Posts Tagged ‘груевски’

Никовски: Главна цел - да ни се одземе државата, народот – колатерална штета

Sunday, July 18th, 2010

Ристо Никовски во Нова Македонија: Главна цел - да ни се одземе државата, народот – колатерална штета

Продлабочена анализа на настаните низ кои минуваме по распадот на СФРЈ, недвосмислено покажува дека основната причина за проблемите со кои сме соочени е всушност – (карактерот на) државата. Ако систематично се редат камчињата, мозаикот релативно лесно открива дека сите потези на меѓународниот фактор водат во: редефинирање, рекомпонирање, распарчување... или, барем - демакедонизирање на оваа држава. (сопствено болдирање м.з.) Иднината ќе покаже која е точната намера.

Според фактите, целта е македонскиот народ да ја загуби својата држава. Тоа е секако најлесниот начин да се затвори и т.н. „македонско прашање“, кое сé уште, преку сите соседи, го бранува Балканот. Ако нема македонска држава, нема проблеми. Така, националниот идентитет на македонскиот народ, неговиот јазик, култура, историја... ќе бидат само неизбежна колатерална штета - резултат на загубената држава.

Настаните од 2001 година имаа значајна улога во реализацијата на овие планови. Нам сé уште ни се чини дека тие беа само резултат на случувањата на Косово и на големоалбанските аспирации и ништо повеќе. Но не е така: 2001-та е многу значајна етапа во процесот на демакедонизирање на државата. Договорот од Охрид тоа јасно го потврдува.

Во целиот овој галиматијас, Атина е само формален иницијатор на процесот, додека интересот за него е значајно поширок од грчките аспирации. Впрочем, негови главни носители се други (многу поважни) меѓународни фактори.

Да спомнеме само неколку клучни докази за тоа:

1. Прв чекор – непризнавање на државата. По распадот на СФРЈ, т.н. Бадентерова комисија на ЕЗ оцени дека Македонија ги исполнува условите за признавање. Брисел го игнорираше тоа и не ја призна државата. Зошто?

2. ЕЗ, во јуни 1992 година (Лисабон), признавањето на државата го стави во невозможен контекст – не смее да се користи името (зборот) Македонија! Овој услов, во една или друга форма, е актуелен цело време, а особено денес: државата може да биде прифатена само ако не е македонска. Зошто?

3. Пред околу 18 години Атина ни воведе целосна економска блокада, со затворање на јужната граница. Северната веќе не функционираше поради санкциите врз СР Југославија. Бевме оставени без железнички врски со светот. Никој не реагираше иако тоа беше спротивно на регулативите на ГАТТ (членот 5) со кои меѓународно се гарантираше слободен транзит на (наши) стоки (преку Грција). Тоа траеше речиси две години, што е доволно да се уништи и многу посилна држава од нашата. Зошто се толерираше тоа?

4. СБ на ООН, игнорирајќи го сопствениот Устав (Повелба), не го призна постоењето на македонска држава, и го оспори нејзиното име. Ветувањето дека проблемот ќе се реши за неколку месеци беше чиста измама за да ја проголтаме неправдата. На сите мора да им било јасно дека нашето откажување од сопствената држава не се постигнува брзо.

Најавеното користење на референцата само во системот на ООН е друга лага, бидејќи тоа не беше можно.Кој стоеше зад сето ова и зошто?

5. Привремената спогодба, потпишана во 1995 година и депонирана во ООН, беше 75 проценти во корист на Грција, ама ни гарантираше дека нема да се блокираат нашите евроатлантски интеграции. Оваа клаузула, меѓутоа, се покажа како пречка за реализација на плановите. Влегувањето во НАТО и ЕУ, со референцата, значително би ги намалило шансите да се одземе македонскиот карактер на државата. Уште пред некоја година, кога се сфатило дека таа обврска ќе ја искомплицира ситуацијата, Нимиц јавно изјави дека спогодбата повеќе не важи! Зошто го стори тоа, ако не поради оваа клаузула, која не дозволува блокада на нашите интеграции во НАТО и ЕУ, а таа им е сега главен адут против нашата земја? Кога решивме да се обратиме до судот во Хаг, за непочитувањето на спогодбата, меѓународниот фактор отворено се спротивстави и остро го осуди тоа. Зошто? За наше добро?

6. Картите полека се отвораат и меѓународниот фактор сега е веќе без ракавици: настапува со отворени закани и уцени. Уплашен е, веројатно, дека итно мора да ја постигне целта. Ставот е прецизен: или државата нема да биде македонска, или нема членство во НАТО и во ЕУ.

Овие закани и уцени доаѓаат главно од Вашингтон и од Брисел. Добро е што ние ги сметаме нив за пријатели, ама тоа треба да се прави со многу повеќе дикат.

7.... Овие политики и политички процеси недоволно се детектираат кај нас. Настаните ние ги следиме издвоено, според дневните политички потреби, не во континуитет. Сепак, нешто не е спорно: (речиси) сите основни документи, со кои се реализира оваа стратегија ги подготвил главно Вашингтон (некои во координација со Брисел или членки на ЕУ). Тоа се: резолуциите на СБ за нашиот прием во ООН, Привремената спогодба, предлозите на Нимиц, Охридскиот договор... Дали е тогаш случајно што и најжестокиот притисок врз нашата земја, да се откажеме од сопствената држава, цело време доаѓа од овие центри?

А некои, не кои било, упорно нé уверуваат дека треба да си ја смениме само референцата!?!

