Posts Tagged ‘влада’

Владина Градина

Saturday, December 6th, 2008

Ставен во дилема дали да ги подржувам и оправдувам владините кампањи за одредени општествени прашања, или да се приклучам кон опозицијата во обвинувањата за претераното трошење пари за во основа политичките кампањи на владата, се одлучив за нешто трето. Инспириран од Roger Doiron и неговата кампања „Eat the View“, која бара тревникот пред Белата Куќа да се претвори во градина, се одлучив да терам слична сопствена домашна кампања за тревникот пред владата да се претвори во градина.  Кампањата ќе оди под кечи името - Владина Градина.

Кампањите од овој вид обично добро проаѓаат за време на големи кризи, така да, тајмингот сигурно ќе биде погоден. На пример, Елеонор Рузвелт во 1942 тревникот од Белата Куќа го претвори во градина со што даде пример на милиони американци за време на Втората Светска Војна да го сторат истото, за да кон крајот на војната 40% од свежата храна во Америка се собира од сопствениот двор. Со локалниот приод кон одгледувањето на храната се избегнува километражата за превоз и употребената енергија за преработка.  Храната е сочна, свежа, вкусна и на дофат на рака. Ако притоа се пристапи кон органскиот начин на градинарење и се прифатат понекои од принципите на пермакултурата, тогаш придобивките ќе бидат уште поизразени.

Но бидејќи се работи за Владина Градина, нема да биде кусок ако се истакнат некои од економските погодности од кампањата: намалување на трговскиот дефицит со намалениот увоз на храна, заштеди во енергетскиот биланс, заштеди во домашниот буџет, и да не говориме за подобреното здравје на граѓанството. Во Валдината Градина по секоја цена не мора да се најдат доматите, краставиците и пиперките. Наместо конкуренција на струмичани, може да се насади бамија, ретки сорти на грав, од овошје - круши, како и други дефицитарни замјоделски производи. Имиџот и политичките поени со правовременоста на кампањата се гратис, затоа што без сомнение Обама во некоја форма ќе ја прифати оваа идеја.

Ако поради самопрегорност и презафатеност со државнички работи Груевски не може со личен пример да ја турка кампањата и градината, тогаш по примерот на Елеонор таа улога би можела да ја превземе Бранкица. Во случај да се појават некакви потешкотии спремен сум да помогнам со споделување на знаење или како работна рака во замена за малечок дел од бербата. И, за забрзување на кампањата и покажување доза (не)сериозност можам да излезам во пресрет на кампањата со предлог локацијата за Валдината Градина.

Скоро сум сигурен дека кампањата “Владина Градина“ ќе биде подржана од опозицијата и останатите домашни општествено-политички чинители, ако не за друго туку заради мерливоста на градинарските плодови. Не знам зошто, но веќе ми се јавува сликата како Макрадули сади тикви, Бучковски како кове колци за врзување домати, како Ставревски отворил фарма со ноеви, Љубчо како бере бостан, Ѕинго како оре со волови во тазе овоштарникот со јапонски јаболка. И дипломатскиот кор во земјава сигурно ќе ја поддржи кампањата, Фуере веројатно со компостирање, а Рикер со одгледување шитаке печурки во слободниот подрумски простор од новата американска амбасада.

За жал, поради недостаток на финансиски средства ќе го позајмам промотивното видео од Роџер со кое тој ја туркаше сопствената кампањата "Eat the View".

пс. Овците на крајот од видеото се пука случајност