Posts Tagged ‘сон’

На работ од црната шума

Friday, March 6th, 2009

Митот е јавен сон и сонот е приватен мит. Ако твојот приватен мит, твојот сон, коинцидира со тој на општеството, тогаш ти си во согласност со твојата група. Доколку не е, ќе имаш пред тебе авантура во црната шума ... Визионерите, водачите, и хероите, се одалечуваат од општеството кое би ги заштитило, влегуваат во црната шума, во огнениот свет, на оригиналното искуство.

Оригиналното искуство не може да биде протолкувано за тебе, и ти ќе требаш да го одработиш твојот живот за себе. Тоа или можеш да го поднесеш, или не. Не мора да одиш многу далеку од толкуваните патеки за да се најдеш себеси во многу тешки ситуации. Храброста за соочување со тешкотиите и тие да се отелотворат во сосема нови возможности од доменот на толкувачките искуства за другите луѓе да ги искусат - тоа е херојско дело.

Joseph Campbell, Моќта на Митот

Сакам да покажам, не како човекот мисли преку митот, туку како митот дејствува на човековиот ум без неговата свесност за чинот.

Клод Леви Строс

Во основа на политиката е продажбата на митови. Тврдам оти комплексот митологии што се нуди на политичкиот пазар од страна на двете носечки партии е очајно слаб. Дури слободно би рекол, погубен. Кај мал дел од обете политичките раководства во лицето на креативниот кадар веќе постои сознание дека нешто на велико не штима. Не можат наполно да ги игнорираат светските потреси кои им ги клатат удобно сместените задници во хемероидно благопријатните фотељи. Навлезени се во митолошки ќорсокак. Тие се препелкаат фатени во замката на инерционите сили со купче непродуктивната залиха од стариот митолошки материјал во своите партиски магацини. Ускиот број луѓе што се врткаат околу политичките врвови, и фактот што самоиндетификацијата со политичките функции до екстрем се доживува како живот или смрт, никако не може да ја продуцира прекупотребната свежина. Проблемот е што нивната борба на живот или смрт упорно ја пренесуваат меѓу плебсот грчевито надевајќи се оти таму лежи спасението. Можеби привремено, како џанкерите си моментално си олеснуваат со појака доза.

Митот за Александар и митот за ЕУ, НАТО, такви како што тие ги продаваат, ќе бидат свлечени од надоаѓачките луњи на реалноста. Тикетите од игрите на среќа ќе бидат уплатени на гласачките места. Со пуштањето на гласачките ливчиња во кутиите плебсот ќе се отараси од одговорноста за посакуваните материјални побарувања. ДИК ќе го повлече синџирчето од колективното казанче. Испораката нема да пристигне. Игрите со смрадот ќе продолжат; подавање на жешкиот компир на вината, контролирање на незадоволството, насочување на гневот.

Ве интересира што понатака; некое чаре. Погледнете ја црната шума пред вас. Тоа или можеш да го поднесеш, или не. Најмалку, кампирајте на нејзините рабови и очекувајте ги повратниците.

:)

Сонот за Александар

Sunday, January 18th, 2009

Не сум точно сигурен за соновната појавност, но изгледа оти текстот што вчера го читнав од Вест, МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ МЕЃУ АНТИЧКОТО НАСЛЕДСТВО И НОВИТЕ МИТОВИ, може да има некаква врска со сонот што ноќеска го сонив. Сонот немаше име, ама ете оти мора некако да се именува, го крстив “Сонот за Александар“. Да не го изеде забот на времето, решив сонот да го споделам, да раскажам што сонив. Побргу да започнам, да не изветрее запаметеното. Еве го сонуваното:

Се наоѓам во голема долга просторија со наредена маса. Не е свадба, ама галамата и атмосферата ме потсетуваат на тоа. Бели чаршави, пепељари, прибор, чаши и возбуденост. Јас се шуткам горе-доле долж масата и не знам каде да седнам. Во еден момемнт Милчо Манчевски станува, се врти накај мене и ми вика “Ела Џаман, дојди седни тука.“ Инаку со Милчо во реалноста не се познавам. Сетики ова е сон.

Седнувам така до него и гледам во непосредна близина се заседнати Паско Кузман, Катарџиев, Ќулавкова, Ачкоска и ред други со големи глави. На чело на масата се наседнати од полтичката елита, Бранко, Грујо, Столе Андов и останатите важни политички човеци промешани со понекој банкар и олигарх. На другата страна не можев да го здогледам крајот на масата. Ниту пак можев конкретно  да видам некое познато лице. Сепак, на таа страна имааше бајги народ.

