Posts Tagged ‘тоталитаризам’

Слобода или кловновски фестивал!

Tuesday, September 28th, 2010

Поттикнат од последниот запис на вонредниот за домашни стандарди блог на Караџа ќе се обидам на сопствен начин, ум(л)есно :) , да ја продолжам дискусијата по вредните за дискусија прашања. Бидејќи постои опасност од претерано слободно ширење на веќе ионака раширениот комплекс од начнати прашања, за кои секако ќе треба серија записи, сега и тука преку примерот на блог слободата ќе се обидам да откријам дел од пошироката смисла на слобадата на поединецот и воопшто слободата во општественото современие.

Од личното до општото и назад кон личното. Секоја мисла, идеа, претстава доколку не е натопена во емоции е лажна. И кога говорам за сталинизам, фашизам, или југословенски социјализам до 70тите, можам да покажам емпатија со страдалниците и жртвите, да сочувствувам и да се обидам да разберам, но личното искуство е индиректно изведено, при што воопшто не ја потценувам најдиректната генерациски пренесена емоција. Па така, кога Караџа говори за општествените системи „Ние од оваа генерација помлади теоретичари сме прилично начисто кога станува збор за социјализмот како општествено – политички модел: сметаме дека тој е репресивен, дека во неговите рамки не се исполнуваат човековите рамки(права) и слободи и тој не е најдобриот политички облик, кој(либерална демократија) ако не е најдобар, тој е најмалку лош од сите општествени облици“ неговиот став ми е сосем приемчив за рациото, но сепак со емоцијата нешто не штима. Во пронаоѓањето на кваката за “нештимањето“ можеби сосем добро да послужи “тој е најмалку лош од сите општествени облици“ кој уклапа со кваката од за “најмалку лошиот самоуправен социјализам“ од екс ЈУ социјализамот, каде и тој систем имаше “доблест да ги признае“ и оправда општествените фалинки. Но вообичаено го избегнувам вака поставениот дискурс кон општествените системи, напросто тоа е дел од она што не штима, се чини застарен, не нуди пробив и расветлување на современието. И верувам дека Караџа ќе се сложи со ова. ББЦ статијата со поставените новинарски прашања и приод кон темата повеќе егземпларно ја покажува намерата за дискурсно вкалапување во теоретската орвел поставка за тоталитарноста на општествените системи која им лежи на постарите интел. кадри, додека на теренското јаве ние веќе некое време сме искчекориле и живееме во хакслиевиот храбар нов свет, особено помладите од 40 години.

What Orwell feared were those who would ban books. What Huxley feared was that there would be no reason to ban a book, for there would be no one who wanted to read one. Orwell feared those who would deprive us of information. Huxley feared those who would give us so much that we would be reduced to passivity and egoism. Orwell feared that the truth would be concealed from us. Huxley feared the truth would be drowned in a sea of irrelevance. Orwell feared we would become a captive culture. Huxley feared we would become a trivial culture, preoccupied with some equivalent of the feelies, the orgy porgy, and the centrifugal bumblepuppy. As Huxley remarked in Brave New World Revisited, the civil libertarians and rationalists who are ever on the alert to oppose tyranny "failed to take into account man's almost infinite appetite for distractions."

Превртено, француските професори знаат да кажат “доста со пракса, дајте ми теорија.“ Одговорно тврдам дека Париз е далеку, ова е Балкан. Чисто онака, од практични причини, теоретското дефинирање на слободата го оставам да егзистира во Франција, каде од оригиналната парола “слобода, еднаквост, правда или смрт“ е исфрлено “или смрт“ затоа што македонскиот републиканизам нужно метафизички го редуцира до “слобода или смрт.“

И навистина, за слободата да не остане предмет на занимација на академските кругови треба да се пронајдат практичните апликации, нејзиното отелотворување во реалноста. Што претставува таа за поединецот и како тој ја практикува?

