Archive for the ‘расказ’ Category

ДОЛУ ВЛАДА!!!

Thursday, February 26th, 2009

ДОЛУ ВЛАДА!!!

ДОЛУ ВЛАДА!!!

ДОЛУ ВЛАДА!!!

Во знак на несогласување и револт извикуваше македонскиот граѓанин кога ги слушна последните вести од телевизорот. Последниот и трет пат извика толку силно што мониторот се распрсна на илјадници праченца. Граѓанинот во неверување потскокна и уште поцврсто го стегна далечинското во раката. Го здроби.

Каква загуба. Му идеше да го фрли низ прозорецот (некои го нарекуваат џам). Поита кон прозорецот и на момент пред да го отвори се сепна од необичноста која доаѓаше однадвор. Нешто не беше како треба. Надвор беше некако поинаку, поразлично од она на кое беше навикнат.

Улиците беа чисти, дрвата зелени, луѓето љубезни. За полна вработеност заслуга имаа фабриките кои работеа со полна пареа и чии оџаци не чадеа. Сите возеа автомобили по растеретените улици. Надвор беше како во бајка. Не можеше да поверува. Си помисли дека тука нешто не е во ред. И веднаш како потврда од другата страна се појави Оној.

Ја напрчи устата, а Оној почна да му прави гнасни гримаси. Мирно му кажа да се истави, а Оној започна безочно да урла. На тоа мирно одмавна со раката, а Оној замавна со тупаницата кон него.

Македонскиот граѓанин го свести острата болка од раскрварената дланка пред скршеното огледало во сопствениот подрум. Тој беше гладен, жеден, истоштен. Се помоли.

Скопје, година непозната

Машмен ги фрла чевлите (епизода 1)

Wednesday, August 20th, 2008
Марко живееше во Кисела Вода, во новоградба со три ката + четири поткровја, без лифт и со дубровачки балкони. Работеше во министерство, со клизечко работно време и клизечки примања. Таму беше од немајкаде, не од ќеф. Братучедот по партиска линија го набута во канцеларија со столопомазана колешка, задница со трајно втиснати две штрафни глави. Марко беше обичен македонски човек по повеќето стандарди. Само наизглед? Кој би помислил дека, Марко, неугледниот чиновник од залоената министерска канцеларија може да се преобрази во Машмен!? Ова е приказната за тоа како Марко се видоизмени, стекна исклучителни вештини и наполно се трансформира во Машмен - македонскиот супер херој кој одлучно застана на страната на природата, на страната на потиснатите и згазените.
Врзете се за столчето, разбудете ја возбудата, и да започнеме. Во оваа епизода ќе одиме на самиот зачеток од авантурите на Машмен. Во оваа епизода ќе видиме како Машмен ги фрли обувките.
***
Тоа утро Марко се разбуди со главоболка. Неволно го отвори весникот и погледна, “превозни средства на иднината“.

- уф .. има ли смисла? .. а да ставеа велосипед покрај играчкиве .. бедна техно-агонија .. а камо препорака за пешачење - мислите сами се редеа.

По се изгледа дозите на глупостите што можеше да ги поднесе го поминаа прагот на окинување и го фрлија Марко во некоја нова состојба. Го зема мобилниот и сврте на шефот.

- Денес не доаѓам на работа. Се заглавив во лифт - го кажа најбаналното оправдание што можеше да го смисли во моментот.

- Добро Марко - одговори збунетиот глас од другата страна, присетувајќи се дека Марко живее на приземје.

Излезе надвор. Се качи во првиот автобус што наиде - 41 за Драчево. Ги заобиколи камионите со струмички бостан, распосланите гајби со домати од локалните бабички, и се упати нагоре. Воздух, апеше за чист воздух. Полека полека ги одмина последните куќи на тазете кривопаланечки неимари. Свежина ја заплискуваше прегреаната маркова глава. Телото му се ороси со отровни капки позволувајќи со свежината да ги менат местата. Ритамот се воедначи. Марко се смири и продолжи со искачувањето.

Веќе навлезен длабоко во шумата Марко почувствува како сетилата се изоструваат, како тие ги водат мислите. Градскиот шум и хаотичните мисли одеа рака под рака. Сега беше доволно далеку за дистанца и доволно блиску за повремени р`каници. Марко ја напушти патеката и дозволи на шумата да го води.

