Posts Tagged ‘дилема’

Погрешна дилема: името или ЕУ

Tuesday, November 24th, 2009

Новинарот и блогер Hajo Friedrich од EUobserver со 60,000 посети дневно во последниот запис, On the duty of civil EU-disobedience, ќе каже:

Зарем не е време да се размислува за начините на граѓанска непослушност против ЕУ-надуеноста (EU-bubble). Прашањето не е: ЕУ или не ЕУ. Прашањето е: Каков вид на ЕУ. Постојат различни начини. ЕУ-елитата сака да веруваме дека постои само еден пат: нивниот пат. Тоа придонесува кон имиџот или сличноста на Брисел со Москва / Пекинг. Не зачудува забелешката на Пол Гусенс (фламански новинар) од синоќешната прес-конференција: Одлуката да се номинира и избере г-дин Ван Ромпој (Ван Кој?) се чини како недемократска, како во Кина.

Може да се каже: се е во ред - во примената на Лисабонската спогодба. Но, номинацијата и изборот на г-дин Херман Ван Ромпој (Ван Кој?) е во спротивност, со ветеното од Лисабонскиот договор: ЕУ да се направи потранспарентна, подемократска и поефективна. Процедурата ниту е транспарентна, ниту пак демократска. Ефикасна? Да. Од гледна точка на ЕУ-елитата. Тоа не е добар знак за идните политики.

Добрите времиња за граѓаните и идеалите на европското (ре)обединување се чини дека се завршени. Изгледа дека станува постудено во ЕУ. Ние живееме во различни кризи и други ќе следуваат - но не и за ЕУ-елитите на моќта. Тие изгледаа прилично среќено минатата ноќ: нови наименувања, нови надлежности. Во Европскиот парламент ни најмалку го нема професионализмот за да се справи со новите надлежности.

 

 И како што вели Фрајдрих, Прашањето не е: ЕУ или не ЕУ. Прашањето е: Каков вид на ЕУ. Постојаното повторување од политичките елити дека македонските граѓани се во огромно мнозинство за прилкучување кон европското семејство и затоа мора да се направи компромис за името е во суштина лажна дилема. Да повториме, прашањето е: Со каква ЕУ сакаме здружување. Правото на консузус не подразбира консензус во подршката на една ирационална политика од земја членка на ЕУ во поништување и газење на соседот, политика која во себе содржи прилично елементи на геноцидно и фашизоидно однесување. Битката за непроменување на името не го подразбира само тоа, уште повеќе, тоа е битка за суштествените идеали и принципи на кои се базира и единствено е можна самата Европската Унија. Европа каква ја посакуваат нејзините граѓани. Затоа, кога некој наконтен домашен политичар ја употребува, или некои медиуми ја пропагираат, аргументацијата за менување на името за побрз влез во ЕУ, слободно поставете го прашањето за каква ЕУ се залагаат тие. Ма не, уште попрецизно, дали воопшто тие се залагаат за Европа?

Погрешна е дилемата: името или ЕУ. Сосема спротивно, македонскиот граѓанин, меѓудругото, преку  неменување на името ја бие битката токму за Европа.
 

Затвореничка дилема

Monday, September 14th, 2009

Игри се играат .. зошто да не повториме еден запис од пред некоја година (ехеееј години врват по блоговите) .. комбинации, варијации .. во последно време некои ја повторуваат, или се жестат, на комбинацијата БЦ .. во суштина таа е стара комбинација од еден уште постар модел на рационална игра .. но, да не должиме .. прочитајте ..

Затвореничката дилема е хипотетичка игра, математички модел кој се применува во теоријата на игрите, која за прв пат е измислена на почетокот од 50-тите во познатоит think-tank РАНД Корпорацијата. Може да се сретнат повеќе модели, стратегии, интерпретации на затвореничката дилема, па еве, вас ви ја нудам следнава:

Затвореничка дилема е игра во која имаме два хипотетички играчи. Еве да ги наречеме Петко и Станко. Тие се почитувани граѓани, но зад привидот на почитуваност тие имале направено некое заедничко криминално дело што се санкционира по закон. Полицијата доаѓа до некој докази и сознанија. Имаме ситуација во која обвинителството има докази за некое помало казниво дело, но за покрупното дело, иако има сознанија, нема докази. Петко и Станко стануваат затвореници, одат во одвоени ќелии и немаат можност за контакт еден со друг. Вечерта доаѓа обвинителот и одделно, прво на Петко и потоа на Станко, им ги соопштува можностите кои се пред нив, кои се воедно и правила на играта.

Ситуација А – Петко и Станко молчат, соработуват еден со друг. Тогаш обајцата ќе бидат осудени за помалото казниво дело, секој по 1 година затвор. Ситуација Б – Петко го предава Станко, Станко не го предава Петко. Тогаш Петко си оди слободен, а Станко добива 15 години затвор. Ситуација Ц – Станко го предава Петко, Петко не го предава Станко. Станко си оди слободен, а Петко добива 15 години затвор. Ситуација Д – Петко и Станко се предаваат меѓусебно. Тогаш обајцата ќе бидат осудени на 4 години затвор.

Игра Затвореничка Дилема Станко молчи Станко предава
Петко молчи А=Двајцата по 1 година Б=Петко 15 години, Станко слободен
Петко предава Ц=Петко слободен, Станко 15 години Д=Двајцата по 4 години

Дилемата е поставена пред Петко и Станко. Тие не знаат за одлуката на другиот и сакаат да се извлечат со што помала казна. Најдобриот исход би бил кога двајцата би молчеле, ситуација А, вкупната казна би била 2 години. Но ако размислуват рационално за последиците при ситуацијата БЦ и можноста за 15 години затвор, тогаш нивниот избор би бил предавство. Ако имаме двајца рационални играчи најверојатниот исход е ситуацијата Д. Игрите се појавуваат во времето на студената војна за воени потреби и денес примената е раширена во повеќе области, како, маркетинг, социологија, менаџмант, биологија, политика, итн. Разработувани се стратегии за играта затвореничка дилема, со два играчи, која се повторува повеќе пати, и интересно е што се препорачува стратегијата првиот пат да се соработува, те молчи, и потоа да се оди на ‘tit for tat‘ или попозната кај нас како ‘танте за кукурику‘. Или во игра со повеќе играчи, да кажеме општество, каде повеќето играчи мамат, најпрепорачлива стратегија е секогаш да се мами. Дали ви дојде на ум некоја асоцијација? Во секој случај ако се чувствувате како во затвор последниве 15 години, можеби ви се случила ситуацијата под БЦ во која вие сте молчеле, а некој ве предал.