Тука ќе се обидам преку примерот со блог слободата. За таа цел обилно ќе позајмам од ставотезата на Нејт Хагенс изнесена во записот Clown Fest , со сета слобода на нет пиратеријата и интерпретација, без срам и без вообичаената измама со скоцкано цитатно прикривање на сопствена безставност со кое се служи, исто така обилно, широко распространетата интелектуалната импотенција. Ќе си умислам дека имам одредено стеканато право на кловновската метафора заради претходното коментирањето со жижековите жонглирања пред воопшто да го посетам кловновскиот фестивал на Нејт :)

Чекорам вака, ширењето на интернетот донесе на дофат огромен мемеплекс од информации, анализи, увиди; и блогови. Оваа придобивка во менталната и социјална слобода изразена преку опсегот на можностите во сајбер просторот доведе до брз раст во самоизразувањето. Иронично, овој комплекс на сајбер пејсажот постои истовремено со забрзувањето на вистинските кризи во економијата, енергетиката, екологијата, трипл Е на глобален план. За поразговетна домашна слика, дополнително на стандардната криза за транзиционите источноевропски земји во развој како чир дразни политичко идентитетната проектирана и наметната криза.

Стекнувањето социјален статус е примарен двигател во животинскиот свет и останува клучен двигател во човечките групи и општествените заедници. Само по себе ништо лошо. Во почетоците на блогирањето тоа се одвиваше спонтано во голема мера со взаемно почитување и воглавно почитување на основните непишани правила на однесување. Оние кои беа најречити, најубедливи, најинтересни во една релативно ограничена група на блог ентузијасти прилично објективно се здобиваа со социјалниот блог статус. Никој не блогираше за пари. Со сите слабости и детски болести, од линкање преку коментари та дури до место на насловната, целиот процес на востановување на блог заедницата имаше доволна доза на објективност.

Повеќето луѓе се пристојни и пасивни. Но постојат и непристојни и наметливи. Она што кај нас е познато како “дојдоа диви, истераа питоми“ во економијата е познато како Грешамов закон "Bad money drives out good." Со тек на време како се повеќе луѓе се вмрежуваа, ги совладуваа техниките и знаењата за блогирање, неминовно се зголемуваше и бројот на неразумните. А еден неразбран има капацитет да растера 10 разбрани. Од будалиот и пијаниот бега.

Лека полека, блогот и интернетот стана прибежиште за пропагандисти и проповедници, алтруисти и измамници, рицари и кловнови. Блог шум, неквалитет и его оргија под превезот на анонимноста станаа правило наместо исклучок. Општеството на спектакли, циркусот од реалноста се пренесе во виртуелниот простор. Паралелно хакслиевиот храбар нов свет се збогатува со грото од секоја наредна генерација што зачекорува во зрелоста со истрениран павлов рефлекс на инстант гратификација, со мал временски опсег на задржување на вниманието и без способности за истрајност и подлабоки теоретски и животни конструкти.

Главната причина за завршетокот на таканаречениот златен период на Блогерај, каде придобивките од виртуелната социјалната интеракција од рефлектираното, осознаето, и споделено, напати знаеше да се претвори во задоволство со новостекнати реални пријателства и познаства, не лежи во отсаството на акутно дразнење на чирот, политичките регрутации и инфилтрации, истрошеноста на блогерите и темите, тоа се или ефемерни, или споредни причини, туку над се во глобалниот социјален фестивал на кловнови. Појавата на Фејсбук - тоа е само циркус над циркусите. Мега циркус. Кловновите, тие се насекаде.

И кога Трендо вели “блогерајот го убија идиоти, а го погребаа кукавици“ тој е само делумно во право. Точно, светот наликува на оној од филмот Идиократија, но блогерајот живее со идиотите, како и секоја поширока социјална мрежа. А кукавиците се кукавици затоа што не се елитисти. Блогерајот, онaков каков беше е можен само со елитисти. И затоа не барајте од мене да не бидам елитист. Напротив, барајте да бидам уште поголем елитист. Повремено сум крал, ако не сте забележале :)

После се`, каде е слободата? Во практична смисла што е слободата? Како да ја практикувам блог слободата?

