За одредување на годината кога светското производство на нафта ќе го достигне својот врв peak oil на геолозите им требаат три основни податоци. Тоа се кумулативното производство – вкупното досегашно производство на нафта, нафтените резерви – количина нафта што може да се произведе од веќе постоечките нафтени полиња и можните неоткриени изворишта на нафта или нафта што се уште не е пронајдена. Останатото се математички формули, каде со логаритамски модел се добива задоволителна точност во одредувањето на нафтениот врв или плато. Клучот се влезните податоци.

слика: This chart shows world oil production up until 2004 with ASPO's predictions of what might occur afterwards. After a short plateau, it is expected to drop away (although it won't be as smooth as shown, of course). The comparisons with the Hubbert Curve are clear until the 1970s when the OPEC-induced oil crisis messed up the slope.
Source: ASPO
Она што највеќе ги интересира потрошувачите е цената и достапноста на течните горива. Тие се зависни од корелација на низа фактори, како што се понудата и побарувачката, состојбата на економијата, технолошкото ниво, политиката, итн. Во ценовните политики моделите на нафтениот врв треба да се прифатат од аспект на долгорочните трендови.
Повеќето јавно достапни податоци за нафтените резерви се добиени со прашалници направени со нафтените компании и владите ширум светот од страна на две специјализирани списанија, OIL & GAS JOURNAL и WORLD OIL. Колку се веродостојни податоците добиени преку овие прашалници? Како пример за сомнежот, да наведеме дека во 80-тите повеќето земји членки на ОПЕК драстично ги зголемија нафтените резерви ( од 42% до 197%) иако во тоа време немаа позначајни откритија на нови нафтени резерви. Повеќе извори посочуваат дека причината за ова зголемување на резервите лежи во квотите за производство, дефинирани од ОПЕК. Квотите за производство се директно изведени од нафтените резерви на земјите членки на ОПЕК. Колку повеќе пријавени нафтени резерви, толку повеќе можност за зголемено производтство.

слика: Табеларен приказ на ASPO прогноза од почетокот на 2008
Во 70-тите години од минатиот век повеќето јавно изнесувани податоци говореа дека нафтените резерви се соодветни за 30 - 40 години при тогашното ниво на потрошувачка. Доколку се покажеше точно, денес нафтените резерви би биле веќе исцрпени. Иако денес овие резерви се потрошени, ние повторно слушаме проценки за резерви доволни за 35 - 40 години со денешното ниво на потошувачка од 85 милиони барели дневно. Како е можно истовремено да имаме зголемена потрошувачка на нафта и зголемени резерви на нафта? Одговорот на ова прашање е во дефиницијата за нафтените резерви. Резервите не се физичка категорија, туку физичко-техничко-економска категорија.
Американците ги дефинираат нафтените резерви, според SEC, како нафта која е разумно возможно да се црпи од познатите постоечки ресурси, со позната технологија при моменталната економска состојба. Тоа се таканаречените “потврдени резерви“ proved reserves. Потврдените резерви ја одразуваат конзервативната количина на нафтата од постоечките нафтени полиња со што се одбегнува комерцијалната измама од страна на компаниите. Овие потврдени резерви се означуваат со Р90 (90% веројатност за црпење). Покрај потвредните резреви постојат и следниве категории резерви:
- probable reserves Р50 (50% веројатност за црпење) се резерви кои се возможни со оглед на геологијата на теренот и можните искуствено-статистички откритија на нафтени полња во близина на веќе постоечките изворишта, нафтени региони
- possible reserves Р10 (10% веројатност за црпење) се резерви кои се возможни и се уште неоткриени со оглед на некој статистички студии во однос на светот
Повеќето земји во светот под нафтени резерви ја подразбираат сумата од 100% Р90, 50% Р50 и 25% Р10, или
Р=Р90 + 0,5*Р50 + 0,25*Р10
Последните две категории, probable reserves Р50 и possible reserves Р10, се возможни, но се уште неоткриени резерви. Ова остава простор за грешка во точноста на резервите.
Постојат неколку начини да се зголемат нафтените резерви:
- Со откривање на нова нафта под земјата. Тоа подразбира, без промена на економските и техничките состојби на производство да се пронајдат нови нафтени извори.
- Со подобрување на технологијата и техниката на црпење. На овој начин имаме подобрена достапност и зголемено црпење на нафтата од веќе постоечките резервоари. Под ова не подразбираме забрзување во црпењето нафта, туку со имплементација на нови технологии имаме достапност на нафта од веќе постоечките резервоари која претходно не била достапна со старата технологија.
- Економски причини. Ако цената на нафтата е 25 УСД, а трошоците за производство се 35 УСД, ниедна компанија нема да влезе во произвоствен процес. Со сегашните цени на сировата нафта од над 70 УСД за барел многу нафтени резерви кои претходно од економски причини не биле во функција сега се вклучуваат во производство.
- Политички причини. Доколку некоја земја членка на ОПЕК, која има потреба од екстра приходи, сака да го зголеми производството, таа може да ги зголеми резервите на хартија. Или, друга можност, цените на акциите на нафтените компании се пропорционални со нивните резерви и постои можност од вештачко пумпање на резервите заради добивки на акциите. Интересен е примерот на SHELL кој во 2004 година ги намали резервите за 20% без никакви промени во законската регулатива.

До зголемување на нафтените резрви не се доаѓа само со откритија на нови нафтени наоѓалишта. Но што велат поедини геолози, професионалците чија работа е да ги оценуваат и проценуваат нафтените резерви? Неколкумина од нив, воглавно пензионирани и независни, имаат формирано здружение за проучување на нафтениот врв (peak oil), ASPO. Во својот последен месечник тие велат дека вкупните светски резерви на течни горива изнесуваат 2400 Gb. Вкупните резерви на конвенционална или таканаречената стандардна сирова нафта ASPO ги проценува на 1850 Gb, останатите 550 Gb потпаѓаат под нестандарните категории: нафта од длабоки води (deep water oil), поларна нафта (polar oil), тешканафта (heavy oil) и течен нафтен гас (LPG). Условите за црпење на нестандардната нафта се потешки со што производствената цена е поголема. Светот во последниве 25 години троши повеќе нафта отколку што ја пронаоѓа. Во 2005 година односот на потрошена и пронајдена нафта е 6:1, или на потрошени шест се пронаоѓа еден барел.

слика: нафтени откритија од минатото со предвидување на идните, заедно со потрошувачката, извор ASPO
Во услови на глобализација, кога повеќето земји се отворени за влез на големите нафтени компании во истражувачки проекти, притоа со малку откритија на нови нафтени полиња, годините до нафтениот врв peak oil се изброени. Нафтата е сепак конечен ресурс.