Димитриј Орлов, со негови зборови, е специјалист во размислата околу, анализата и предвидувањето на колапсот. Неговиот метод се заснива на споредбата помеѓу колапсот на Советскиот Сојуз со состојбите кај актуелната суперсила, САД. Роден и израснат во Русија, емигрира во Америка со постојаното одржување контакти меѓу двете земји, Орлов, со интимното познавање на обете земји , со опсервацијата и со неговата јасна мисла, можеби најповеќе се квалификува за овој тип споредба.
Тука ќе презентирам дел од писанието The Five Stages of Collapse од неговиот блог cluborlov.blogspot.com каде се дефинирани петте фази од колапсот.
Стадиум 1: Финансиски колапс. Довербата во “business as usual“ е загубена. Претпоставките за иднината на било кој начин не наликуваат на минатото и начинот со кој ризикот се проценувал и се гарантирала финансиската актива. Финансиските институции стануваат несолвентни; заштедите се збришани, и загубен е пристапот до капиталот.
Стадиум 2: Трговски колапс. Довербата во “the market shall provide“ е загубена. Парите се девалвирани и/или се скудни, се прават резерви од добрата, увозот и продажните ланци се растураат, норма е широко распространетата криза за основните животни потреби.
Стадиум 3: Политички колапс. Довербата дека “the government will take care of you“ е загубена. Со неуспешните официјални пазарни обиди за олеснет пристап до животните неопходности, политичкиот естабилишмент ја губи легитимноста и релевантноста.
Стадиум 4: Социјален колапс. Довербата дека “your people will take care of you“ е загубена, додека социјалните институции, било доброволните помагатели или другите групи кои го пополнуваат празниот простор однемуваат ресурси или се неуспешни поради внатрешните конфликти.
Стадиум 5: Културен колапс. Довербата во добрината на човештвото е загубена. Луѓето го губат капацитетот за “љубезност, широкоградост, внимание, приврзаност, чесност, гостопримливост, сочувство, милосрдие.“ Семејствата се растураат и се натпреваруваат како индивидуи за скудните ресурси. Ново мото станува “May you die today so that I die tomorrow.“ Дури е можно да има некеков канибализам.
Ова се накратко дефинираните фази на колапсот. Тие не се строги во својата појавност и се преклопуваат една со друга. За разлика од петте фази на личните човечки трагедии (порекнување, бес, пазарење, депресија и прифаќање) кои во одредена мера добро пасуваат со однесувањата при општествената, колективна тарагедија, Орлов вели дека неговата таксономијата на колапсот може да претставува повеќе од интелектуална вежба. Базирано на способностите и условите, понекои од нас може да се обидат да специфицираат план за поедини стадиуми од колапсот, привремено или трајно да го запрат во одреден момент. Иако фазите во физичкиот свет и набљудуваните промени на околината се воглавно постепени, менталните промени се прилично брзи. Културолошка универзалност е дека никој не сака да биде “последната будала“ која ќе верува во лагите (ох како само неколкуте скорешни дебатни емисии со домашните интелектуалци ме потсетуваат на ова).
Несомнено дека постојат сличности помеѓу империјалните суперсили, едната веќе колабирана, другата актуелно во колапс. Премисата се заснова на дефинирањето на фазите кои со своите конкретни елементи пасуваат во една поширока општествена поставеност. Ако се земе в предвид времето на пишаниот запис (Февруари 2008) кога се уште финансискиот колапс од “главната улица“ се именуваше како привремена помала грпка на патот, како и прилично точните описи кои се поклопуваат со тековните случувања во финансискиот свет, тогаш не би можеле лесно да ја игнорираме “колапсната“ сериозност на Орлов.

Денес Америка прилично лесно може да ја ја лоцираме во првта фаза - финансиски колапс, со тоа што за одредени делови од општеството, популацијата, втората фаза е поблиску до реалноста. Орлов вели дека во вториот дел од првата фаза, покрај сиромаштвото и средната класа, многу од богатите ќе останат без “скршен динар.“ Случувањата со понзи шемата на Мејдоф каде пред се учествуваа богати клиенти како да го најавува овој фазен дел. Поради кредитната зависност на властите, со најголема веројатност финансискиот колапс ќе заврши со хиперинфлација.
Без влегување во деталите, интересни и инспиративни се забелешките на Орлов, дека ,со сите сличности и разлики, Советскиот Сојуз беше подобро подготвен за колапсот. Генералниот совет е дека можеби не треба енергијата и ресурсите да се трошат на запирање на колапсот во првите две фази, туку рововите да се утврдуваат во третата фаза, дефинитивно во четвртата. Во густо населените популациски центри и во земјите со опасни нуклеарни и индустриски инсталации третата фаза, политичкиот колапс, е од исклучителна важност. Останатите со релативно скромна база од ресурси може неограничено да опстојуваат во третиот стадиум, а оние со скудно природно опкружување во четвртиот стадиум.
На човек не може да не му дојде ум сопствената земја. Македонија во изминатите 20 години, во сегмент како дел од распаднатата СФРЈ и во сегменти како независна држава, преживуваше понешто од првите три фази на колапсот. Одредени елементи сето време се присутни во помал или поголем обем, но тие повеќе се разбираат како дисфункционалности и проблеми на самата држава во транзиција, можеби со право.
Бездруго претстојниот колапс на САД како империјална сила за нас ќе има конкретни импликации. Вредно е да се истакне дека колапсот на СССР се одвиваше во услови на релативно стабилен светски поредок и опстојба на преостаната суперсила од биполарниот свет. Ако на ова ја додадеме комбинацијата од очекуваните последици од климатските промени, исцрпувањето и скудноста на неколку клучни ресурси на кои почиваат сегашните индустриски општества и импотентноста на политичките и интелектуални елити, тогаш ашовите за рововска одбрана од фазната прогресија на колапсот подобро поскоро да се извадат од интелектуалната алатница, паралелно со активизмот на утринската гимнастика.