Значи, кога востановеното и доминантно разбирање дека блогерајот ја рефлектира реалноста, го преобратувам во спротивното, реалноста се рефлектира во блогерајот, велам дека мојата слобода да ги осуштествам своите стремежи е нападната од фестивалот на кловнови. Слободата за креација и експресија е нападната.

И уште една битна работа. Немам време за уште неколку, но имам интересен одговор на следново од Караџа,

Денес е социјалчно чувствително општественото живеење, ни никој не може да те грабне од дома, оти некој му рекол оти си рекол нештоо, и да те однесе на ридот и да пука во тебе и во тие со тебе; па оти рикааш од бол по спас и гнев од бесмисла, да почне со токмак глава, по глава, за врева да нема, само оти поинаку мислиш дека треба да се ораганизра општеството. Денес манупулираат властодржците како никогаш до сега, но денес никој не може да дојде дома и да те избрка од куќата и ко паланечки паша со несоблечени чизми да се втурне во твојата послтела.

во петте минути со Полковникот Курц од Апокалипса Сега

петте минути со полковник Курц

“имаш право да ме убиеш, имаш право на тоа .. но немаш право да ми судиш“

Славој Жижек - Living in the End Times

Sunday, January 24th, 2010
Холандскиот VPRO Tegenlicht пред десетина дена ја постави на увид кризта на западната либерална демократија, Агенда 2010: Живеење во крајните времиња според Славој Жижек. Уредниците го бомбардираат “Елвис на културната теорија“ со тазе слики од современиот свет со кои се допираат четирите главни теми во емисијата: економската криза, екологија, безбедносната криза и Авганистан и кризата на демократијата.

Првин малку за Жижек. Мариборчанин, истиот што ги аплоудираше видеата на ЈуТјуб, дава една препорака како треба да се чита Жижек.

Жижек прво директно на отворен начин развива одредена теоретска линија, со сите нејзини осцилации и слепи улички, и потоа преминува кон кодензација на резултатите до прецизност, своевидни компресирани формули. Во суштина, Жижековите предавања и книги се однесуваат како дискурсот на аналитичарот и анализираниот за време на третман. При предавањата, Жижек се однесува како анализираниот: тој слободно “другарува“ со, импровизира, прескокнува и скока, се обраќа кон публиката, која на тој начин е ставена во одредена улога на колективен аналитичар.

Ќе протрчам низ видео содржината. Познатиот инвеститор Џим Роџерс преку мулти екраните вели дека имаме недостаток на капитализам со што на дело во Западниот Свет имаме државен интервенционизам во форма на замаскиран социјализам, та дури комунизам, значи не во својата прокламирана идеолошка парадигма, туку по механизмите. Жижек тоа веднаш го отфрла. Токму напротив, по него, проблемот лежи во самиот систем на глобалниот капитализам, а овие ставови ги споредува со оние на фундаменталистите кои секогаш инсистират на изворните принципи, кои сите грешки и искривоколчувања ги врзуваат со застарнувања од првичните замислени појдовни постулати. Интересна е тукашната Блогерај паралела карактеристично застапена од комплементарните антиподи и кои љубат меѓусебно да полемизираат, обично неуспешно - блогот на Мара и блогот Капитализам. Она каде грешат е дека во многу нешта светот не е на истотот место од пред 150 години, но иљачот упорно се бара во држењето до чистиот капитализам, или антиподот, чистиот марксизам, без да се занемарат одредени вистини кои истите ги нудат.

