Си беше еднаш еден космонаут. Тој да ти бил летач кон височините, ловец на ѕвездите. Мистичен беше овој вселенец. Гравитацијата тешко ја поднесуваше, таа го лепеше за земјата. И леташе, леташе, леташе .... и на крајот се одлепи. И остана одлепен.
Си беше еднаш еден патник. Не било каков, туку светски патник. Не го држеше место. Патуваше насекаде по светот. Мистичниот светски патник сакаше да биде господар на далечините, пространите рамнини и морските површини. И патуваше, патуваше, патуваше .... и на крајот се загуби. И остана загубен.
Си беше еднаш еден мистик на место. Местото беше се‘ што му требаше. Височините и далечините беа тука на самото место. Мистикот на местото живеше за/на/во местото. Се‘ беше во таа една точка. И се местеше, местеше, местеше .... и стана самото место. Стана точка.
Си беше еднаш едно дете. Детето играше фудбал. Ја одмери височината. Ја одмери далечината. Се сконцентрира на точката во аголот, местото каде се вкрстуваат стативата и пречката. Ја шутна топката и даде гол. Се радуваше заедно со другарчињата. Дома јадеше рибанка со маст и сол. Заспа среќно сонувајќи за утрешната игра.