Posts Tagged ‘груевски’

Сара пали(н), Никола жари, Сорос рефлектира

Saturday, September 13th, 2008

Премиерот Никола Груевски неодамна присуствуваше на републиканската конвенција каде се имануваа претседателскиот кандидат МекКејн и неговата придружничка Сара Палин. Како јавувија медиумите, Груевски остварил низа средби со видни личности од американската политика и учествувал на една тркалезна маса. Симболиката со тркалезната маса од времето на кралот Артур уште врви - штета што нема толку голема тркалезна маса за на неа да седнат шест и кусур милијарда луѓе, или барем два милиона. Како и да е, мора да се признае оти Груевски има осет, злобниците ќе речат среќа, со тоа што се најде во жижата на настанот - раѓањето на феноменот “Сара Палин“.

По долгомесечната исцрпувачка внатрешна битка во таборот на демократите, помеѓу Обама и Клинтон, заедно со провокативните (пол.и.) прашања, дали жена или обоен се добитниот тикет-кандидати за претседателската трка, наеднаш сите рефлектори се насочени кон “питбулот со кармин“ - 44 годишната гувернерка од Аљаска, Сара Палин. По очигледната импотентност на дедото МекКејн да го привлече вниманието на јавноста и дефанзивата наспроти Обамаманијата, атрибутите на хокеј-мајка со пет деца, наскоро баба која го бакнува зетот, ловец на лосови, пуцачица, баракуда, еден фин балансиран имиџ на грижливата и мајката борец, ја пумпаат Палинманијата ко што се пумпаат понзи економските балони ширум светот. Политичките консеквенци изразени преку анкетите се од - 4% дефицит тимот на МекКејн води со +5%  во однос на тимот Обама, со главен придонес во свртувањето од 20% кај жените гласачи.

Со слоганите “Бог, пиштол, кармин“, “Најладна држава, најврел гувернер“ и “Читај ми од црвилото - Палин“, никој од гласачите не останува рамнодушен. Овациите од салата се пренесуваат до најзафрлената американска селска кафеана, каде локалните rednecks до вчера ќа исфрлеа секого наглавечки од кафеаната само ако спомнеше дека ќе гласа за жена. Сечилото и женските цицки се длабоко вкоренети во американската почва и психа, и на друго место.

Од секоја манија може да се направи профит, некој се досетил, та на пазарот понудил кукла. Којзнае, можеби цариникот од аеродромот “Александар Велики“ само ќе се насмевнел доколку ја видел Палин-куклата во куферот на Груевски, не сомневајќи се какво политичко жарче претставува неугледната кукличка скриена помеѓу неколкуте рала валкани гаќи. А можеби некој од тимот на Груевски неформално и пријателски купил нешто од вториот ешалон на политичкиот стратег Карл Роув, мастермајндот на двете Бушови изборни победи, кој и сега најверојатно е “извалкан“ до лакти од политичкото породување на гувернерот Палин во потпреседателски кандидат на републиканците. Ма тоа и не е важно за некој, особено за оние со интелектуален суфицит и паричен дефицит, кога при прошетка по улица случајно ќе ја здогледа насловницата на Фокус - Премиерот верува дека е Алексанадар Велики НА 21 ВЕК. Секако дека ќе опрчи 100 денари за весник и пакла цигари, фифти-фифти.

И го гледам Николче Младенов како се мачи, љубоморно се обидува да го покрие маркетиншкиот недостаток, со продавањето на вистината за Груевски. Објаснува ли објаснува, шармира со вицеви и останати фини стилски фигури, за тоа како немало доволно непровокативен историско-митски јунак во поблиското ни минато та Груевски го зел Александар со најповолната и неопходна дистанца за сите нас да не заштити и покрие под неговиот непробоен штит со сонцето од Кутлеш. Ало, добро утро! На кого му го продаваш неделникот, Николче? Оние, налик мене, веќе го знаат понуденото од весникот и се закачени на интернет. Оние кои не го укапирале тоа до сега или не можат да го укапираат, не им е гајле или се верни митолошки потрошувачи. Ако ми требаат вицеви или стилски фигури ќе си купам вицотека или ќе одам на балет. А можеби продажбата е наменета за она тенко опозицоно настроено 9% граѓанство обично претстваено преку пензионери - екс YU и MKD пензии. Можеби на либерално интелектуална елита закатанчена по невладини и владини канцеларии кои ионака го добиваат весникот по службена должност. Или купци се заколнатите СДСМ-овци кои со една рака мастурбираат над Фокус, а со другата цртаат рецки уште колку денови има до падот на црни Грујо.

