Фарма за иднината - A farm for the future - е филм на Ребека Хоскниг која по долгогодишната кариера на снимател на дивиот свет се враќа на семејната фарма во Девон. Ребека преку лична приказна е во потрага по одговорите за својата иднина како продолжувач на долгата фамилијарна фармерска традиција произлезени од предикаментот на енергетски осиромашениот свет заради нафтениот врв (peak oil). Согледувајќи дека производствотот на храна во Велика Британија е целосно зависна од изобилието на ефтините фосилни горива, особено нафтата, таа ги поставува прашањата за достапноста на нафтата. Вознемирена од одговорите на авторитетите во оваа област, како Колин Кемпбел и Ричард Хајнберг, таа ги истражува начините на кои се одгледува храната, сегашните и оние кои би можеле да се применат во услови на ниска енергетска иднина.
Филмот точно посочува дека современото индустриско земјоделство е некротичен систем во кој почвата веќе е мртва, и без постојаната примена на хемиските ѓубрива земјоделските култури не можат успешно да растат. Во филмот Ребека нуди моќна комбинација на погледи на земјоделието, преку споредбите актуелно и наназад. Враќањето на старите начини на одгледување на храната е речиси невозможно, додека, современиот начин на индустриското земјоделство е неодржлив на подолг рок, и тоа од повеќе аспекти. Одговорот го бара во делот на одржливите земјоделски техники каде суштествено е да се возобнови и воспостави живата почва со своите природни циклуси на кружење на хранливите состојки и со тоа враќањето на плодноста. Во именувањето на овие земјоделски техники еден од одговорите е пермакултурата како дизајн систем заснован на еколошки принципи.
Филмот топло го препорачувам на сите кои имаат интерес за земјоделството и храната, но кога уште еднаш ќе размислам, искрено, го препорачувам на сите кои се хранат.