По некое време бесцелно талкање нешто му шушна одзади. Набрзина се заврте. Ништо немаше. Потоа полека пак се заврте. Пред него стоеше лисица. Таа беше на само неколку чекори од него. Лисицата не се помрднуваше. Не се помрднуваше ниту Марко. Се гледаа во очи. Немаше страв туку загледување во очите на другиот. Марко не знаеше колку време се гледаа. Му се чинеше прилично долго. Од љубопитност, или нешто налик, Марко направи чекор напред. Лисицата не се помрдна, само два пати замавна со опашката. Се гледаа во очи.

- Собуј ги чевлите! - се јави глас.

- Собуј ги чевлите! - повторно се јави гласот додека Марко се обидуваше да открие од каде доаѓа.

- Тебе ти зборувам .. собуј ги чевлите  и да почнеме - кажа гласот и лисицата намигна со десното око.

Немаше двојба - лисицата зборува. Гласот не доаѓаше од никаде посебно. Гласот не доаѓаше преку ушите, можеби од лисичјите очи. Не заради заповедта, чевлите го стегаа, та Марко природно седна да ги собуе чевлите. И пред да успее да праша лисицата проговори.

- Јас сум Итросила. Ме пратија големиот прадедо Раностан заедно со големата прабаба Живородна да те научам да одиш. Во животинското царство лисицата има најдобар од. Итрината на лисицата доаѓа од грациозниот допир со земјата. За ова да го научиш не ти требаат чевли, патики ил чизми. Тие само пречат. Човекот треба да оди босоног за да ја почувствува земјата, непосредно со неа да разменува енергија за да ја научи земјината тага и земјината радост. Лисичјиот од е првиот чекор кон таа цел.

- Но зошто токму јас? - запраша Марко.

- Нема особена причина и има се` со неа. Ти си првиот по десетина години што дојде во овој предел и ме погледна во очи без притоа да ја одрами пушката или да избега.

Потоа Итросила го учеше Марко како одат лисиците. Човекот треба малку да ги свие колената. Стопалото со кое се исчекорува најпрво ја допира земјата со предниот надворешен дел, па потоа со предната јаболкница за да го напипа теренот на кој ќе настапи. Следува петицата за наполно чувствување на тлото и доколку се е во ред на крај се пренесува тежината. На овој начин нема потреба од гледање по земи. Видот се ослободува за хоризонтот пред себе.

Итросила му раскажа дека со стотици илјади години токму така оделе нашите предци. Раскажуваше за тоа дека резултатот на најпознатиот тркач од античка Грција, Филипидес, кој истрчал 220 километри за 36 часа е ништожен во однос на американските индијанци кои превалувале по 200 километри за 25 часа. За мексиканските индијанци кои секојдневно како курири, понекогаш и со товар, минувале по 100 км за помалку од 10 часа. Итросила раскажуваше за тоа како со овој начин на одење и трчање луѓето ловци пред да ги поседуваат знаењата за лакот и стрелата и за атлатл можеле да го ловат пленот на кондиција. Дека на земјината топка нема подобар тркач на долги патеки од човекот.

Раскажувањето го заменија со вежбање, па повторно со раскажување, така се до самрак. Се разделија како вистински пријатели. Итајќи надолу кон градот Марко знаеше дека нема враќање назад. Длабоко во себе ја чувствуваше трансформацијата (од овој момент Марко ќе го именуваме како Машмен).

Машмен секојдневно одеше во природа. Китка, Водно, Скопска Црна Гора, сеедно, Машмен ги запознаваше околните планини. Понекогаш знаеше да седне на клупа во центарот на градот, да ги соблече сандалите и со метнатите табани на плочникот да ги ослушнува чекорењата на минувачите. Луѓето со обувки одеа како копитари, директно со тежината на тлото најповеќе преку петиците, со крути колена и со болно пренесување на ударите по р`бетот. Машмен дури чувствуваше по начинот на одење на минувачите кој пршлен најповеќе им страда. По пет дена не можеше повеќе да носи ниту сандали. Најприкладно решение му се видоа кожените опинци од Бит Пазар. Си купи неколку пара. Со опинците како да се врза истовремено со поблиското и подалечното минато. По недела дена не толку загрижениот шеф за неговото работно отсаство се јави со намера да го зафркава.

- Марко, уште да не си заглавен во лифтот? - праша шефот.

- Не, шефе. Се одглавив од лифтот, но сега сум заглавен во градот - одговори Машмен.