И кога сме кај “прогресивните либерали“, онаа наконтена интелектуала, со загарантиран медиумски, системски и паричен пристап, каде имиџот се кали и калапи. Тие несомнено заслужуваат праграф ил два. Покрај незабележливите прогресивци генерално именувани како семинар-проект работници со задоволителна и видлива материјална удобност за невработениот завидлив локалец, постои и таканаречена елита, оние најистурените што бодат очи по медиумите. Тие се воглаво задолжени за идејните форми и нарации на општествено-политичките концепти и творби. Генерализираниот конзервативен патриот милува да ги нарекува “соросоиди“, и обратното, “убер патриоти“. Како и чоекот така и групите сакаат да се именуваат меѓусебно. Кумството е секогаш од милост, проблематични се насоките, па нема потреба од бегство од веќе воспоставената терминологија.

Значи, сосросоидите моментално пиздат од убер патриотите. Фрчат од фрустрација и никако не можат да ги поднесат убер патриотите. Ситуацијата по малку ме потсетува на ферка меѓу група јапи банкарчиња и селски р`мпајлии од пред кооперација. Не помагаат тука томовите книги магично трансформирани во шипки за млатење на попречениот пат од р`мпајлиите со постојан дотур на лозова и кебапи. Сосема за очекување е дека брокерот Груевски предвидел една сосема ситна ставка во издашниот буџет за лозова и кебапи. Ситнеж наспроти скапо платените интелектуални мерцедеси. Не иде, и не иде. Опаѓачката толерантност кај сосросоидите се забележува и во нивото на спуштениот речник, во физичките гегови, во жестокоста, кои дополнително се контрапродуктивни со се појасното соголување во разликате меѓу проповеданото и правеното. Во Македонија како мала земја ликовите на интелектуалата и банкарите одамна се мешаат со ликовите на телохранителите и селските р`мпајлии. Последици од стеснетиот простор.

Што е причината за оваа состојба? Толку ли се сосросоидите тапа? Толку ли се убер патриотите витално јаки?

Одговорот да го побараме во најновата книга на Џорџ Сорос, The New Paradigm for Financial Markets: The Credit Crash of 2008 and What It Means, лично и персонално. Колку и да ви изгледа чудно, се чини дека сосросоидите или не ја прочитале книгата на својот мецена или пак не ја разбрале. Додуша и јас не сум ја прочитал ама сум фатил пар рецензии - доволно за (за)(из)несување на поентите и концептите во една блог мешаница која си дозволува да дели ум, лево и десно. Како беше онаа, блог ми е, двор ми е. И ми се може.

Од поперовото отворено општество како извориште на идеите во писанијата на Сорос во новата книга фокусот е на рефлексивноста (reflexivity) видена кај финансиските пазари. Накратко, концептот на рефлексивноста кажува дека индивидуалните инклинации на индивидуалните играчи на пазарот потенцијално ги менуваат фундаментите на она `идеално` пазарно функционирање. Или погрешните перцепции на економските учесници на едно место може да доведат до реални перцепции за економските показатели на друго место со што се прави засилувачка повратна врска која доведува до финансиски балон кој неизбежно ќе дојде до состојба на нестабилност поради фаличноста на почетната перцепција. Ова објаснување може да биде примамлива интелектуална мамка за понекој финансиски сом, иако рака на срце во себе вклучува достаточно интересни поставки и разработки од кој има што да се научи. Но додека Сорос, човекот што ја скрши британската фунта, во финансискиот дел ќе се држи за концептот на рефлексивноста, во општествените размисли тој говори за фалинката на отвореното општество дефинирана како “постмодрен идиом“. Вака ја објаснува фалинката,Политичкиот дискурс не е задолжително насочен во потрага по вистината. Му верував на Попер и ги направив тие грешки поради нашата преокупација со потрага по вистината. За среќа, овие грешки не се фатални затоа што основата за критичкото мислење останува нечепната и овие грешки може да се поправат. Треба да се признаат разликите помеѓу природните и општествените науки.“ и следното “Постмодерниот однос кон реалноста е многу поопасен. И додека тој открадна добро парче од Просветленоста со откритието дека реалноста може да се манипулира, тој не ја признава потрагата по вистината како неопходност. Последователно, тоа овозможува манипулацијата на реалноста да остане неспречена. Зошто е тоа опасно? Затоа што во отсаство на соодветно разбирање резултатите од манипулацијата може да бидат радикално различни од очекуваното.

