Posts Tagged ‘општество’

Социјални Циклуси

Monday, April 16th, 2007

Во годината имаме четири годишни времиња. Допадлива е човечката аналогија со неговите четирите животни доба. Убава мала приказна за патот на човекот. Се раѓаме, растеме, го доживуваме својот врв, физички и интелектуален, и полека опаѓаме до неизбежниот крај. Својот животен пат го збогатуваме и разгрануваме со потомство кое ја повторува приказната. Од дамнина па до вечноста! Циклуси и повторувања.

Почнувам од крајот. Во обидот истата, или слична, нарација да ја прилагодиме за општествени работи, може да се случи да наидеме на значителен отпор. Замислете само некој да тврди, на пример во(за) Грција, дека таа земја за 20 години ќе биде распадната, народот столчен. Грција го преминала зенитот, по низа параметри ја квалификуваме во своите доцни зрели години и се прогнозира дека за неколку десетини години ќе го доживее својот крај. Примерот е намерен, но може да важи за било која земја. Не мора само Македонија да биде предмет на експериментирање и делби. Или пак, замислете некој да тврди дека доларот ќе биде безвредна валута, како што е сега валутата во Зимбабве. Ваквиот вид нарација по одредени прашања може во моментот да изгледаат смешно, нереално и несериозно. Но доколку доволно се повторуваат, се всадуваат во колективната потсвест, и се дефинираат како штетни по општеството. Од спротивната страна, длабочината на културолошките и останатите исконски мемеплексни наслаги се непотребни варијабли во организацијата на постмодерното комплексно општество. Намерата е да се затапува оваа културна оставштина и останатите непотребни погледи на светот. Во постмодерното општествено организирање овие приказни повторно се дефинираат за штетни. Затоа пак имаме богата понуда на општествено прифатливи нарации и приказни. Се форсира униформноста. Униформноста на приказните, на просторот, на мозочната маса, се лубриканти за системската машина. Секоја подлабока, поинаква нарација е прашината во системските запчаници. И воопшто не е битно од каде доаѓа прашината. Од колектината потсвест, од научната мисла, од слободарската умисла, од духовната верба, или пак од паланечката глупост, сите овие прашинки ги нагризуваат системските запчаници. Конечно и системот се однесува како жив организам, постојано во борба за својот опстанок. Како краен, суштински разлог за неприфаќањето на нарацијата е стравот од смртта; кај единките, кај народите, кај земјите и општествените системи.

Повторувањата, циклусите, може да ги разгледуваме на повеќе нивоа, генерациско, психолошко, економско. Тие никогаш не се наполно идентични, туку се воочуваат преку римата. Значајна е градацијата на изворите и дериватите, како и препознавањето на релациите. Иако испреплетени, нераздвоиви во практичното објаснување, кај социјалните циклуси акцентот го ставам на економските одредници. Токму затоа во раскажувањето предност давам на економистите. Последното на што налетав е писанието на Индиецот Ravi Batra. Неговата теорија за социјалните циклуси можеби не е научнички допадлива, далеку од Руската Школа, но ја избрав поради својата едноставност и лепливост. Да видиме накратко за што се работи ( преку писанието на Michael Nystrom):

Според Рави Батра, во едно општество најголемиот број на луѓе имаат генерално слични цели, желби и амбиции. Всушност, се разликуваме по начинот на кој ги постигнуваме целите. Специфичниот индивидуален метод во постигањето на успехот зависи од физичките и психолошките одредници на поединецот. Во крајна линија постојат четири типа на луѓе одредени во основа преку начините на исполнување на целите:

Warriors – Војници – имаат силни тела, жива физичка енергија и остар интелект. Војниците тежнеат да ги развиват природно дадените вештини како јачината, издржливоста и храброста. Имаат менталитет кој не е одбивен кон превземање физички ризик. Типични примери за професии од оваа група на луѓе се: полицаец, пожарникар, војник, столар, спортист и слични. Својот успех го постигнуват преку физичките вештини и длабокото разбирање на својата професија. Michael Jordan е одличен пример за човек од класата на Војници. Intellectuals – Интелектуалци – имаат поразвиен интелект од Војниците, но генерално им недостасува нивната сила и издржливост. Најсреќни се кога својот успех го темелат на развивањето и експресијата на своите интелектуални вештини и таленти. Примери за професии: учител, писател, научник, музичар, доктор, свештеник. Acquisitors - Стекнувачи – имаат нос да намирисаат пари. Ако има начин да се направат пари Стекнувачите сигурно ќе го откријат. Тие не се силни како Војниците, ниту пак се бистри како Интелектуалците, но се продлабочени во стекнувањето пари и материјални богатства. Типични професии се: банкар, земјопоседник, трговец, предприемач и слични.

Laborers – Работници – се поразлични од другите групи, ним им недостасува интелектот на Интелектуалците, силата на Војниците, амбицијата за правење пари на Стекнувачите. Без оглед на овие карактеристики нивниот допринос во општеството е исклучителен. Тоа значи дека општеството не би функционирало воопшто без нив. Другите групи имаат тенденција за експлоатација на оваа група. Работници се: селаните, чиновниците, келнери, ѓубреџии, портири, фабрички работници, или описно, оние кои вредно, молчеливо и без многу бранување си ја работат секојдневната работа.

На поделбата и генерализацијата ќе има забелешки, но продолжувам понатаму. Може да (се) препознаеме луѓе кои доминатно припаѓаат на одреден тип. Индивидално секој во себе има карактеристики од сите типови. Постои одредена мобилност меѓу групите, но генералната поделба на Рави Батра се состои од овие четири групи. Има уште две дополнувања. Прво, сите групи ги сакаат парите, така да лесно е да посакаат место во групата на Стекнувачите, што не значи дека ги имаат особеностите и вештините на таа група. Второ, луѓето од поедини групи може да бидат принудени од чисто егзистенцијални причини да влезат во Работничката група .

Групите од поедините типови ги сочинуваат класите во општеството. Класите не се поделени по приходите туку по распоредот и местото во општеството. Сите групи имаат своја оправдана функција во општеството; Војниците да ја бранат земјата; Интелектулците да се бават со науката, правото, пронајдоците, уметноста; Стекнувачите да ги менаџираат фабриките, финансиите; Работниците да ги работат рутинските работи. Секоја класа дава свој допринос во општеството. Тоа не може да фунционира без било која од класите. И погодувате, проблемите вообичаено се пронаоѓаат во распределбата на колачот. Батра посочува дека во било кое време имаме доминација само на една од групите, освен на Работниците кои никогаш не владеат. Како ќе препознаете која класа владее? - Одговорот - по тоа која професија е најпосакувана.

Циклусот на доминација на една од класите оди по зададениот редослед: период на доминација на Војниците, по кој следуваат Интелектуалците, па доминација на Стекнувачите. Во периодот на доминација на Стекнувачите односите во општеството одат во крајности. Распределбата на колачот е изразито нееднаква, моралот и традиционалните вредности се тотално нагризани. Во ваква ситуација повеќето луѓе од класите на Војниците и Интелектуалците преоѓаат во класата на Работниците. Се добива општество на две класи, оние кои имаат - Богати, и оние кои немаат - Работници. Ова состојба е неодржлива на долги патеки, еден вид предреволуционерен лонец каде се крчка сојузот на Интелектуалата, Војниците и Работниците. Револуцијата може, но не мора, да биде воена и крвава. По периодот на револуцијата имаме трансформирано општество кое не може да се препознае во однос на претходниот период. Оваа циклусна игра се повторува на долги патеки, генерациски долги. Од дамнина па до вечноста! Повторувања и циклуси.