дел 4
Без претенциозност во познавањето и без идеолошки барјак за веење во обилието на субверзивни дејанија можам преку студенилото да пројдам обележан единствено како “useful idiot“ или тоталитарно забележливо невреден.
Берија, Гебелс, .. Сорос. Техниките се техники во аморалниот свет каде божественото е целофански спакувано и понудено на распродажба, 2+1 гратис. Техниките се техники во светот каде Бог како сообразно отелесена и жива земска интерпретација е испратен на принуден одмор. Луѓето и нациите се суфицитарни во светот на превртените пирамиди со дефицитарни ресурси.
Свесност за состојбите без подлабоко разбирање; Внимавајте на допадливите вирални слогани! Опулете се подозриво на едноставните пароли во комлексниот свет!
Идеолошки измамници се оние кои ги убиваат ладнокрвно, презириво, постоечките митологии, оние кои ја отштрафуваат постоечкта култура, без да водат сметка за последиците и без да понудат валидно кротки и функционални нови. Ѓаволска е интелектуалноста со 25ка клуч во рака.
Идеолошки измамници се оние кои ги по франкенштајн модели ги воскреснуваат и лепат подзаборавените стари митологии, оние кои на лавовските коски прикачуваат телешки мускули, без достаточно сообразување со животните предизвици на денес и утре. Ѓаволска е топлината од сонцето џин кое ќе се обруши до џуџе.
Сцената е наместена, јуришот инсцениран. Само крвта во прологот што ќе се спира од ладниот плочник ќе е вистинска топла. Лап топ револуционери со ентер команда на окинувачот во нечија туѓа рака. Маркс, Ниче, Малтус, Фридман, Исус и Мухамед, сите се вметнати во реденикот. Бирај човече, има уште оловни зрна за виртуелното месо кое во наредното гејмерско ниво ќе се преобрази во места гробни.
И не сум лажен миротворец. Не можам да бидам. Во војната помеѓу глувите и слепите не вреди зборот, не вреди понудената рака. Нема да биде чуен лелекот на сираците, ниту гладните усти ќе се видат.
Далеку е крајот. Затоа почетокот е тука. Разорнувачката фурија ќе помине. Но сакам уште отсега да се знае. Сега дури себичната ви битка жестоко си ја скрива намерата. Вие не го правите тоа во името на нешто поголемо, во името на сите, во името на спознаеното добро или вистина во која на големо се колнете. Не, не и не. Грандиозноста ви е наменета исклучиво за себе, Оооо вие мизерни ситни души!