Марк Фабер ни презентира темно сценарио со кое идните неминовни зголемени даноци ќе ја колабираат низ хиперинфлација економијата на САД и глобалната економија. Жижек не ја отфрла можноста за исход од едно такво сценарио, но, повторно, го пренесува фокусот на неговите мисли кон системот кој всушност ги произведува овие противречности. Истото се однесува и во барањето вина кај психолошките слабости на поедници, или воопшто современиот човек. Тоа се дефокусирања кон продуктите на системот, наместо кон системот, и кои се лесни и погрешни странпатици во проблематиката.

Всушност, оваа линија на Жижековиот интелектуален перформанс продолжува во однос на следните понудени прашања за екологијата, енергијата и за безбедносните прашања. Дури, ми се чини, колку поблиску се до него природните сојузници, во смисла на прокламираниот и посакуван комунизам со кој повремено се идентификува, толку тој станува побрутален. Бруталност која цели на разбивање на препознаените од него илузии. Жижек, оди до таму, повикува на целосно отфрлање на приодата. Ако Владимир Вернадски зборуваше за геосфера-биосфера-ноосфера, блиску но сепак далеку, Жижек радикализира со редефинирање во разбирањето на имиџите за геолошките времиња - од палоцен до антропоцен.

И да прејдам на кондензатот, лоциран во последните две видеа. Круцијалното прашање произлегува од препознаената состојба во современото општество на “беспокој од либералната демократија“ како елемент од глобалниот капитализам, тука донесен, со негови зборови, од убавиот наслов на Фројдовото дело „Das Unbehagen in der Kultur.“ Во центарот на либералната демократија од западен происход, Жижек, ги сместува политичките актери на демохристијанската десница и либералните социјалдемократи. Тие се политичките актери, удобно сместени популарни дрматори од актуелниот систем, и тие се генераторите на овој препознаен беспокој.

Кои општествено-политички сили ќе понудат одговор на овој препознаен немир? Жижек, тврди, дека тоа ќе биде крајната популистичка десница, додека, бунтува за отсаството на било каков видлив одговор на екстремната левица. Тој тука ја препознава главната опсаност и жестоко го критикува делувањето на современата левица, која со својата лежерност и неразбирање на подлабоките состојби во општества, всушност, им помага, и дури ги продуцира, овие непосакувани пројавувања на крајната десница.

Иако не ги гледа ниту ги препознава контурите на едно вакво левичарско мас-движење, сепак, Жижек, укажува каде тоа треба да се бара - вон државата и вон пазарните односи, со една препорачана карактеистика за висока социјална дисциплина. Како највидлива за западниот човек, тврди, ја препознава италијанската варијанта на “Гручо Маркс - авторитаризам“ олицетворена во ликот на Силвио Берлускони. За крај, Славој Жижек е категоричен во проспектите на западните општества, или Гручо тоталитаризам ала Берлускони или новиот комунизам, не заборавајќи преку формата на двојна негација да не потсети и да се заблогодари на холандските тв уредници за отстапениот простор за пропаганда.

Е сега малку од сопствениот шмек поглед. Зошто Жижек и зошто со ова? Без разлика што не сум негов голем фан, и веројатно нема да бидам, Жижек прецизно ја фокусира политичката жижа. Тука моите разлики повеќе се во формулациите, претставите. Тие разлики произлегуваат од погледот во вклучување и приоритизација на поинакви влезни елементи, но она што Жижек го нуди како кондензат за состојбата на општествено-политичката сцена цели токму во центарот на метата.

Зачудувачко е поклопувањето со пресликување во домашните состојби. Иако не е возможно занемарувањето на одредени наши специфики, како притисокот и замешателството од надвор за промена на името, геополитичкиото регионално втурнување и обликување на опшетството во формулата Западен Балкан, или внатрешната меѓуетничка поставеност во македонското општество, сепак, доколку се направи занемарување, контурите упатуваат на функционирање по моделот на едно вака формулирано западно општество. Блиско е препознавањето на двата носечки политички блока кои имаат единствено шминкерајски разлики во однос на системските фундаменти од глобалниот капитализам. Мало врдање се приметува кај десницата, и тоа повеќе во реториката, но безмалку непостоечка во делувањето кое би преиспитувало понешто од основите на глобалниот капитализам.

