Posts Tagged ‘систем’

I Scream, You Scream, We All Scream for Ice Cream

Monday, June 13th, 2011

Да започнам со сцена од филмот "Down by Law" од Jim Jarmusch каде тројцата јунаци протестираат од затворската ќелија.

Луцидниот Сеад Џигал, коблогер  на оваа платформа, не почести со ислкучително интересен запис. Чуму протести? Првата причина поради која ми се допадна текстот е што Џигал говори за систем. Тоа е мое лично поле на интерес :) И втората причина е што текстот има еден клучен пасус кој ја погодува суштината на проблемот, не само во либерално граѓанскиот модел на државно управување. Коректната анализа и начинот на кој е пренесена пораката за причините и потребата за протестирање во систем базиран на граѓанинот е дополнителен плус.

Овие протести го разобличија тоа и стана јасно дека на Македонија повеќе од каква било промена на власт и треба промена на моделот на практикување на власта. Процесот на напуштање на партискиот монопол врз демократијата (подржан од корумпирани медиуми, инструментализирани НВОа, платени институти и интелектуалци, псевдо-експерти и др.) е неодложен. Се разбира, таа промена и давање „столче“ за граѓанинот во одлучувањето КАКО а не КОЈ владее нема да биде лесно, но тоа е право кое ни припаѓа и од кое граѓанинот не смее да се откаже. Постоечката партиска демократија нужно е да се придвижи кон вистинска граѓанска демократија, тоа им го должиме на поколенијата кои доаѓаат и за кои немаме оправдание ако за таа работа сме потрошиле 30 години од независноста.

За да се променат нештата треба да се промени како тие работат. Начинот претходи и го дефинира моделот. Со системски речник, за делотворен и функционален систем најпрво се менуваат функциите на елементите, а потоа се отстрануваат одредени непотребни елементи, или се воведуваат нови во зависност од системските потреби. Оваа здраворазумска водилка осекогаш сум ја застапувал низ годините на блогирање, сум ја туркал како непоходна мирудија во сите јавно понудени светогледи, и сум се борел за едно такво поаѓалиште во разбирањето. Симболично, со театарска терминологија, за да се промени нешто во претставата наречена живот, каде сите ние истовремено сме актери и публика, не секојпат со подеднакво стартно доделени билети и улоги, се менува пред се сценариото. Сценариото е тоа според кое се распределуваат улогите. Фокусот не е на замената на актерите, ниту е тоа сценографијата, ниту костумите. Сето тоа е второстепено. Тие може да се променат,  но не мора. Режисерот во претставата наречена живот се универзалните природни закони, или преносно, режесер е самиот Господ Бог.

Јас врескам, Ти врескаш, Ние сите врескаме за сладолед - мора да признаеме дека воопшто не звучи како треба. Иако преводот од англиски на македонски е технички коректен, негде попат се изгуби суштината и смислата на ова врескање.

These protests emphasized that Macedonia needs, more than any change of government, a change of the ruling model practiced by the elected political parties. The process of abandoning of the parties' monopoly on democracy (supported by the corrupted media, party affiliated NGOs, paid institutes and intellectuals, pseudo-experts and others) is inevitable. Of course, this change and giving "a chair" to citizens in deciding HOW and not only WHO is governing is not going to be easy as it requires the powerful to concede parts of their power, but it is a right which belongs to citizens and is a right they can’t give up. Moving from the existing Party Democracy to Citizen Democracy is essential move towards real democracy. This generation owes it to generations who come after us and for sure there will be no excuse if we spend 30 years of independence to secure this right.

Немам ништо против преведувачката слобода за што поверно да се пренесе смислата на текстот и неговата суштина, но во овој случај имам замерки. Инструментализирани НВОа ≠ party affiliated NGOs. Промена на моделот на практикување на власта ≠ change of the ruling model practiced by the elected political parties. Или обидете се да ја пронајдете оваа реченица од англискиот текст во македонскиот: No NGOs, no courts, no other institution was able to resist their plans and pursuing of their selfish interests.

