Пред недела дена враќајќи се пеш дома по кејот на Вардар, кај мостот за Судска Палата, наидов на ѕид исполнет со зеленило. Малку нерамнини, вдлабнувања и испакнувања, малку песок и сосем мала косина, доволни се за “напад“ на природата и во градски услови. И не е нападнат само ѕидот на кејот. Организационата косина и малите процепи во свеста на ниво на град Скопје и универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ни го носат “нападот“ на природата преку компостирање.

Како прво, пред два месеци градот Скопје го најави почетокот на пилот-проектот за компостирање на собраните лисја од јавните површини. Собраните лисја, околу 150 тони на годишно ниво, досега беа носени на депонијата Дрисла, а отсега се планира да се компостираат во дупка 30 на 30 метри со длабочина од 1,5 метар. Градските власти најавуваат и покренување иницијатива за индивидуално ангажирање во компостирање на органскиот отпад на граѓаните на Скопје кои живеат во куќи. По се изгледа сликата од зелените јавни површини низ градот со куповите прибрани и неотклонети лисја се должи на овој градски пилот-проект за компостирање. Сосем случајно, ова се поклопува со сопствената сосамоиницијативност во ангажманот околу домашните органски отпадоци, иако живеам во стан. Сакам јавно да изразам задоволство од пилот-проектот за компостирање на собраните лисја и од најавената иницијатива за индивидуалното комостирање на семејниот органски отпад. Се надевам дека нема да остане само на пилот-проекти и иницијативи, туку дека компостирањето вистински ќе заживее во Скопје и во Македонија.

Второ, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип преку Канцеларијата за рурален развој на својата веб страница ја има јавно достапна брошурата за компостирање - Од органски отпад до органски компост (пдф формат 5,46 мб). Брошурата како списание водич за својата намена е соема солидно изработена. Особено радува јавниот пристап преку интернет до брошурата. Во таа насока да посочам линк каде може да пронајдете повеќе брошури и прирачници повразни со органското производство на храна.
Производството на органски компост, всушност, поаѓа од она што секојдневно и постојано се случува во природата. Во природниот свет се случува она што се нарекува кружен тек на органската материја. Исушените лисја, трева, стебла, цвеќе и други материи - она што го земаат од земјиштето
во текот на животот, повторно го враќаат по својата природна смрт. Ова кружно движење на органската материја претставува основен услов за опстанок на природата. Овие материи, во природни услови се разложуваат и создаваат хумус кој служи за хранење на растенијата.
Во природата овој процес се случува непрекинато, без вклучување на човечкиот фактор, бидејќи не постои потреба. Органските материи се во чиста природна состојба и не доаѓа до мешање со неоргански отпад, така што нема потреба од селективно собирање, а сите тие природни услови нудат и сè друго што е потребно за создавање на квалитетен хумус, пред сè земја, влага и доволно кислород.
Во урбани услови најчесто се случуваат спротивни процеси. Органскиот отпад од домаќинствата, конзервните фабрики и зелените пазари главно, се депонира во контејнерите со другиот смет и заедно со сиот отпад завршува на легалните или, пак, во најлош случај, на дивите депонии. Во рурални услови овој органски отпад (непродадените количества зеленчук и овошје, како и биомасата која останува по полињата) најчесто завршува покрај речните корита, до патиштата, меѓу нивите или, пак, на некои други диви депонии. На тој начин, не само што неповратно се губи огромно количество органска материја, туку доаѓа и до опасна деградација на земјиштето на кое се депонира тој отпад. Еден од главните предуслови за органско производство е постоење на здраво земјиште. За создавање на плодно земјиште потребни се стотина години, а за негова деградација, само неколку месеци. Земјиштето е необновлив ресурс кој треба да овозможи производство на храна, која ќе биде квалитетна и пред сè здрава.

Во суштина компостирањето не е начинот на кој природата рециклира. Во природата ретко може да се пронајде поголемо купче органска материја во соодветен сооднос јаглерод-азот, со правилна влажност и проветрување. Природата не компостира, таа мулчира. Сепак, компостирањето е навистина природен начин на рециклирање - делување во согласност со природните процеси, нивно забрзување и насочување. Бездруго, во процесот на компостирање потребно е вклучување на човекот. Но тој може да се вклучи и со своите хемиски препарати или со своите машини погонувани на фосилни горива - може донекаде да држи вода аргументацијата дека генетски модифицираните организми или пак употребата на машините се во крајна линија “природни“ процеси произлезени од природата на човекот, но веројатно никој не тврди дека тоа е “природно“. Под “природно“ обично се подразбираат оние постапки и процеси со кои природата би се согласила. Иако онака од прва би можел да најдам забелешки и недостатоци, како во градскиот проект за компостирање така и во брошурата за компостирање, сепак во основа не можам да одам против она за кое природата има добро мислење. Затоа и мојата поддршка и пофалба за овие две случувања со компостирањето - одобрено од природата.
