По краткиот вовед, можеме преку слики да преминеме кон прикажување на внатрешноста на албатросот.
















Ја
Ја носим пластично одело
И пластика је моја храна
Можда сам пластичан и ја
Ја
Ја сам у своме солитеру
Отворичу ти своја врата
Да будеш исто што и ја
Пластика
-Идоли
Пластиката е сеприсутна. Погледот потврдува. Пишаното во моментот го читате во пластична рамка. Комуницираме преку пластика. Гледаме низ пластика. Забава со пластика. Во подрум пластика, на таван пластика. Градиме со пластика. Океан од пластика. По реките пластика. Пластика во воздух, пластика на земја. Акрилна кошула, најлон чорапа, полиестерно одело, пластичен ѓон. Пиеме вода од пластична амбалажа, пластчно вино, пиво, сокови. Јадеме од пластика. Виновникот за ограничувањата во сексуалното доживување, кондомот, незапирливо се пластифицира. Пластични колкови, пластични стентови, пластично срце. Можеби сум пластичен и јас?
Пластиката е полимерно соединение. Полимер направен од повеќе повторливи единици - мономери. Полимерноста е застапена како кај помалку сложените, така и кај повеќе сложените живи организми. Кога зборуваме за биополимери, тоа се оние продуцирани од живите организми, како, целулоза, керотин, ензими, хормони и, како милуваме да кажеме, животно кралските РНА и ДНА. Наспроти се вештачките, или синтетичките полимери, како пластиката.
Пластиката оди со пластичноста. Во физиката пластичноста се дефинира како својство на материјалот да претрпи нереверзибилни промени на формата со/при употреба на сила. Нема ломови, само свивање до некоја нова форма. Идеална пластика е онаа кај која е возможен бесконечен број на свивања без да се изгуби на пластичноста. Ах, таа бесконечност. Ах, тие понирања, тие воздигнувања.
За да се моделира пластичното општество потребна е “пластична“ суровина. Во општеството тоа е човекот, најновиот мономерен општествен примерок - пластичниот човек. Училштата, телевизорот, супермаркетот, изберете структура по избор, сите се тука за мономерна продукција. Низбежно кај структурите, моите автодиктатични солирања нурнуваат во молекулата, недделивата крајност.
Сиот жив свет на земјата, биосферата, е заснован на јаглеродниот атом. Незаситени врски, законите на привлекување и одбивање. Атракции! Во овој микро свет, најчесто полимерите содржат јаглерод и водород, понекогаш кислород. Со тоа светот на човекот, на молекуларно ниво е свет на јаглеродот. Опседнатоста со контролата, владеењето, управувањето со животот, наместо простум живеењето има свои последици во терминологијата.
Можеме ли да зборуваме за преовладувачка опкруженост со синтетичкиот јаглерод, пластиката наместо биополимерите? Ако пластиката неизбежно го пластифицира современиот човек, тогаш, со молекуларна терминологија, кај општествените структури имаме владеење на јаглеродниот атом, Carbonarchy. Кај анархистичкиот идеал за свет без владетели поимот “-archy“ би го имал значењето на синтетичкото неприродно владеење и со тоа ослободување на јаглеродот од молекуларните манипулации. Ослободување од синтетичката пластика.
Но како да се ослободиме од сеприсутната пластиката? Дали воопшто сакаме?
Општоприфатена е штетноста од пластиката, но таа предвидлива долгорочна самодеструктивност не возбудува, не изнудува акција. Истовремено се прифаќа нејзината штетност и нејзината полезност. Како кај долго злоупотребуваната жртва од киднапирање, или семејно насилство, взаемно егзистираат прифаќањето и одбивањето на мачителот. Се чека спасителот да се појави од надвор, се чека коњицата од американските вестерн филмови да влета во последен момент.
Уште една карактеристика на пластиката - сеприсутноста. Сеприсутноста не се одликува единствено со просторното маркирање. Просторното покривање временски се стопува во просторно-временски континиум. При ваква состојба побудувањето на сетилно-сензорниот нерв долготрајно се оневозможува. Оваа нервна заситеност, сетилна тапост, се случува со подигањето на интересносното окинување до нови нивоа. Заситеноста не одговора на голицкавата ехо иритација од претходното ниво. Човекот свикнал. Вчерашната иритација е денешно секојдневие. Оттука ползечките промени кон полошо не се чувствуваат со очекуваната силина. Немаме револуција, туку инверзна и деструктивна еволуција.
Одговорите да ги побараме преку имагинативното поигрување со пластичноста и процесот на полимеризација. Пластичната нереверзибилност во добивањето на нова форма и нова функционалност е исклучиво посакувана, за што говори терминолошката употреба на пластичноста во психологијата и во неврологијата кај синаптичките јазли. Материјалот се “обработува“ во специјални услови, под зголемен/намален притисок со одреден енергетски влез и со додавање на одредени адитиви и катализатори, сето тоа со примена на соодветни технолошки процеси за секој посакуван резултат засебно. Слично како процесот на полимеризација каде пластиката се создава, а со пластичноста се преобликува.
Кога зборуваме за пластичниот човек како мономер во општествената полимеризација, тој нема напросто да се оприроди. Пластиката во природата долго се разградува, поедини типови пластика илјадници години. Кај полимеризацијата клучни се слободните радикали кои можат да врзат долги низи мономери и во принцип ги одредуваат особеностите на полимерите. На општествен план слободните радикали, особено самоизградените и самосвесните, се најопасни за планската полимеразиција од гору надолу. Дали зачудуваат процесите на системско ограничување на слободата на поединецот? Дали зачудуваат акциите за поседување и контрола на јаглеродниот атом од енергетските јалерохидрати од самото извориште под земја, преку дистрибуцијата, до самиот корисник - пластичниот човек? Дали зачудува медиумскиот притисок за пластично преоформување на невронските синаптички јазли?
Во секој случај, пластиката и пластичноста долго ќе бидат со нас. Упорното таргетирање мономери се чини промашена работа. Подигањето на индивидуалната самосвест е како делување на поединечен мономер во долгата низа. Познавањето на процесите на полимеризација е клучна за општествените владетели и за самоизградениот поединец. Општествените и индивидуалните промени најверојатно ќе бидат обележани со влијанието на два одлучувачки фактори: долгорочното намалување на енергетскиот влез и способноста на слободните радикали при такви услови самосвесно да делуваат.