Posts Tagged ‘систем’

Два Интелектуални Система: Материја-енергија и Монетарна култура

Sunday, October 11th, 2009
Два Интелектуални Система: Материја-енергија и Монетарна култура

(резиме, од M. King Hubbert)

За време на 4 часовното интервју со Стефан Б Ендрјуз, SbAndrews на worldnet.att.net, на 8 Март 1988 година, д-р Хуберт ја предаде следанва копија, која беше предмет на семинарно проучување, или учествувала во лабораторијата за енергија на MIT на 30 септември 1981 година.


Во моментов во светот индустриската цивилизација е хендикепирана со коегзистенцијата на два универзални, преклопувачки, и некомпатибилни интелектуални системи: акумулираното знање од последните четири века за својствата и меѓусебните односи на материјата и енергијата, како и придружната монетарна култура која се има развиено од народните наследства со предисториско потекло.

Првиот од овие два система е одговорен за спектакуларниот пораст на тековниот индустриски систем, главно во текот на последните два века, и е од суштинско значење за неговото продолжување. Вториот, добиен во наследство од преднаучното минато, работи по свои сопствени правила со многу малку заедничко со оние на системот материја-енергија. И покрај тоа,
монетарниот систем, со помош на лабавата спојка, наметнува општа контрола врз системот материја-енергија и врз кој е супериорно (прет)поставен.

И покрај нивните инхерентни некомпатибилности, овие два системи во текот на последните два века имаа една основна заедничка карактеристика, имено, експоненцијаленот раст, со што е овозможена нивна разумна и стабилна коегзистенција. Но, поради различни причини, невозможно е системот материја-енергија да го задржи експоненцијалениот раст за повеќе одошто неколку десетици удвојувања, и оваа фаза веќе е речиси завршена. Монетарниот систем нема такви ограничувања, и, според едено од неговите базични правила, тој мора да продолжи да расте согласно со каматата . Оваа разлика помеѓу монетарниот систем кој продолжува експоненцијално да расте и физичкиот систем кој не е во можност да го стори тоа, со текот на времето води до зголемување на паричната маса како системски произлез во однос на произлезот од физичкиот систем. Ова се манифестира како ценовна инфлација. Монетарна алтернатива која би одговарала на нулта стапка на раст би била нулта каматна стапка. Резултатот во секој случај ќе биде големата финансиска нестабилност.

Со ваквите односи наум, произлегува дека ќе следува преиспитување на еволуцијата на светскиот систем материја-енергија кој ќе кулминира во сегашното индустриско општество. Прашања кои тогаш ќе се земат во предвид во однос на иднината:

* Кои се можностите и ограничувањата наметнати од страна на материја-енергетскиот систем? блиску до оптимални услови за одржливост на човечковото општество?

* Дали ќе биде можно толку да се реформира монетарниот систем за да може да послужи како контролен систем за постигнување на овие резултати?

* Ако не, можно ли е да се смисли одговарачки контролен систем од не-монетарна природа кој ќе соодветствува на управливоста со напредниот индустриски систем?

Се чини дека сега сцената е поставена за критичкото преиспитување на овој проблем, и дека од ваквите иследувања, доколку катастрофичното решение може да се избегне, тешко ќе може да го избегнат појавувањето на она што историчарот на науката, Томас С. Кун, ја нарекува голема научна и интелектуална револуција.

*****

од англиски на македонски пренесено од тука


Песочно купче

Saturday, April 21st, 2007

Одамна беше, веќе и‘ не паметиме, кога светот го одредуваше едноставноста. Чувствуваме дека извесноста, сигурноста и предвидливоста за многу работи ни лизга како песок низ рацете. Велемајсторот Илја Пригожин (повеќе за него во некој нареден запис) го обзнани крајот на извесноста. Ова е време на комплексноста. Стариот добар детерминизам се чини неупотреблив во истражувањата на областите како, социолошките науки, невронските мрежи, климата, економијата, имунолошкиот систем, клетките, човечкиот мозок, итн, итн. Ова е време на нелинеарни динамички комплексни системи. Сосем прикладна е мислата на Steven Strogatz за тоа каде се наоѓаме: „Отприлика секоја декада доаѓа понекоја грандиозна теорија која носи слични аспирации и која се препознава со почетната К-буква. Во 60-тите тоа беше кибернетиката. Во 70-тите беше теоријата на катастрофите. Потоа дојде кхаос теоријата во 80-тите и теоријата на комплексноста во 90-тите.“