На макдеонски е оставен простор инструментализаторот на НВОата и/или да бидат политичките партии. На англиски воопштениот “модел на практикување на власта“ директно преоѓа во модел практикуван од избраните политички партии. Преводителската слобода го покажува сиот раскош во онаа непостоечка додадена реченица која таксативно акцентира кој се не може да избега од партиските планови и нивните себични интереси. Да бидам јасен, неспорно е дека во политичкиот домен во центарот го имаме овој двоглав партиски модел на практикување на власта. Но дури овој модел со воведување на етно рамнината комотно може да го прошириме до 2+2 политички модел на практикување на власта. Системскиот модел може да го прошириме до општествено-политички, каде по природа на нештата може да ги сместиме НВОата како системски елемент со своја општествено-политичка функција. Та дури може системски и географски да рашириме до европски модел, светски општествен модел, затоа што Македонија не е изолиран остров и има свое взаемодејство и одредена системска поставеност во овие модели. Сумарно, македонското чуму се обраќаше кон конкретна тема и беше коректно во исказот со оставање простор за надградба понатамошни моделирања, додека англиското why преакцентираше, та дури додаваше,  до нарушување на изворните коректни ставови во однос на системското моделирање.

It`s Not The Fall

That Kills You

IT`s the Sudden Stop

Life is Limbo dance

but

It`s question where You get down

not

How low You can get

Ќе забележите дека ова е цепидлачење, непотребно завлекување во детали наспроти моментумот на упатената мобилизирачка порака и ургентноста на протестната акција. Сепак, да не заборавиме, ако сакаме да ги промените нештата треба да се промени како тие функционираат. Да се позанимавам малку со НВОата.

Во народот е добро познато која рака е одозгора, раката што прима или раката што дава? Можноста за инструментализација е кај раката што дава. Почетокот на делување на македонските НВОа е безмалку пар години по нејзината независност, рани деведесети. Тие воглавно се финансирани од надвор. Вообичаено се финансирани од страна на странски фондации, институти, организации и влади. Во последните неколку години се појавија НВОа ала Коце и ала Стефчо кои пренесуваат зад`ткани ставови на националните медиуми од пред селската чешма. Тие точно се препознаени како партиски инструменти за изнесување ставови и делување по општествени прашања каде политичката партија директно не може да делува заради јавната перцепција и заради глумата на функционален граѓански општвестен модел.  Но во однос на етаблираните во јавноста НВОа овие Стефчо-Коце НВОа се вистински џуџиња. Во однос на финансиите, по број на вработени, или минутажата и влијанието во јавните гласила, и по ред други параметри,  Стефчо и Коце се права смешка. И да повторам, раката што дава ги поседува инструментите.

Ако во економијата постојат монополи, олигополи, ако во политиката имаме двоглав еднопартсики систем на практикување на власта, или поточно 2+2 партиски ситем, дали во сферата на НВОата може да говориме за монопол или олигопол? Зарем не е претставува ФИООМ заедно со своите содружни по интерес и пратечки по финансии донатори своевиден невладин монопол каде е сконцентрирана моќта за општествено организационо делување. Немам точни и адекватни податоци за да се поткрепи оваа теза-прашање, но одговорот што лебди во воздухот наполно укажува на тоа. Невладините на Сорос преку изразитата финансиска издашност изразена во цифри е монопол во сферата на НВОата, и со тоа монопол во граѓанските организации и организираност по сиасет општествено-политички прашања.

Господинот Сорос по низа прашања и ставови е контроверзна личност.  Транспарентност, отвореност за дебата, кога се во прашање финасиите и од тука изведените вистински намери во општествениот живот, ретко, до постојаното никогаш, се на дневен ред или на јавен дебатен тапет за членовите на овие организации или пак на самите организации финансирани од Сорос. Инаку околу ова прашање можам со 101 пример да покажам и да го одбранам ставот дека поведението и делата на Г-дин Сорос во финансиската сфера се во дијаметрална спротивставеност со јавно декларираните негови заложби за демократија, контра тоталитаризмот и отвореност на општеството.  Хоризонтала наспроти вертикала, ракажувајте ми за тоа. Во оваа прилика еден мал цитат од устата на Сорос, каде наизменично дефилираат зборовите  - ред - контрола - архитектура - правила - ред - реконституција - систем, ма како да слушате зборови од устата на запален застапник на груевизмот :)

A new Bretton Woods conference, like the one that established the international financial architecture after World War II, is needed to establish new international rules, including treatment of financial institutions considered too big to fail and the role of capital controls. It would also have to reconstitute the International Monetary Fund to reflect better the prevailing pecking order among states and to revise its methods of operation.

In addition, a new Bretton Woods would have to reform the currency system. The postwar order, which made the U.S. more equal than others, produced dangerous imbalances. The dollar no longer enjoys the trust and confidence that it once did, yet no other currency can take its place.

