Паѓањето на живиниот столб во балканските термометри дојде заедно со прекинот на испораката на природен гас. Јавно познатата причина е препирката помеѓу Русија преку Газпром како снабдувач на гасот и Украина преку Нафтогаз како пренесувач на близу 80% од рускиот природен гас со кој се снабдува Европа. И како по некое непишано правило, Балканот е прв на удар.
Бугарија, Србија, Македонија, Хрватска, Босна, Романија и Турција, некој повеќе - некој помалку, директно први ќе ги почувствуваат мускулите на Газпром преку минусниот енергетски биланс. Се разбира, прекинот и намалувањето на испораката на природен гас не се исклучиво балканска состојба, но веќе е извесно, последиците најбрзо ќе се почуствуваат токму тука.
Проследете ги информациите што доаѓаат од источниот сосед: Парното отслабна, индустрия и транспорт в колапс и Руският газ секна, България пред енергиен срив. Енергетската состојба е алармантна. Парното по бугарските домови, градинките, училиштата полека се лади, индустријата го запира производствениот процес, електричната мрежа се преоптоварува. Топлината наполно исчезнува таму каде е неможно да се прејде на мазут или на некое друго алтернативно гориво. Со студените простории доаѓаат и гневот, обвинувањата и барањето одговорност. Софискиот градоначалник за Фокус ќе изјави, “Те вчера казаха, че няма проблем. В България няма кой да се бунтува заради тези проблеми. Договорът между България Русия беше сключен в един пиано бар и се вижда какво са написали в него. Така е написан, че в него няма никакви гаранции. Сега започват популистките изказвания, че ще се пуска АЕЦ-"Козлодуй.“
Слична е ситуацијата кај северниот сосед. За тамошната ситуација преку статијата на Б92 и нивниот видео клип.
Турски Хуриет вели оти се одбива барањето на Грција за дополнителни количини гас преку Плавиот Поток, а грчките званичници смируваат со резервите и најавите за скорешна алжирска испорака на течен гас. И кај нас нема гас, но затоа има состаноци и изјави оти сме к`сметлии заради малата потошувачка на природен гас.
За разбирање на позадината, контекстот и руско-украинската поврзаност на повторливите гасни недоразбирања ја препорачувам статијата од European Tribune. Можеби авторот е во право и гасот набрзо ќе потече низ цевките. Можеби европскиот поглед низ мразулците, и особено балканскиот, со секнувањето на гасот јасно треба да ги види покажаните руски енергетски мускули. Само на кратко пред мразот сосема да ги замрзне прстите со кои треба да се потпише зад Јужниот Поток. Со гневот на смрзнатите граѓани зад грб кој би можел да најде замерка на европската и балканската бизнис претприемчивост - прв дојден, прв услужен.