--------------

Прашањето е, се чини, изџвакано та преџвакано. Во битката за умот, постојаното подгревање и одржувањето тензија, остава блуткав вкус во устата на восприемачот со секое навраќање на ова прашање. Покрај тоа, сепак, прашањето никако да скисне, доволна потврда тоа за нас  е од витална егзистенцијална природа.

Откако постмодернииот приод и аспекти со деконструкција и дешифрирање на прашањето за името го изгуби здивот и со тоа моќта за привлекување на вниманието, тоа сега воглавно соголено во прегратките од доменот на  класичната политика, геополитика и интереси. Антиквизацијата, колкав му бил на Аце, коњот на Гоце, историските словени, белите пелазги, или моронската теза дека името не е идентитет, веќе не се наметнати медиумски топ теми.

Но, затоа, баналноста и тривијалноста остануваат хакслиева константа. На домашен план, накитени до наконтени со Гручо Маркс украси, од собранискиот насилнички инцидент до сексуљавото соопштение на Уставниот суд, се забележува процесот на засилена политичка таборизација и поларизација во веќе воспоставената системска матрица. Условно, на надворешен план, воочливо до очебол е догматизмот на евроатлантскиот пат и европските определби со сместувањето на анкените резултати и препирките кој е поголем титов пионер, а кој скршнал од патот. Наизглед без идеолошката компонента, а со уздите на европските фондови и на нво парични дотации преврзани на двопартискиот оглав до работните места и минимална материјална живеачка, догматизмот на евроатланскиот пат во својата тоталитарност го надмашува идеолошкиот догматизам на претходниот социјалистички систем. Тој е далеку помоќен и поперфиден во своето делување, не преку директно сузбивање на слободната мисла и иницијатива, туку преку нивно обезмоќување и искривоколчена апсорпција. Убиствените коњаници на каубојската корпоративна глобализација го нудат изборот да бидете јавнати или да ја прифатите судбината на индијанецот.

Назад кон темата, текстот на опитниот и секогаш сериозниот Ристо Никовски не е на блог менито во улога на антипод на медиумско полтичката банализација. Дури мислам дека амбасадорот свесен за ова води сметка за речникот и начинот на образложување за да ја избегне политичката тривијалност. Прецизната таксативност и јасноста во искажаните ставови се дозирани токму од оваа причина. Тоа нималку не ја еродира ерудитско изведената главна мисла на амбасадорот Никовски искажана и во насловницата на текстот.

Да прокоментирам две појави кои ги регистрирав низ придружните коментари во неговата колумна. Прво, инсистирањето до Никовски за понуда и медиумско обеледонување на решенија во актуелната полтичка состојба, правено со малку дикат, би водело кон дополнителна политичка биполаризација и со тоа би било контрапродуктивно. Опсегот на решенија се насетува со изнесеното во самата колумна. И второ, задржувањето на потезите во однос на името од критичниот период 91` - 92`. Бездруго, грешките во тој критичен период се значајни и консеквените опашки ги определиле (не)приликите денес. Но голото вперување прст кон виновникот и истакнување на грешките без соодветен, или вметнати и искористени за било чиј партиски, контекст, претставува токму тоа - гола позиција.

Да ја искористам необврзната блог слобода, со дикат, да понудам метафорично воопштен контекст. Кога човек ќе се најде во животно загрозувачка опасна ситуација, бура на отворено море, искачување на високи врвови, воен конфликт или слични ситуации, ретко се случува една грешка да биде фатална. Најчесто, наместо еден погрешен избор, причината лежи во низа взаемно подржувачки секвенци од погрешно избрани одлуки. Одлуките можеби не изгледаат погрешни во даденото време, но погледнати во ретроспектива тие секако изгледаат така. Крајниот резултат е ситуација во која нема повеќе потези кои не би биле екстремно опасни или бесполезни. Како во шахот, нема повеќе потези - шахмат. Тогаш, при таа ситуација, ниту еден од претходните потези не може да се врати назад. По прашањето на името Македонија не се наоѓа во безизлезна шахмат ситуација. Периодот, сегашната секвенца на одлука, секако е критичен, како во 91`. Тешките последици од тогашната одлука секако влијаат и се чувствуваат, но тие не се оправдание за потезите што треба актуелно да се повлечат. Било каков потег по ова прашање бездруго ќе биде ризичен и болен. Груевски е на потег.

пс. Да сум јас на тоа место би ги прекинал преговорите.

Длабоките Хоризонти

Sunday, June 6th, 2010

На македонскиот граѓанин, како и на американскот, ништо не му значи цифрата меѓу 25,000 и 95,000 барели дневно, колку исфрла вулканот нафта од длабочините на земјата. Но затоа сликите од замастените пеликани од бреговите на Лујзијана остануваат зацртани во потсвеста и ја нема таа „пеликан“ гумичка што може да ги избрише.

Нафтата од длабоките хоризонти според најрелевантните проценки ќе продожи да ја замастува водата и паралелно да го лубрицира гневот на јужњаците со секој поминат ден со долар памалку, се додека помошната бушотина временски предвидена да пробие околу Илинден не го олесни нафтениот притисокот . Отприлика тоа е рокот за пробивање на хименот, или на политичката девица Обама, или на корпоративниот Оттаде Петролеум - BP.

И ние си имаме мома за .. До таму некаде, до фото сесијата на Мечкин Камен, ќе се знае дали нашата политичка мома, која сите знаеме дека не е баш невина, ќе стапне на лудиот камен со менување на презимето - името согласно нашите традиции не се менува. Подготовките за печатење на 15,000 покани, меракот за сончање по градските плажи, возењето со жичници, гладта по кредити, некако ми укажуваат дека момата решила да се .. Но ништо не е готово, додека не зачука тапанот.