Или доколку сметате дека Сорос и соросоидите се испукана тема, еве, имам илустративен пример со доскора невладиниот активист Артен Груби. Ако прочешлате на нет по јавно достапните активности на овој активист ќе видите чудна мешавина на евроатлантизам, НВО-изам, амбасадори, виски, партизам и каменици. Груби работел како преведувач и советник на Меѓународниот Суд во Хаг на случајот Милошевиќ, па малку советничка улога за НАТО, па невладина со ултра освестувачко име „Разбуди Се“ финансирана меѓудругите од американската амбасада во РМ, вработен во амбасадата на кралството Холандија, па главен организатор  на едниот табор и учесник во инцидентот со каменување на скопското кале, па кандидат за пратеник на ДУИ во ИЕ 2 на високото четврто место и како шлаг на торта истиот лани е украсен со титулата  “човек на годината“ на трговска фирма со акцизни стоки лоцирана во ТЦ Мавровка, застапник на брендот виски Џони Шетачот. Уште еднаш, да не заборавиме, раката што дава е инструментот, раката што прима е инструментализирана, илимити во подредена положба. Навистина не сум паметен кој од инструментите да го употребам во случајот на Артен Груби, ко во лабаратаоријата на Тесла да се наоѓам, само наместо електричен набој да го мерам општествениот потенцијал за невладино инструментарно искрење.

На една неформална блог средба токму во првичните денови на протестот „Плоштад Слобода“ го упатив прашањето до мои драги личности и пријатели, се уште ми се драги и ги сметам за пријатели иако ретко се гледаме и дружиме, учесници во тогашниот протестен собир - Зошто не му влепите шампита на Фрчко в лице за да покажете јавно и симболично пред камерите и пред јавноста дека немате врска со партии и партиската инструменатализираност?  Одговорот во оваа прилика нема потреба да го презентирам. Наместо тоа, забележувам дека во тековните протести на видно место се наоѓа паролата - Ние НЕ сме Партија. Секако дека е така. Воопшто не се сомневам. Но затоа во оваа прилика го поставувам прашањето - Зошто на протестите нема парола “Ние не сме Сорос“ или како подваријаната “ Ние не сме Милчин и неговите соросоиди“? Овој пат, шампитата плесната во фаца ја  оставам за медиумскиот мешетар Героски кој со својата мурдоковска острилка и неговиот фамилијарен однос “кај си бе пичка ти материна“ со низа претседатели и премиери оваа јавна шлаг мачканица потполно ја заслужува но никако да ја добие.

Јунаците од филмот "Down by Law" протестираа во затворот. Нашето бегство од затворот запишано во актуелниот филм “Згмечени од Системот“ многу тешко ќе оди. Во буквална смисла тоа е несреќниот случај со Мартин Нешковски , фигуративно и така вистински почувствувано според тоа како ни го сместил системот на повеќето од нас. По ова сценарио, за да се случи бегството од затворот најпрвин треба искрен карактер кој ќе ја раскаже својата вина за кмечење во системскиот затвор “тој пукаше во мене, јас пукав во него и го скинав.“ Дури потоа ќе следува патешествитето низ мочуриштето, сцената со ловењето на зајакот, засолништето и закрепнувањето во колибата на девојката. За крај, по филмското сценарио, ќе следува предизвикот на раскрсницата, каде секој од нас ќе тргне по сопствениот пат.

Славој Жижек - Living in the End Times

Sunday, January 24th, 2010
Холандскиот VPRO Tegenlicht пред десетина дена ја постави на увид кризта на западната либерална демократија, Агенда 2010: Живеење во крајните времиња според Славој Жижек. Уредниците го бомбардираат “Елвис на културната теорија“ со тазе слики од современиот свет со кои се допираат четирите главни теми во емисијата: економската криза, екологија, безбедносната криза и Авганистан и кризата на демократијата.

Првин малку за Жижек. Мариборчанин, истиот што ги аплоудираше видеата на ЈуТјуб, дава една препорака како треба да се чита Жижек.

Жижек прво директно на отворен начин развива одредена теоретска линија, со сите нејзини осцилации и слепи улички, и потоа преминува кон кодензација на резултатите до прецизност, своевидни компресирани формули. Во суштина, Жижековите предавања и книги се однесуваат како дискурсот на аналитичарот и анализираниот за време на третман. При предавањата, Жижек се однесува како анализираниот: тој слободно “другарува“ со, импровизира, прескокнува и скока, се обраќа кон публиката, која на тој начин е ставена во одредена улога на колективен аналитичар.