Како што е познато, Џорџ Сорос е огорчен противник на американските неоконзервативци и подржувач на демократите. Класичен е примерот, што го истакнува и Сорос, за радикално различните последици добиени со инвазијата на Ирак со погрешно прокламираните почетни премиси. Интересно е што два дена по говорот на Сара Палин на републиканската конвенција на контото од кампањата на Обама веднаш пристигнале донации од десет милиони долари. Можеби и Сорос уплатил нешто дополнително. Тоа говори за жестокоста во политичките изборни битки, меѓу елитите на светската моќ, но секако и за виталноста на изборниот концепт воспоставен од Роув со ненајдениот пресврт. Да проследиме нешто посредно од Ron Suskind што под велот на анонимноста покажува кон Карл Роув: “Советникот кажа дека луѓе како мене се во `кампот засновуван на реалноста`, кои тој ги дефинираше како `оние кои веруваат дека решенијата произлегуваат од солидно студирање на перцепираната реалност.` Јас климав и мумлав нешто околу просветителските принципи и емпирицизмот. Тој ме пресече. “Тоа повеќе не е начинот на кој функционира светот,“ и продолжи. “Ние сме сега империја, и кога дејствуваме, ние ја креираме сопствената реалност. И додека ти ја проучуваш реалноста ние ќе дејствуваме повторно, креирајќи некои нови реалности, кои ти можеш исто така да ги проучуваш, и на тој начин ќе се одвиваат работите. Ние сме креатори на историјата .. а ти, сите вие, ќе останете да проучувате што ние правиме.

Сепак, да не застанеме тука и покрај интелектуалната соросова заводливост и роуовата брутална реалполитик филозофија, се работи за два концепти во употребата на манипулацијата. Првиот, оној на Сорос и на домашните соросоиди, повеќе се потпира на рационализација и интелектуални објаснувања при употребата на манипулацијата која неизбежно во помал дел задира до длабочините на рептилниот ум, и вториот, оној на неоконзервативците и домашните убер патриоти, кој директно и без пардон оди до рептилното со рационализацијата повеќе како парадигматска одбрана од првите. Не вреди да се прави категоризација на злото или да се трага по динамиката на последиците предизвикана од двата концепта на манипулација. Во суштина ниту една страна нема намера да се откаже од манипулацијата. Политичката шизофренија и цинизам немаат граници. Вредно е да се каже дека во моментот дејствувачката предност е на страна на неоконзерватизмот кој се потпира на подлабокиот пристап во политичкиот невромаркетинг.

Погледнато низ оваа призма, политичките битки на домашен терен се одвиваат во две одделни рамнини. Повлечените паралели покажуваат дека опозицијата воопшто не ги осознала ниту базичните елементи во засебните рамнини. Истото важи за Фокус каде на времето имаше одлични насловници со карикатури и луциден стрип. Поместувачката реалност создадена со високо подигнатиот штит од Александар Македонски ќе изискува поместувачки одговори кои малку кој во моментот ги има на лагер. Ајде нека се јави јунакот кој може да го победи големиот Александар со неговата фаланга составена од олигархиска коњица и партиски војници како пешадија?! Нема потреба од таква битка. Можеби спасот во оваа изместена митско-историска димензија со превртено време ќе се бара во Филип II, вистинскиот македонски обединител, рака под рака со неговата жена Олимпија - женски политички лик со фризура ала Тимошенко, бујни гради и неодолив шарм за рурална Македонија, која ќе може да го абортира Александар.

Во очекување на цицките од Олимпија стојам со кренато оружје и радосно го кажувам следното - Грујо мајсторе, секоја ти чест! .. набаци навака десетка со кромид и бинлаче црвено вино .. не сум по лозовата .. они ќе се тепале со Александар .. аматери, шо ги глеам смешни .. кој да мисли дали утре ќе не боли глава од пијанството .. еднаш се живее ..

Со Господ напред!