Posts Tagged ‘препарат’

Лукот како пестицид, инсектицид

Monday, January 4th, 2010
Денес постојат доволно докази за штетноста по човековото здравје и околината од хемиските пестициди кои се употребуваат во градинартството. Овие сознанија се веќе прифатени до ниво на здравиот разум, но покрај тоа се уште реално малку се применуваат поинакви средства и методи во справувањето со штетниците во градините. Во таа насока на охрабрување во употребата на еколошките, органски, природни пестициди, и како јавен прирачник за моја и поширока употерба, овој запис ќе го претстави лукот како природен пестицид и инсектицид. Ако лукот е добро познат во човековата исхрана по антивирозното и антибактериолошкото дејство, нема причина сличната функција да не ја одигра и кај растенијата во градината.
И најскромната градина претставува природна заедница на одреден простор, дејствувачки еснаф помеѓу растенијата, инсектите и животните. Одредени инсекти може да бидат полезни за поедини растенија, или да бидат штетни за нив, па дури во одреден период може да бидат полезни, а во друг штетни за истото растение. Пермакултурата преку дизајнот и наоѓањето место во природната околина се труди да ги пронајде взаемнополезните релации на растенијата, инсектите и животните, работејќи со природата, не наспроти неа. На пример, буба марата е исклучително полезен инсект со нејзината улога на природен непријател на мушичките и ларвите закачени на растенијата со кои таа се храни. Или пак, лукот засаден на рабовите од градината може да послужи за одвраќање на инсектите, слична таква улога има и босилекот. Релациите на секое растение или инсект се повеќезначни, со што начелно треба да се избегнува употебата на препаратите при секоја прилика, па нека бидат и органски. Но во ситуација кога балансот веќе е значително нарушен, и претстои штета, може да ја претставам рецептурата за природно изготвените пестициди на база на лук.
Налетав на неколку варијанти за приготвување природни пестициди со лук и тука ги сведов само на две рецептури.
1. Две до три толчени главици лук се прелеваат со половина литар врела вода и сместа се остава да отстои еден ден. Потоа се прецедува низ крпа или сито. Се додаваат 4 литри вода во која претходно е растворен еден биоразградлив сапун или 50 грама течен сапун. Погодените растенија се прскаат рано наутро. Доколку не се одвратат штетниците повторно се прска по три дена. Алтернативно на старт во растворот може да се додаде лута пиперка или главица кромид.
2. Три до четири главици столчен лук се прелеваат со две големи лажици минерално масло (минерално масло е вискозно масло добиено од сурова нафта). Се остава да се впие маслото еден ден. Смесата се раствора во половина литар вода и се додава рибја емулзија (течно органско ѓубриво - не знам дали ја има кај нас во малопродажба). Прецедената смеса се чува во стаклен сад. Пред употреба за прскање се разредува со вода во размер 1 наспрам 20. Овој природен препарат од лук одлично делува против мушичките, комарците и кромидната мува.