Posts Tagged ‘игра’

Играта

Saturday, December 19th, 2009
Сите играме. Играчи и реквизити. Играме од почеток до крај. Само играта нема крај, ниту почеток, ниту крај краен. Сфати дека играш, секогаш и секаде, играш. Што и да правиш, сепак само играш. Играта не би била игра ако нема некакви правила. Еве некој од најстарите, од темелните:
  • Не можеш да победиш
  • Не можеш ни да бидеш на свое илимити реми
  • Не можеш да излезеш од играта, нема откажување
Не ви се допаѓаат правилата на играта. Не сакате да играте. Сакате да ги менувате правилата. Епа нема да може. Епа чорба. Тоа е се што ви се нуди, нема друго. Доста залажување, лажги и самоизмами. Играј и само играј, додека не ја одиграш својата игра. Ако нешто не ти е јасно види ги пак правилата, точни се, секаде и секогаш. Остани да играш. Нема бегање, само играње. Ако се уште не ги разбравте правилата на играта, можеби ќе помогне ова мало општествено појаснување:
  • Капитализмот е базиран на претпоставката дека може да се победи
  • Социјализмот е базиран на претпоставката дека може да бидеш на свое
  • Мистицизмот е базиран на претпоставката дека може да се откажеш
Играј, играј, играј ..... Еден, што го знам добро, се откажа од овој свет, се откажа и од следниот, и на крај се откажа од откажувањето. Сега само игра, игра, игра ......

А сепак има една работа. За добро да изиграш треба прво да ги видиш правилата и потоа да играш. Ма играј, играј, играј ......

Затвореничка дилема

Monday, September 14th, 2009

Игри се играат .. зошто да не повториме еден запис од пред некоја година (ехеееј години врват по блоговите) .. комбинации, варијации .. во последно време некои ја повторуваат, или се жестат, на комбинацијата БЦ .. во суштина таа е стара комбинација од еден уште постар модел на рационална игра .. но, да не должиме .. прочитајте ..

Затвореничката дилема е хипотетичка игра, математички модел кој се применува во теоријата на игрите, која за прв пат е измислена на почетокот од 50-тите во познатоит think-tank РАНД Корпорацијата. Може да се сретнат повеќе модели, стратегии, интерпретации на затвореничката дилема, па еве, вас ви ја нудам следнава:

Затвореничка дилема е игра во која имаме два хипотетички играчи. Еве да ги наречеме Петко и Станко. Тие се почитувани граѓани, но зад привидот на почитуваност тие имале направено некое заедничко криминално дело што се санкционира по закон. Полицијата доаѓа до некој докази и сознанија. Имаме ситуација во која обвинителството има докази за некое помало казниво дело, но за покрупното дело, иако има сознанија, нема докази. Петко и Станко стануваат затвореници, одат во одвоени ќелии и немаат можност за контакт еден со друг. Вечерта доаѓа обвинителот и одделно, прво на Петко и потоа на Станко, им ги соопштува можностите кои се пред нив, кои се воедно и правила на играта.

Ситуација А – Петко и Станко молчат, соработуват еден со друг. Тогаш обајцата ќе бидат осудени за помалото казниво дело, секој по 1 година затвор. Ситуација Б – Петко го предава Станко, Станко не го предава Петко. Тогаш Петко си оди слободен, а Станко добива 15 години затвор. Ситуација Ц – Станко го предава Петко, Петко не го предава Станко. Станко си оди слободен, а Петко добива 15 години затвор. Ситуација Д – Петко и Станко се предаваат меѓусебно. Тогаш обајцата ќе бидат осудени на 4 години затвор.

Игра Затвореничка Дилема Станко молчи Станко предава
Петко молчи А=Двајцата по 1 година Б=Петко 15 години, Станко слободен
Петко предава Ц=Петко слободен, Станко 15 години Д=Двајцата по 4 години

Дилемата е поставена пред Петко и Станко. Тие не знаат за одлуката на другиот и сакаат да се извлечат со што помала казна. Најдобриот исход би бил кога двајцата би молчеле, ситуација А, вкупната казна би била 2 години. Но ако размислуват рационално за последиците при ситуацијата БЦ и можноста за 15 години затвор, тогаш нивниот избор би бил предавство. Ако имаме двајца рационални играчи најверојатниот исход е ситуацијата Д. Игрите се појавуваат во времето на студената војна за воени потреби и денес примената е раширена во повеќе области, како, маркетинг, социологија, менаџмант, биологија, политика, итн. Разработувани се стратегии за играта затвореничка дилема, со два играчи, која се повторува повеќе пати, и интересно е што се препорачува стратегијата првиот пат да се соработува, те молчи, и потоа да се оди на ‘tit for tat‘ или попозната кај нас како ‘танте за кукурику‘. Или во игра со повеќе играчи, да кажеме општество, каде повеќето играчи мамат, најпрепорачлива стратегија е секогаш да се мами. Дали ви дојде на ум некоја асоцијација? Во секој случај ако се чувствувате како во затвор последниве 15 години, можеби ви се случила ситуацијата под БЦ во која вие сте молчеле, а некој ве предал.