот. Тоа што имам осет правовремено да намирисам и предложам добитна и успешна кампања, стварно нема врска со суетноста, туку повеќе со потребата од кампањата и бенефитите што ќе произлезат од неа - тука и Мишел потрфрли и промаши со недоволната јасност и силина во презентацијата. Кризата (финансиско-економската е развиена и продлабочена), политичката зла крв шика на сите страни, а кампањава така фино може да ги спушти работите при земја. И да бидам искрен, би сакал малку да поработам во градината заедно со Боркица на Грујо, може и со младата Бучковица или Фрчкоица - простете но не им ги знам имињата -, и пак да бидам искрен, стварно не ми се работи со Бранкоица или Снешка на Љубчо. Ете така стојат работите со возобновената предлог кампања „Владина Градина“ и мудро оставам простор преку коментарите да се вклучите со сопствените предлози и забелешки, или можеби дополнувања на бенефитите што може да произлезат од успешно реализраната кампања.

пс+. Градинарот во Белата Куќа малку ми наликува на Карека од Блогерај, така да не мора лично јас да бидам ликот на некое промотивно домашно видео за кампањата, па дури ниту да земам учество во осмислувањето или пак реализацијата на „Владината Градина“, важно е таа навистина да се спроведе со акцентирање на неколкуте клучни поенти на кои, без зафрканција, укажува овој запис.