Ќе протрчам низ видео содржината. Познатиот инвеститор Џим Роџерс преку мулти екраните вели дека имаме недостаток на капитализам со што на дело во Западниот Свет имаме државен интервенционизам во форма на замаскиран социјализам, та дури комунизам, значи не во својата прокламирана идеолошка парадигма, туку по механизмите. Жижек тоа веднаш го отфрла. Токму напротив, по него, проблемот лежи во самиот систем на глобалниот капитализам, а овие ставови ги споредува со оние на фундаменталистите кои секогаш инсистират на изворните принципи, кои сите грешки и искривоколчувања ги врзуваат со застарнувања од првичните замислени појдовни постулати. Интересна е тукашната Блогерај паралела карактеристично застапена од комплементарните антиподи и кои љубат меѓусебно да полемизираат, обично неуспешно - блогот на Мара и блогот Капитализам. Она каде грешат е дека во многу нешта светот не е на истотот место од пред 150 години, но иљачот упорно се бара во држењето до чистиот капитализам, или антиподот, чистиот марксизам, без да се занемарат одредени вистини кои истите ги нудат.

Марк Фабер ни презентира темно сценарио со кое идните неминовни зголемени даноци ќе ја колабираат низ хиперинфлација економијата на САД и глобалната економија. Жижек не ја отфрла можноста за исход од едно такво сценарио, но, повторно, го пренесува фокусот на неговите мисли кон системот кој всушност ги произведува овие противречности. Истото се однесува и во барањето вина кај психолошките слабости на поедници, или воопшто современиот човек. Тоа се дефокусирања кон продуктите на системот, наместо кон системот, и кои се лесни и погрешни странпатици во проблематиката.

Всушност, оваа линија на Жижековиот интелектуален перформанс продолжува во однос на следните понудени прашања за екологијата, енергијата и за безбедносните прашања. Дури, ми се чини, колку поблиску се до него природните сојузници, во смисла на прокламираниот и посакуван комунизам со кој повремено се идентификува, толку тој станува побрутален. Бруталност која цели на разбивање на препознаените од него илузии. Жижек, оди до таму, повикува на целосно отфрлање на приодата. Ако Владимир Вернадски зборуваше за геосфера-биосфера-ноосфера, блиску но сепак далеку, Жижек радикализира со редефинирање во разбирањето на имиџите за геолошките времиња - од палоцен до антропоцен.

И да прејдам на кондензатот, лоциран во последните две видеа. Круцијалното прашање произлегува од препознаената состојба во современото општество на “беспокој од либералната демократија“ како елемент од глобалниот капитализам, тука донесен, со негови зборови, од убавиот наслов на Фројдовото дело „Das Unbehagen in der Kultur.“ Во центарот на либералната демократија од западен происход, Жижек, ги сместува политичките актери на демохристијанската десница и либералните социјалдемократи. Тие се политичките актери, удобно сместени популарни дрматори од актуелниот систем, и тие се генераторите на овој препознаен беспокој.

Кои општествено-политички сили ќе понудат одговор на овој препознаен немир? Жижек, тврди, дека тоа ќе биде крајната популистичка десница, додека, бунтува за отсаството на било каков видлив одговор на екстремната левица. Тој тука ја препознава главната опсаност и жестоко го критикува делувањето на современата левица, која со својата лежерност и неразбирање на подлабоките состојби во општества, всушност, им помага, и дури ги продуцира, овие непосакувани пројавувања на крајната десница.

Иако не ги гледа ниту ги препознава контурите на едно вакво левичарско мас-движење, сепак, Жижек, укажува каде тоа треба да се бара - вон државата и вон пазарните односи, со една препорачана карактеистика за висока социјална дисциплина. Како највидлива за западниот човек, тврди, ја препознава италијанската варијанта на “Гручо Маркс - авторитаризам“ олицетворена во ликот на Силвио Берлускони. За крај, Славој Жижек е категоричен во проспектите на западните општества, или Гручо тоталитаризам ала Берлускони или новиот комунизам, не заборавајќи преку формата на двојна негација да не потсети и да се заблогодари на холандските тв уредници за отстапениот простор за пропаганда.

Е сега малку од сопствениот шмек поглед. Зошто Жижек и зошто со ова? Без разлика што не сум негов голем фан, и веројатно нема да бидам, Жижек прецизно ја фокусира политичката жижа. Тука моите разлики повеќе се во формулациите, претставите. Тие разлики произлегуваат од погледот во вклучување и приоритизација на поинакви влезни елементи, но она што Жижек го нуди како кондензат за состојбата на општествено-политичката сцена цели токму во центарот на метата.

