Во последните неколку месеци имаше доста слични визуелизации со кои на едноставен примечив начин се разголува функционирањето на комплексните финансиски инструменти. Се разбира, грото беа по фактот, откога кризата масивно прогресираше. Секако, тие се повеќе од добредојдени. Закаснето отрезнувачки.
Меѓутоа тоа не е основната причина поради кои визуелазицајиата се наоѓа тука. Да се обидам преку следното прашање да дојдам до една друга визуелизација. Паметите, низ весниците се провлекоа неколку имиња како предвидувачи на тековната криза. Дочекавме на страниците од домашниот печат да го прочитаме Нуриел Рубини, на пример. Ѕвездата од Давос, за која Бил Гејтс чекаше во редица да ја види, претходно беше непостоечка за домашната јавност.
Но, колкумина со време ги притиснаа вистинските црвени алармни копчиња, или приближно вистинските, затоа што верификувани гатачи не постојат? Сеедно дали ќе кажам многумина или доволно, нема да згрешам. Без лажна скромност, ако протрчате низ архивите на мојот претходен блог може да пронајдете доволно записи како потпорни точки за кризата во најава. Да прецизирам, кризата беше предвидлива. Прашањата за тајмингот, појавноста, динамиката и степенот на прогресија се прашања за посуштинските познавачи, прашања за системските сладокусци или да ги наречам проучувачите на големата слика. Појдовното во дискусијата е навреме да се согледаат оние скриените подлабоки и клучни трендови кои ја продуцираат кризата.
Последователно, дали ние го имавме македонскиот Нуриел Рубини? Дали некој од македонските финансиско-економски експерти, некој политичар или аналитичар, доволно гласно и со доволно јасно насликани елементи посочи со време на галиматијасот во прогрес? Позиција, опозиција или “независни“, сеедно. Мислам оти нема потреба да одоворам. И логично, па како тогаш да очекуваме оние што не ја насетија надоаѓачката бура успешно да не водат до засолништето? Во стварност, ние, како и во повеќето држави ширум светот, немаме засолниште. Претпоставеното засолниште е структурен и долготрен зафат и за неговото непостоење се одговорни повеќе или помалку сите изминати и тековни властодржци.
Начелно одговорноста може да падне и кај плебсот со неговиот ситноинтересен културен модел неприемчив и отпорен за брзи сообразни промени, но ако се земе в предвид напредокот во инструментите за јавна манипулација која обилно се користи, тогаш слободно може да го занемариме начелното. Со оглед на вјаременоста и очекуваниот товар што ќе треба да се тегне, имам впечаток дека прстот нема да се впери кон малиот човек. Одговорноста, системската одговорност, паѓа кај оние со инструментите за системско моделирање. Елитата, или властодржците во најширок смисол, тоа воопшто не го затскриваат.
Кај системите со вграден демократски театар контрапозиционирањето во облик на клешта е направено со левиот и десниот крак, со позициски и опозициски пипок. Кај такавиканите тоталитарни системи клештата стега со внатрешниот и надворешниот непријател. Може да се послужите и со комбиниран модел, но насекаде останува тешката рака на власта припиена за рачките.
Чуму муабетов? Напросто преку тука претставената визуелизација да се погледнат актерите. Тие обожуваат да си префрлаат и меѓусебно да се обвинуваат. Откако ја насетија величината на проблемот и претпоставеното драстично и неизбежно смалување на питата, отприлика некаде Октомври-Ноември, веднаш започнаа со кроење сценарија. Економскиот поглед и финансиското толкување се прекршуваат низ политичко интересната призма. Нели, во прашање е поставеноста на аголот. И бесмислено е да се негодува за тапоста на аголот. Навистина е тап(а).
Ах да, луѓето, освен критиката колку да е убаво срочена, сакаат да слушнат нешто поинакво. Можеби добра имагинација на настаните од иднината преку провокативно раскажани политички сценарија. Не ветувам, но можеби ќе срочам нешто поверодостојно од оние присатно ш`шкачките. А можеби нешто за решенијата и начините за справување со кризата. Можеби. Еве, само накратко и без образложување. Има три можни приоди, секој со своја веројатност да ја здогледа дневната светлост. Првиот е револуција. Вториот така да го наречам е утврдување или фиксирање. И третиот е изместување.