Мојата маленкост може единствено да направи обид да ја “свари“ комплексноста и да презентира овде дел од неа. Убавото е што во објаснување на комплексноста науката се служи со едноставни модели, не се воопшто комлексни. Еден од тие модели е песочното купче. Моделот е поставен во 1987 година од страна на физичарите Per Back, Chao Tang и Kurt Wieisenfeld. Замислете пуштање на едно по друго зрна од песок на одредена рамна површина. Наскоро се формира песочно купче. Со тек на времето додавањето на уште едно зрно песок ќе предизвика лавина. Повеќето лавини се мали, но понекогаш песочното купче до толку нараснува што пуштањето на едно зрно песок ќе го сруши целото купче на една страна. Експериментирањето со вистински песок е спор процес кој одзема доста време. Затоа физичариве направиле компјутерски програм кој ја врши оваа функција. Моделот е всушност нерамнотежен систем.

Какви резултати се добиени? Колкава е типичната големина на лавината? По многубројни повторувања на експериментот се доаѓа до заклучок дека нема типична лавина со типичен број на зрна песок во лавината. Резултатите се комплетно кхаотични во својата непредвидливост. Некогаш лавината се состои од неколку зрна песок, некогаш од десетина, стотина или илјадници зрна, додека понекогаш лавината се состои од милиони зрна песок и целата песочна планина се обрушува. Се чини во било кое време се‘ може да се случи.

За подобро разбирање на моделот со песочното купче физичарите направиле мал трик со боење. Таму каде песочното купче е релативно стабилно песочните зрна ги обоиле зелено, таму каде купчето е со поголема стрмнина, разбрано во смисла на лавините, зрната ги обоиле црвено. На почетокот кога ќе се погледне одозгора поголемиот дел од купчето е со зелена боја. Со растењето на купчето тоа се повеќе се зацрвенува и се формираат црвени површини. Овие црвени површини може да се поврзани меѓусебно. Со секое наредно зрно се зголемува можноста тоа да падне на црвените површини и да предизвика лавина. Имаме своевиден рбет на нестабилноста. Доколку оваа црвено обоена мрежа на површините е изолирана тогаш и лавините се помали, ограничени. Доколку рбетот е поголем, исповрзан меѓусебно, тогаш со паѓање на едно зрно на оваа површина возможна е голема лавина. Оваа хиперсензитивна состојба, изразито нестабилна, е наречена “критична состојба“. Во оваа состојба се возможни лавини од секаков вид. Тоа е состојба кога со сосема мала акција имаме можност за значителни промени. За подобро разбирање на критичната состојба, или точка, може да посочиме на појавата на премин на водата во нејзините агрегатни состојби, или како пример да земеме некој нуклеарни реакции.

Доаѓаме до најинтересното. Дали може по аналогија да се примени овој модел во други области каде имаме нестабилни ситеми со вакви особености? На пример тоа се случува во објаснување на земјотресите или појавата на природните пожари. А што е со објаснувањето на општесвените појави? Може да го објасниме почетокот на Првата Светска Војна, каде убиството на принцот Фердинанд од страна на Гаврило Принцип е само зрното песок што ја повлекло лавината, верижната реакција на настани, во состојба кога светот веќе се наоѓал во критична состојба. Очебијна е верижната реакција по појавувањето на карикатури во некојси безначаен во светски рамки дански весник која доведува до масовни протести на целиот исламски свет. Моделот е можност да се видат патеките и релациите во своето дејство таму каде претходно не се согледуваа.

Карактеристика на овие системи е сеприсутноста (Ubiquity). Сеприсутноста може да ја согледаме во берзанските пазари, еколошките системи, општествените системи. За овие системи важи power law distribution, каде колку е поголема силината на настанот, во случајот големината на лавината, толку е помала веројатноста од повторување на настанот, или во случајов лавината. Имаме парадоксална ситуација. Со повеќе помали нестабилности системот во поширок контекст се стабилизира, но тоа е само вовед во уште поголема нестабилност. Затоа не е лошо да се има на ум дека долгорочната стабилност на комплексните системи е само предуслов за идната голема нестабилност. Во комплексниот свет во кој живееме нема ништо стабилно, стабилна е само нестабилноста.