На масата се нагаѓаше што ќе има за вечера. Муабетите се разжестија. Пилешко или прасечко, мешана салата или ордевер, супа или чорба. И токму кога ми се стори полно од неподносливата дилема и кога веќе се готвев да си заминам без послужената вечера, на челото стана Грујо. Ја дигна чашата за наздравување, “За Александар.“ Светлата се пригушија и фанфарите ја најавија вечерата. Ми стана интересно кога видов дека келнерите се познати новинарски фаци. Се растрчаа вдолж масата со послужавници полни со весело печено. Неклкумина од најпознатите новинарски фаци заеднички носеа масивен послужавник со коњсака глава. Онака пицнати, стегнати, со лептир машни околу вратовите, ја ставија главата пред Грујо со зборовите, “Премиере, како што доликува, за Вас главата од Букефал!“

Ми текна на статијата од Вест и го прашав Милчо, “Што мислиш, како се препознава кои се букефалисти на масата?“ Милчо не стигна да одговори оти веднаш се вмеша Кантарџиев, “По коњската глава се .. “ Ушите почнаа да му растат, лицето му се издолжи, се појави грива и не успеа до крај да одговори.  Од карши Паско Кузман се насмеа и дофрли, “Не по коњската глава, по коњската опашка се .. “ и на него му се исчучулија уши, грива, опашка. На тоа присутните од масата почнаа да тропат со приборот. Едните почнаа да лупаат со вилушките по чиниите во знак на одобрување, а другите тропаа со лажиците во знак на негодување. Не можеше до крај да се препознае за што точно се препираат. Мислам оти беше за  менито, за вечерата.

Моите уши не можеа да го поднесат тропањето. Ако тоа беше малку поусогласено, со барем малку ритам, можеби, ама вака .. вака излегов на терасата за да испушам една цигара. Всушност цигарата беше џоинт. Вовлеков неколку димчиња задржувајќи го здивот. Наеднаш се појавија неколкумина нововерци нудејќи ми брошури за новата вера. Најнова. Онака, брошурите беа супер средени и имаше некои работи за кои човек може баш да се фати, но се уште бев под влијание на случките од собата. Не ми беше до тоа и глатко ги откачив. Дури тогаш нововерците ми промрчија за џоинтот и веднаш знаев дека ќе ме пријават во полиција.

Уште еден дим и избегав од терасата. Барав место кај да го фрлам џоинтот за да се ослободам од доказот. Се упатив кон кујната. Ја турнав каубојски вратата, кога внатре има што да видиш. Караманлис се наведнал над Алесандар и му пришива грчки симболи по неговото безживотно тело. До Краманлис мирно стојат Бериша, Тадиќ и Прванов и повремено нешто му сугерираат. Ептен се изнервирав и се затрчав кон нив со намера да ги спречам во бездушното сецирање на Александар. Тие кога ме видоа така гневен се заграбаа по Александар. Кој рака, кој глава, кој тело, кој нога, и почнаа да бегаат. Јас трк по нив.

Овие трчаа брзо, неколку пати побрзо од мене. Сепак успеав да видам низ која врата шмугнаа. Стигнав до таму. Се прибрав, упристоив и полека ја потурнав вратата. Внатре беше темно и задушливо. На округлата покерска маса со зелена чоја седеа Обама, Путин, Меркел, Ху Џин.. , такви играчи. Зад чадот од пурите, зад грбот на покерашите се криеа овие што ги гонев во сонот. “АЈде, ајде, не криете се.  Ајде сега сите, вадете се` што сте донеле“, им свикаа оние од масата. Бап, го истопорија Александар на масата. “Ајде, да не си играме криенка, вадете се` што оди со него“, инсистираа играчите од зелената маса. И бап, на масата се најдоа Букефал, долгото копје и штитот со сонцето од Кутлеш. Погледите заискрија.

Во следниот момент се слушна силно тропање на вратата. Нововерците и нивната полиција влегуваа од сите страни. Настана метеж. Пожар го зафати целиот комлекс. Во целата збрка успеав да го земам истоштениот Александар на рамо и зедно да побегнеме. Пожарот беше страшен. Сета земја гореше. Јас и Александар трчавме долго, долго. Во еден момент среде најсилните пламени јазици околу нас Александар застана и ме праша, “А Букефал, каде е?“ “Огнот го зема“, одговорив. “Ништо за тоа, нашите нозе сега се Букефал. А штитот со сонцето, каде е?“ “Огнот го зема“, повторно одговорив. “Ништо за тоа, сега сонцето тука ни е“, кажа Александар потупнувајќи ги градите. “А копјето?“ Ништо не проговорив. Смирено од неколку метри го пронижав Александар со остер поглед. Тој радосно ме погледна и благо климна со главата на дадениот одговор. Мојот сон за Александар заврши со погледот кон него. Пожарот стивнуваше. Легендата кротко заминуваше кон нејасаниот хоризонт.