Зачудувачко е поклопувањето со пресликување во домашните состојби. Иако не е возможно занемарувањето на одредени наши специфики, како притисокот и замешателството од надвор за промена на името, геополитичкиото регионално втурнување и обликување на опшетството во формулата Западен Балкан, или внатрешната меѓуетничка поставеност во македонското општество, сепак, доколку се направи занемарување, контурите упатуваат на функционирање по моделот на едно вака формулирано западно општество. Блиско е препознавањето на двата носечки политички блока кои имаат единствено шминкерајски разлики во однос на системските фундаменти од глобалниот капитализам. Мало врдање се приметува кај десницата, и тоа повеќе во реториката, но безмалку непостоечка во делувањето кое би преиспитувало понешто од основите на глобалниот капитализам.

Жижек во својата улога етикета на “рок ѕвезда“ вешто си игра со трендот на се поголемата шупликавост на државата и испразнестост од нејзинате историски функции кои датираат со Договорот од Вестфалија. Но тој не оди во подлабоки анализи за причините, туку се задржува повеќе на појавноста на идниот Гручо Маркс - авторитаризам. Именувањето кое е поблиску до содржината, до појдовната есенција на овие политички појави, за мене поблиску може да се формулира преку - еко авторитаризам -, или во друга варијанта - пријателски фашизам. Можеби како “Елвис на културолошката теорија“ му приличи на Жижек анимацијата на публиката со цел да го привлече, задржи, и насочи, нејзиното внимание на допадлив начин за постојано да акцентира со кондензатот од сопствените размисли, немам ништо против, но доблесно е да нотирам дека кај него изостанува причинската анализа. Без неа нема ниту потпорни точки на кои би можеле да се обликуваат контурите на реално возможните излези, па нека се тие и предикатни во својата појдовност. Впрочем неможноста за согледување на контурите, барем низ јавниот настап, тој самиот ја потврдува, со што можеби Жижек сака да ја омекне стикер етикетата на “најопасниот филозоф на Западот“ - малку да шпекулирам :)

И ако се придржуваме до препораките на Жижек, за новото општествено движење кое треба да одговори на системската криза вон државата и вон пазарот, лесно се согледува исклучувањето на постоечкиот невладин сектор кој вообичаено се движи по системската магистрала омеѓена со странски или домашни донации. Оттука, килавоста и беззабието на левичарската идеолошка понуда, на домашен терен таа нема сили ниту политички да се етаблира туку љуби да игра преку невладиниот сектор, која не допира до поширокото граѓанство, можеби, се должи на нивната несоодветна реална применливост во современите општества на спектакли и циркусијади, каде десницата задира во подлабоката страта на идентификација, стравови и надежи. Уште повеќе, во видеото беше посочено, десницата дури превзема дел од левичарскиот вокабулар за свои потреби истиснувајќи ја на просторот на маргиналните културолошки прашања, како геј права или малцинства, додека десницата кај себе ги превзема класните прашања, па дури и екологијата.

Повикот, и потребата, на Жижек за ново радикално левичарско движење сигурно е упатен кон некого. Кому? Директниот одговор би можел да биде: кон неговата публика која предоминантно е интелектуална и академска публика со левичарска ориентација, но индиректниот одговор би можел да се препознае во продуктот од темните облаци кои се наѕираат на хоризонтот. Темните облаци ги нема во временската општествена прогноза, но Жижек не е единствениот кој ги најавува. Нивен продукт ќе биде масата на невработени и маргинализирани, обеспокоени и немирни. Тоа се идните приврзаници, подржувачи или членови на секое масовно движење, па и на екстремната десница.

И да не должам, се надевам дека доволно разбранував за размисла. Меѓудругото, овој запис би можело да биде одговор на тоа зошто на блогов нема да има записи со политичко-општествена тематика поставени во контекст на актуелната пардигма. За автори и мислители од типот на Жижек ќе се најде време и простор :) Но ова би можело да биде и одговор на прашањето зошто пермакултура? и зошто Ризом? Жижек сигурно го има интелектуалниот и материјалниот луксуз за поигрување, но многумина, каде припаѓам и јас, тоа го немаат. Подигнатата градинарска лопатка и организираната нехиерархиска ризом мрежа на самостојни јазли од поединци за мене претсавува потреба. За сега таа не е ургентна, но онака како го согледувам светот од ова место и од ова време, сепак ќе биде потреба.