Жижек во својата улога етикета на “рок ѕвезда“ вешто си игра со трендот на се поголемата шупликавост на државата и испразнестост од нејзинате историски функции кои датираат со Договорот од Вестфалија. Но тој не оди во подлабоки анализи за причините, туку се задржува повеќе на појавноста на идниот Гручо Маркс - авторитаризам. Именувањето кое е поблиску до содржината, до појдовната есенција на овие политички појави, за мене поблиску може да се формулира преку - еко авторитаризам -, или во друга варијанта - пријателски фашизам. Можеби како “Елвис на културолошката теорија“ му приличи на Жижек анимацијата на публиката со цел да го привлече, задржи, и насочи, нејзиното внимание на допадлив начин за постојано да акцентира со кондензатот од сопствените размисли, немам ништо против, но доблесно е да нотирам дека кај него изостанува причинската анализа. Без неа нема ниту потпорни точки на кои би можеле да се обликуваат контурите на реално возможните излези, па нека се тие и предикатни во својата појдовност. Впрочем неможноста за согледување на контурите, барем низ јавниот настап, тој самиот ја потврдува, со што можеби Жижек сака да ја омекне стикер етикетата на “најопасниот филозоф на Западот“ - малку да шпекулирам :)

И ако се придржуваме до препораките на Жижек, за новото општествено движење кое треба да одговори на системската криза вон државата и вон пазарот, лесно се согледува исклучувањето на постоечкиот невладин сектор кој вообичаено се движи по системската магистрала омеѓена со странски или домашни донации. Оттука, килавоста и беззабието на левичарската идеолошка понуда, на домашен терен таа нема сили ниту политички да се етаблира туку љуби да игра преку невладиниот сектор, која не допира до поширокото граѓанство, можеби, се должи на нивната несоодветна реална применливост во современите општества на спектакли и циркусијади, каде десницата задира во подлабоката страта на идентификација, стравови и надежи. Уште повеќе, во видеото беше посочено, десницата дури превзема дел од левичарскиот вокабулар за свои потреби истиснувајќи ја на просторот на маргиналните културолошки прашања, како геј права или малцинства, додека десницата кај себе ги превзема класните прашања, па дури и екологијата.

Повикот, и потребата, на Жижек за ново радикално левичарско движење сигурно е упатен кон некого. Кому? Директниот одговор би можел да биде: кон неговата публика која предоминантно е интелектуална и академска публика со левичарска ориентација, но индиректниот одговор би можел да се препознае во продуктот од темните облаци кои се наѕираат на хоризонтот. Темните облаци ги нема во временската општествена прогноза, но Жижек не е единствениот кој ги најавува. Нивен продукт ќе биде масата на невработени и маргинализирани, обеспокоени и немирни. Тоа се идните приврзаници, подржувачи или членови на секое масовно движење, па и на екстремната десница.

И да не должам, се надевам дека доволно разбранував за размисла. Меѓудругото, овој запис би можело да биде одговор на тоа зошто на блогов нема да има записи со политичко-општествена тематика поставени во контекст на актуелната пардигма. За автори и мислители од типот на Жижек ќе се најде време и простор :) Но ова би можело да биде и одговор на прашањето зошто пермакултура? и зошто Ризом? Жижек сигурно го има интелектуалниот и материјалниот луксуз за поигрување, но многумина, каде припаѓам и јас, тоа го немаат. Подигнатата градинарска лопатка и организираната нехиерархиска ризом мрежа на самостојни јазли од поединци за мене претсавува потреба. За сега таа не е ургентна, но онака како го согледувам светот од ова место и од ова време, сепак ќе биде потреба.